Нема научни докази дека глуварчето и сода бикарбоната убиваат клетки на рак
Нема научни докази дека глуварчето и сода бикарбоната убиваат поголем дел од ќелиите на ракот во првите 48/72 часа. Коренот од глуварче се користи во традиционалната медицина за широк спектар против разни заболувања, но не е докажано дека лекува или спречува рак.
Нема научни докази дека глуварчето и сода бикарбоната убиваат поголем дел од ќелиите на ракот во првите 48/72 часа. Коренот од глуварче се користи во традиционалната медицина за широк спектар против разни заболувања, но не е докажано дека лекува или спречува рак. Исто така, не постојат реномирани медицински студии што покажуваат дека сода бикарбона делува како терапија против рак
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Внимание!!! Наместо да ве убиваат верувајте во мајката природа. Ако нешто ви значи животот на вашите деца и вас. Пример: глуварчето и сода бикарбоната убиваат поголем дел од ќелиите на ракот во првите 48-72 часа а не хемотерапијата која ви осигурува спора и скоро 90 проценти најлошото.
Нема научни докази дека глуварчето и сода бикарбоната убиваат поголем дел од ќелиите на ракот во првите 48/72 часа. Како што пишуваат проверувачите на факти на Сноупс, коренот од глуварче се изучува за можни антиканцерогени својства, но нема апсолутно никаков доказ дека уништува огромен процент од клетките на ракот за 48 часа.
Иако лабораториските студии во кои биле користени клетки надвор од живо суштество и клетки кај глувци, покажаа одредени антиканцерогени ефекти, ова не е повторено кај луѓето, пишуваат проверувачите на факти од Фулфект.
Објавата не го наведува изворот на споделената информација, но како што пишуваат проверувачите на факти „Сноупс“ и „Ју-Ес-Еј Тудеј“, веб-страницата „Хелт Етернали“ во 2016 година објави статија со наслов: „Научниците пронајдоа корен што убива 98 отсто од клетките на ракот за само 48 часа“. Текстот во „Health Eternally“ не се повикува на никакви научни статии, но конкретното тврдење во врска со смртта на клетките на ракот во рок од 48 часа потенцијално потекнува од студија на Универзитетот во Виндзор од 2016 година, која покажа дека 95 отсто (не 98 отсто) од клетките на ракот на дебелото црево биле уништени во рок од 48 часа од третманот со екстракт од корен од глуварче.
Оваа студија покажа зголемена смртност на клетките на ракот во лабораториски студии и намален раст на туморот кај глувци кои го земале екстрактот. Но, важно е што оваа студија не го тестирала екстрактот кај луѓе, пишуваат проверувачите на факти на Фулфект.
Веб-страницата на Центарот за рак „Меморијал Слоун Кетеринг“ со седиште во САД објаснува дека глуварчето долго време се користи во традиционалната медицина за широк спектар против разни заболувања. Сепак, се истакнува дека „не е докажано дека глуварчето лекува или спречува рак“.
Исто така, бидејќи глуварчето има влијание врз активноста на хормонот естроген, се предупредува дека всушност може да го зголеми растот на одредени видови на рак чувствителни на хормони.
Нема научни докази дека екстрактот од глуварче е корисен третман за рак кај луѓето. Секој потенцијален нов третман треба да помине низ ригорозни испитувања кај луѓето пред да се утврди неговата безбедност и ефикасност, доколку ги има. Топло би им препорачале на сите што размислуваат да земаат каков било додаток или недокажан третман, прво да разговараат за ова со својот лекар, изјави за Фулфект Мартин Ледвик од Cancer Research UK.
Сода бикарбона се користи за многу работи (на пример за ублажување на желудечната киселина киселина или во домаќинство), но не постојат реномирани медицински студии што покажуваат дека сода бикарбона делува како терапија против рак. Некои веб-страници „препишуваат“ здравствени „рецепти“ за рак со сода бикарбона кои не се базирани на факти и тие немаат научна поддршка.
Нема убедливи клинички докази дека сода бикарбоната сама по себе може да го излечи ракот. Човечкото тело цврсто ги регулира своите нивоа на pH, а едноставното внесување сода бикарбона не ја менува оваа системска рамнотежа, ниту го спречува развојот на ракот. Затоа, тврдењата дека сода бикарбона ефикасно го лекува ракот остануваат недокажани и треба да им се пристапи со претпазливост, пишува Онкодејли.
Научните докази кои се достапни, покажуваат дека пациентите со канцер кои одбираат само алтернативни терапии, умираат побрзо отколку тие што користат тестирани третмани. Според онкологот Давид Горски, поверојатно е дека стандардните третмани се одговорни за подобрувањето, заедно во комбинација со среќната околност дека туморите не биле агресивни.
Сепак, постојат негативни искуства поврзани со користење на алтернативна терапија за лекување на карцином.
Модерната медицина користи повеќе пристапи во третманот на ракот во зависност од типот и стадиумот на болеста:
- Хирургија – отстранување на туморот.
- Хемотерапија – лекови што ги уништуваат клетките на ракот.
- Радиотерапија – зрачење со висока енергија за уништување на клетките.
- Имунотерапија – го стимулира имуниот систем да го препознае и уништи ракот.
- Таргетирана терапија – лекови кои делуваат на одредени молекули во раковите клетки.
Хемотерапијата се користи во лекувањето на карциномот уште од 1940 година, а голем развој доживува во седумдесеттите години благодарение на откривањето на многу нови лекови.
Хемотерапијата подразбира аплицирање лекови во вена или орално, чија цел е уништување на канцер клетките, при што најчесто се комбинираат повеќе цитостатски препарати со различен механизам на дејство. Според клиниката Мајо, хемотерапијата најчесто се користи за да се третира карцином, поради тоа што клетките на ракот растат и се размножуваат многу побрзо отколку најголемиот дел од клетките во телото. Многу различни лекови за хемотерапија се достапни. Тие може да се користат самостојно или во комбинација за да се третираат различни видови карциноми. Иако хемотерапијата е ефективен начин за да се третираат многу видови на карцином, таа со себе носи и ризик од несакани ефекти. Некои несакани ефекти од хемотерапијата се благи, но други може да предизвикаат сериозни компликации.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар