Нема никаков план за намерно вакцинирање на луѓе и животни за да се уништи човештвото

Фото: vectore_Pixabay

Објавата споделува мноштво непоткрепени и веќе дебанкирани тврдења во врска со пандемијата на ковид-19 и вакцините. Наспроти тврдењата дека коронавирусот и пандемијата се измислени, овој вирус во светски размери одзеде многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти. Не постоел никаков однапред подготвен план за пандемија и за вакцинирање на луѓето, ниту пак, постои некаков план за давање мРНК вакцини на животни со цел преку консумацијата на нивното месо тие да навлезат во крвта на луѓето. Што се однесува до мРНК технологијата во развивањето на вакцините, таа воопшто не е штетна и нема никакво влијание врз нашата ДНК, како што тоа сакаат да го прикажат најчесто антиваксерите

Објавата споделува мноштво непоткрепени и веќе дебанкирани тврдења во врска со пандемијата на ковид-19 и вакцините. Наспроти тврдењата дека коронавирусот и пандемијата се измислени, овој вирус во светски размери одзеде многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти. Не постоел никаков однапред подготвен план за пандемија и за вакцинирање на луѓето, ниту пак, постои некаков план за давање мРНК вакцини на животни со цел преку консумацијата на нивното месо тие да навлезат во крвта на луѓето. Што се однесува до мРНК технологијата во развивањето на вакцините, таа воопшто не е штетна и нема никакво влијание врз нашата ДНК, како што тоа сакаат да го прикажат најчесто антиваксерите

 

Анализираме објава на Фејсбук која изнесува неколку невистинити тврдења во врска со пандемијата, вакцините против ковид и мРНК технологијата.

Планот на светската елита беше сите луѓе да се в-цинирани или барем, да видат како ќе се справиме кога ќе нѝ се наметнат притисоци од сите страни и ќе бидеме депривирани од најосновните човекови права, – правата да дишеме, да се движиме, да живееме.

Бидејќи сите НЕ ја примивме в-цината, сега на ред е резервниот план, – да се вбризгаат в-цини за наводно спречување епидемии кај стоката и живината, а со тоа посредно – повторно човештвото да ги прими неиспитаните и барем од тоа што досега го согледуваме, штетни состојки во в-цините...

Агенда 2030: Канада развива системи за масовна евтаназија за животните на фармите за „да го спречи ширењето на болестите“

Д-р Мајк Једон предупредува: „Сè што содржи mRNA е дизајнирано да биде штетно. Нема исклучоци…”

Пандемијата на ковид-19, која конспиративно се нарекува уште и „пландемија“, не била планирана, ниту, пак, имало некаков однапред смислен план да се вакцинираат сите луѓе со цел да им се наштети. Поддржувачите на теориите на заговор поврзани со пандемијата и вакцините, додека траеше пандемијата, но и сега, постојано го шират наративот за некаков „план” за да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се чипираат и контролираат, но и „да се измамат за да веруваат во непостоечка пандемија“. На темата „пландемија“ Вистиномер досега има пишувано во повеќе наврати.

Антиваксерите, пак, упорно тврдат и ден денес дека вакцините против ковид-19 биле неиспитани, измислени и планирани за да се спроведе некаков геноцид на човештвото, да им се наштети на луѓето и да им се вбризгаат штетни состојки, како што тврди објавата што ја анализираме.

Вистиномер досега во многу наврати има пишувано дека пандемијата и коронавирусот не беа измислени, туку реални. Рецензиравме голем број објави на социјалните мрежи кои пишуваа дека коронавирусот и пандемијата се измислени. За оваа теорија на заговор, за којашто нема никакви докази, не постојат ниту научни студии кои го потврдуваат тоа. Напротив, овој вирус во светски размери и во нашата земја, одзеде многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.

Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Со оглед на брзиот раст на бројот на заразени и на починати во многу држави, СЗО на 11 март 2020 година прогласи пандемија.

Вакцините против ковид не се штетни. Тие имаат краткотрајни и минливи несакани ефекти, како замор и болка во местото на инјектирањето кои генерално може да се појават кај секого. Вакцините не беа непроверени и неиспитани, тие беа тестирани во големи клинички студии кои помогнаа да се утврдат нивните почести несакани ефекти. Состојките на вакцините се јавно достапни на веб-страницата на Центарот за контрола и превенција на болести.

Кови вакцините не предизвикаа геноцид, туку спасија животи на милиони луѓе ширум светот, но најмногу од сè помогнаа да се зголеми колективниот имунитет, поради кој пандемијата спласна заедно со варијантите кои се променија во помалку агресивни.

Понатаму објавата тврди дека ковид вакцините ќе им се даваат масовно на животните со цел преку консумацијата на нивното месо да навлезат во телото на луѓето. И претходно на социјалните мрежи се споделуваа видеа кои наводно прикажуваа месо од животни кое содржи ковид вакцини.

Овие тврдења почнаа најнапред како теорија дека „преку системот за исхрана, односно месото или зелената салата кои се инјектирани со ковид вакцини, истите се пренесуваат во човечкиот организам“.

Портпаролка на одделот за земјоделство на САД Мариса Пери, во изјава за „Асошиејтед прес“посочи дека:

Во реалноста, нема ковид мРНК вакцини лиценцирани за животни.

Таа забележува дека овој оддел не одобрил ниедна вакцина за со неа да се вакцинираат животните.

мРНК вакцини за животни не се одобрени ниту во Австралија, на пример.

За тоа до каде е развојот на мРНК вакцини за говедата, повеќе може да прочитате тука.

Објавата, исто така, тврди дека Канада, во рамки на Агенда 30, „развива системи за масовна евтаназија за животните на фармите за да го спречи ширењето на болестите“. Вистиномер не успеа да најде ваква вест, ниту пак, ваква најава од канадските власти. Според теоријата на заговор поврзана со Агенда 30, за којашто Вистиномер исто така веќе има пишувано, целта е „да се убиваат животните за да нема месо  за јадење“.

Но, Агенда 30 не предвидува уништување на животните.

На 25 септември 2015 година, 193 земји од Генералното собрание на ОН ја усвоија Агендата за развој 2030 година насловена како „Трансформирање на нашиот свет: Агенда за одржлив развој 2030 година“. Генералната идеја за Агенда 2030 е да се цели кон носење на консолидирани меѓунационални политики и стратегии за зачувување на квалитетот и подолг живот за луѓето во светот и намалување на сиромаштијата во целина.

Во Aгендата 2030 целите се да се стави крај на сиромаштијата и гладот, да се обезбеди сигурност на храната и подобра нутритивност, да се промовира одржлива агрикултура, да се обезбедат здрави животи и добросостојба на сите возрасни групи, да се обезбеди квалитетно образование и доживотно учење за сите, да се постигне родова еднаквост, да се обезбеди вода за пиење и санитарни услови за сите, пристап до модерна енергија, економски раст, добра инфраструктура, иновација, да се направат градовите инклузивни и безбедни, да се намали нееднаквоста меѓу земјите, борба против климатските промени, правда за сите, итн. Нема ништо во Агенда 30 коешто може да се толкува како каква било обврска да се убиваат животни и дека тоа би се правело „за да немаме месо за јадење“. Како што веќе утврдивме, евтаназирањето се прави поради високозаразна болест, а не поради некаква Агенда и план.

Што се однесува до мРНК технологијата во развивањето на вакцините, таа воопшто не е штетна и нема никакво влијание врз нашата ДНК, како што тоа сакаат да го прикажат најчесто антиваксерите.

Повеќе светски сервиси за проверка на факти многупати објавиле факти со кои потврдуваат дека вакцините против коронавирусот не се генска терапија. Генската терапија не се користи во развојот на вакцините против ковид-19, бидејќи овие вакцини не ги заменуваат и не ги менуваат човечките гени.

На оваа тема пишуваше и Вистиномер. Вакцините против ковид-19 не можат да ја променат вашата ДНК.   Форбс во разговор со медицински експерти потврдува дека мРНК вакцината не може да ја промени ДНК кај вакцинираниот. И „Небраска медисин“, тврди дека  со оваа вакцина не може да се влијае на промена на ДНК. Во огромниот број на светски извори кои се релевантни и потврдуваат дека до ваква промена не може да дојде, се приклучува и Глобалната алијанса за вакцинација ГАВИ.

Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција