Нема последици по Чавков ни за неовластен потписник, ни за неуставен министер

Митко Чавков, актуелен директор на БЈБ. Фото: МВР, веб страница

Митко Чавков, ем беше е неовластен потписник на документите во МВР, ем беше неуставен министер што го потврди Собранието на РМ. Тој, сепак, со огромна доза на веројатност, нема да понесе какви било последици поради ова, пред сè, поради контрадикторноста на законите и констелациите што владеат во Уставниот суд

 

Митко Чавков, ем беше е неовластен потписник на документите во МВР, ем беше неуставен министер што го потврди Собранието на РМ. Тој, сепак, со огромна доза на веројатност, нема да понесе какви било последици поради ова, пред сè, поради контрадикторноста на законите и констелациите што владеат во Уставниот суд

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Потврдената информација дека од скоро сменетиот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, па и еднодневниот министер, Оливер Андонов, немале депонирани потписи во Централниот регистер, каде што се водат податоци на МВР како за правно лице, нема да произведе правни последици во однос на документите што ги потпишувале.

Ова за „Вистиномер“ го потврдуваат двајца правни ескперти, д-р. Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ и професор д-р. Димитар Гелев од Правниот факултет Јустинијан Први при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје.

Министерот е предложен од Владата, Собранието го избира и потоа чита свечена изјава. Од тој момент, тој се смета за министер. Не може Централен регистар да има поголема важност од Собранието ни изјави кратко Стојановски.

Професор Гелев пак, вели „дека постои огромна контрадикторност и колизија на законите што ја уредуваат оваа материја“, наведувајќи ни ги законите околу Централниот регистер, оној за Влада, за организација на органи на управа, за буџет, итн, потенцирајќи дека „сите се многу пати изменувани и дополнувани, со што се засилувала контрадикторноста на некои решенија“. Како пример ни посочи член од Законот за Централен ргистер кој има став „што е неразбирлив“.

Членот 22 од Законот за Централен регистар го потенцира фактот дека сите податоци добиени од оваа институција имале само информативно дејство (!?):

Усни и писмени информации за конституираните права и други својства запишани во основните регистри, односно во Централниот регистар, можат да даваат и основните регистри и Централниот регистар. Писмената информација издадена од Централниот регистар има само информативно дејство.

Професорот ни го посочи и Членот 7 од измените и дополнувањата на на Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, со кој се трга одговорноста од оваа институција за вистинитоста на податоците:

Во членот 39 став (1) точката 2 се менува и гласи: „2) се исполнети условите за упис определени со закон;“. По ставот (1) се додаваат два нови става (2) и (3), кои гласат: „(2) При уписот регистраторот: 1) не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите (исправите и доказите) што се поднесуваат при упис во регистрите; 2) не ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени и 3) не испитува дали податоците што се запишуваат во регистрите се вистинити и во согласност со закон. (3) За вистинитоста и законитоста на прилозите и податоците од ставот (2) на овој член одговара лицето, односно лицата определени со закон.“

Инаку, според Законот за Централен регистер, член 23, „за точноста на податоците одговара оној што ги внесува, според општите правила на граѓанскато право“, што значи, дека и ако се покрене некаква постапка, станува збор за прекршок.

 

МВР и ЦР „ПЕРАТ РАЦЕ“

Да потсетиме, информацијата ја објави порталот „Либертас“, а ја пренесоа повеќе медиуми. Во текстот со фото документ од кој се гледа дека цело време овластен потписник и застапник на МВР бил Оливер Спасовски, уште од времето додека беше „технички министер“ за прв пат, во насловот се сугерира тезата дека најверојатно сите одлуки што ги потпишувале биле незаконски.

Порталот НТВ, побарал одговор од МВР, на што добил одговор дека тие не можат да ги толкуваат законите:

Законите ги носи и спроведува Собранието а ние не сме овластени да ги толкуваме истите. Доколку во Централниот регистар фигурира таква состојба ќе треба нив да ги прашате зошто е тоа така – одговориле од МВР за порталот.

Од ЦР пак, потврдиле дека кај нив се депонираат податоци, но за секоја промена треба да ги извести депонентот и тоа навистина така стои во законите што го регулираат работењето на ЦР.

Во Централниот регистар работиме преку пријава на упис, таму кај што се направила промена има определне рок во кој треба да се поднесе пријава кај нас…Таква пријава до кај нас не е пристигната и затоа не е постапено…, изјавиле од ЦР за НТВ.

 

ЧАВКОВ НЕУСТАВЕН – ПОСЛЕДИЦИ НЕМА

Од погоре изложеното се гледа дека испреплетеноста и контрадикторноста на законите може да создадат проблеми, а токму поради тоа и неказнивост. Но, ако е тоа така во врска со недепонираниот потпис, во случајот на уставноста на именувањето на Чавков за министер уште во мај 2015 година, нема дилема. Чавков беше неуставен министер. Констатацијата за ова ни ја потврдија и од Хелсиншкиот комитет, а при именувањето рагирала и професор Мирјана Најчевска, експерт за човекови права.

Самото негово поставување претставува насилно рушење на уставниот поредок. Секоја негова наредба е противзаконска и противуставна – изјави тогаш Најчевска

Нивната констатација се базира врз уставната одредба во член 97 до Уставот на РМ, која е децидна:

Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.

Тогаш од Хелсиншки излегоа со следното соопштение:

Согласно Член 97 од Уставот на РМ, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години. Орган на државната управа во областа на полицијата е МВР, а раководното лице е министерот за внатрешни работи. Според тоа, за да биде избран за министер, Чавков морал да биде цивилно лице најрано од април 2012 година. Имајќи предвид дека сè до мај 2013 година тој бил полициски началник, произлегува дека Чавков не го исполнува условот предвиден во Член 97 од Уставот на РМ.

И навистина, биографијата на Чавков прецизно открива дека тој од самите почетоци на својата кариера работи во разни оддели на Полицијата, која пак се смета за униформирниот дел од МВР и  е дел од Бирото за јавна безбедност. Според тоа, сосема е јасно дека не три години, туку Чавков не бил надвор од „униформата“ ни три дена.

Пред повеќе од десетина година постоеше слична ситуација во Македонија. За министер за внатрешни работи беше именуван Силјан Аврамовски, кој и дотогаш и денес е дел до МВР, само во делот на „тајната полиција“ или Управата за безбедност и контраразузнавање. Хелсиншкиот комитет за човекови права во РМ тогаш поднесе иницијатива до Уставениот суд, кој пак со „соломонско решение“ се прогласи за ненадлежен.

За жал, со Решение У.Бр. 127/2004, Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да одлучува по ова прашање, посочувајќи дека е право на Собранието да ги избира министрите во Владата и дека одлуката за избор по својот карактер и содржина претставува поединечен акт, со кој не се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин и истиот не е прописизјавија минатата година од Хелсиншки.

Сметајќи дека Чавков ќе биде кратко министер, ниту од Хелсиншки, ниту некој друг не поднесе нова иницијатива до Уставен суд, како онаа за Силјан Аврамовски.

На прашањето дали сега не е доцна да се поднесе, од Хелсиншкиот комитет ни одговорија потврдно:

Уставен суд во вакви случаи знае да одговори со одбивање на разгледување на иницијативата, со образложение дека конкретната одлука за именување на тој функционер веќе не е во правна сила и не произведува правни последици.

Уставниот суд, се разбира дека има право и сам да покрене таква иницијатива, но тоа е тешко да се очекува поради целата констелација на политичките односи во државата и самиот состав на Уставниот суд, чие мнозинство судии многу пати се обвинувани од стручната јавност за непрофесионалност и носење одлуки по мерка на политиката.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција