Нема потврдени информации дека братот на Нетанјаху е убиен, а министерот Бен Гвир тешко ранет
Тврдењата дека братот на Нетанјаху е убиен, а министерот за национална безбедност на Израел Бен Гвир е тешко ранет, се дезинформации
Тврдењата дека братот на Нетанјаху е убиен, а министерот за национална безбедност на Израел Бен Гвир е тешко ранет, се дезинформации. Во време на војна има многу пропаганда, лажни видеа, погрешно преведени вести, стари снимки претставени како нови, сето тоа е дел од информативната војна меѓу страните
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Братот на Нетанјаху, убиен. Бен Гвир, министерот за национална безбедност на Израел, тешко ранет.
Нема потврда дека братот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Идо Нетанјаху е убиен или дека министерот за национална безбедност на Израел, Бен Гвир е тешко ранет.
На интернет се рашири тврдење дека Идо Нетанјаху загинал во напад. Факт-чекери утврдиле дека видеото што се споделува како „доказ“ не е од Израел и нема врска со него.
Снимката почнала да се шири на социјалните мрежи преку објави кои тврделе дека Идо Нетанјаху, братот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, починал кога неговиот дом бил погоден од иранска ракета.
Сепак, „Лид Сторис“ објави дека видеото било објавено онлајн неколку недели пред САД и Израел да ги започнат нападите врз Иран на 28 февруари 2026 година.
Засега нема официјална потврда за неговата смрт.
На социјалните мрежи се појавија и тврдења дека иранска ракета го погодила домот на Итамар Бен Гвир и дека тој е тешко ранет. Но, повеќето извори велат дека тоа се непроверени тврдења што се шират во информативната војна на интернет.
Некои објави ги мешаат и некои стари настани, како сообраќајка од 2024 година каде Бен Гвир имал само полесни повреди.
Тврдењата добија на интензитет откако поранешниот разузнавач на американскиот морнарички корпус и инспектор за оружје на Обединетите нации, Скот Ритер, за време на гостувањето во „Ефектот Санчез“ – програма водена од Рик Санчез – изјави дека иранските ракетни напади ги погодиле домовите на Нетанјаху и Бен-Гвир, тврдења кои веднаш почнаа да се шират низ дигиталните екосистеми веќе презаситени со геополитичка вознемиреност и наративи за воена ескалација.
Ритер го претстави наводниот напад како доказ дека Иран успешно ги неутрализирал израелските и американските одбранбени системи, наведувајќи дека ракетните капацитети на Техеран ефикасно „ги направиле (американската и израелската одбрана) слепи и глуви“, забелешка што ја засили стратешката загриженост и покрај отсуството на потврда од израелските власти, иранските претставници или независните канали за верификација.
Во време на војна има многу пропаганда, лажни видеа, погрешно преведени вести, стари снимки претставени како нови. Тоа е дел од информативната војна меѓу страните.
Нема потврдена информација дека братот на Нетанјаху е убиен. Нема потврда ниту дека Бен Гвир е тешко ранет. Ваквите тврдења се дезинформации.
Поради сето ова, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар