Нема поврзаност меѓу ковид вакцинацијата и смртноста од западнонилска треска

Тигрест комарец Фото: Sixto Emmanuel Picones Puebla, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Ризикот од тешка форма и смрт од западнонилската треска се зголемува со возраста, одредени хронични заболувања и ослабен имунолошки систем. Вакцинацијата против ковид-19 не е наведена како ризик-фактор

Според актуелните информации на американскиот Центар за контрола и превенција од болести, западнонилската треска е предизвикана од West Nile virus и најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Ризикот од тешка форма и смрт се зголемува со возраста, одредени хронични заболувања и ослабен имунолошки систем. Вакцинацијата против ковид-19 не е наведена како ризик-фактор

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

А некој се позанимавал ли да истражи и направи паралели колкумина од овие што починале од западнонилска треска биле вакцинирани со ковид19 вакцина? Се плашам и дека не, оти резултатот другинешта може да покаже.
Само гласно и помалку трезвено размислувам, имам право на тоа особено што многумина кои примија експериментални вакцини (да, сѐ што неиспитано бива експеримент е) или починаа или претрпеа сериозни заболувања, и тоа е факт од кој нема бегање.
Во едно вака до срж расипано општество веќе ништо не ме изненадува, па ни тоа да го замаскираш вистинскиот причинител во некоја друга појава, природно или намерно предизвикана.

Не постојат медицински докази ниту релевантни поткрепени медицински сознанија дека вакцинацијата против ковид-19 е поврзана со ризик од смрт од западнонилска треска. Не е точно ниту дека од вакцините кои не беа експериментални, како што се тврди во објавата, „многумина или починале или претрпеле сериозни заболувања“.

Според актуелните информации на американскиот Центар за контрола и превенција од болести, западнонилската треска е предизвикана од West Nile virus и најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Ризикот од тешка форма и смрт се зголемува со возраста, одредени хронични заболувања и ослабен имунолошки систем. Вакцинацијата против ковид-19 не е наведена како ризик-фактор.

Исто така, студија што опфаќа 3.064 возрасни лица, ги наведува староста, хроничната бубрежна болест и цереброваскуларните болести како фактори што носат поголем ризик за невроинвазивната форма на болеста предизвикана од вирусот Западен Нил и смртност. Дополнително, машкиот пол, хематолошките малигни неоплазми, употребата на имуносупресиви, хипертензијата, нарушувањата поврзани со алкохол се фактори на ризик значајно поврзани со невроинвазивната форма на болеста предизвикана од вирусот Западен Нил. Секоја година, кај околу 2.000 луѓе во САД се дијагностицира вирусот Западен Нил, но оваа бројка е потценета, бидејќи повеќето луѓе не развиваат симптоми, или пак, благите симптоми ги припишуваат на други причини.

Фактот дека некое лице било вакцинирано против ковид-19 во периодот пред да почине од западнонилска инфекција не докажува дека вакцината ја предизвикала смртта. За да се утврди причинско-последична врска, потребна е епидемиолошка анализа која би покажала дека вакцинираните лица со западнонилска инфекција имаат статистички значително поголем ризик од тешка болест или смрт од споредлива невакцинирана популација, со контрола на возраста, хроничните заболувања, имунолошкиот статус и други фактори.Таков доказ во објавата што ја рецензираме нема.

Центарот за контрола и превенција од болести јасно го идентификува West Nile virus како причинител, а заразените комарци како главен начин на пренос. Во моментов нема лиценцирана вакцина против западнонилскиот вирус. Заштитата се заснова исклучиво на мерки против убоди од комарци (користење репеленти, заштитна облека и отстранување стоечка вода). Ковид-19 е респираторен вирус кој се пренесува од човек на човек преку воздух, додека вирусот Западен Нил се пренесува исклучиво преку убод од инфициран комарец (Culex). Ниту една вакцина не може да го промени однесувањето или привлечноста на комарците кон луѓето.

Вакцините против ковид-19 не беа неиспитани. Пред нивната употреба беа спроведени клинички испитувања и регулаторни проценки. Светската здравствена организација објаснува дека вакцините беа предмет на независна регулаторна проценка за квалитет, безбедност и ефикасност. Дополнително, некои исклучително ретки несакани ефекти не можат реално да се откријат во клинички испитувања дури ни со десетици илјади учесници. СЗО токму затоа наведува дека следењето е неопходно за откривање на многу ретки реакции.

СЗО наведува дека во многу ретки случаи може да има поврзаност меѓу мРНК вакцините и многу ретки случаи на миокардитис и перикардитис, што е потврда дека вакцините може да имаат и несакани ефекти.

Забележани се многу ретки случаи на миокардитис и перикардитис по примањето на мРНК вакцините против ковид-19 од „Фајзер“ и „Модерна“, најчесто по втората доза. Иако миокардитисот и перикардитисот можат да бидат предизвикани од многу фактори, моментално достапните податоци укажуваат на можна поврзаност меѓу овие состојби и вакцините. Потребни се повеќе податоци за подобро да се разбере оваа можна поврзаност. Поверојатно е миокардитисот и перикардитисот да бидат предизвикани од инфекција со ковид-19 отколку од вакцинација против ковид-19, пишува СЗО.

Дополнително, тоа што некој починал после вакцинацијата не значи дека починал како последица од вакцината. Во системот за регистрирање на несакани ефекти во САД,  кој се вика VAERS, наведено е дека се прифаќаат пријави за здравствени настани што се случиле по вакцинацијата, дури и кога не е познато дали вакцината го предизвикала настанот. Самата пријава не докажува причинско-последична врска.

Европската агенција за лекови (EMA) наведува дека внимателно ги анализира пријавите за смрт по вакцинација и дека, со исклучок на многу ретки случаи каде што причинската поврзаност е утврдена или сериозно поткрепена, нема доказ дека другите пријавени смртни случаи се предизвикани од вакцинацијата.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција