Нема прецизни законски одредби за детално информирање при поголем дефект на водоводниот систем
Мала проверка на законската регулатива покажува дека давателот на услугата, ЈП Водовод и канализација Скопје има обврска да информира, но нема обврска детално да информира околу прекинот на вода и детали како што е времетраење на прекинот со водоснабдување. Оваа дупка во законската или подзаконската регулатива создава несигурност и страв кај засегнатото население, што е погодно тло и за ширење дезинформации
Мала проверка на законската регулатива покажува дека давателот на услугата, ЈП Водовод и канализација – Скопје има обврска да информира, но нема обврска детално да информира околу прекинот на вода и детали, како што е времетраење на прекинот со водоснабдување. Оваа дупка во законската или подзаконската регулатива создава несигурност и страв кај засегнатото население, што е погодно тло и за ширење дезинформации
Пишува: Теофил Блажевски
Информациите за тоа дека поради дефект на затворач на поголема цевка за снабдување со питка вода ќе доведе до релативно подолго исклучување на водоводниот систем за најголемиот број жители на Скопје кружат веќе десетина дена, а дури пред два-три дена надлежните од јавното претпријатие што управува со овој систем споделија само делумни информации со јавноста.
Станува збор за исклучително голем јавен интерес бидејќи без вода ќе бидат на подолг рок, најмалку едно деноноќие, стотици илјади граѓани, а тука спаѓаат и витални институции како што се болниците и клиниките. Информациите кои беа оскудни со денови се дека поради дефектот што се случил мора да биде затворен главниот цевковод сместен во касарната Гоце Делчев во Ѓорче Петров. Колку време? Сè до завршување на поправката на оштетениот дел од системот. Дали е ова доволна информација за граѓаните? Што ако нешто тргне како што не треба, па се пролонгира исклучувањето на повеќе денови? Одговори на овие прашање нема. А засегнатите, посебно болниците, угостителите, но и сите граѓани можат да претрпат поголема или помала штета, која може да биде од економска до штета по нивното здравје.
Вистиномер направи проверка на законската регулатива и откри дека деталното информирање на граѓаните не е предвидено со одредбите од главниот закон. Станува збор за Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбаните води, чија основна верзија е донесена во 2004 година, а обновуван е неколку пати.
Во консолидираната верзија на законот што може да се најде на страница на ЈП Водовод и канализација Скопје, единствено во членот 8 се споменува ова прашање:
(1) Давателот на услугата е должен на корисниците на услугата да им обезбеди трајно и непрекинато снабдување со здравствено исправна и чиста вода за пиење преку изградениот водоснабдителен систем, како и одведување на урбаните отпадни води преку изградениот канализационен систем.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, до нарушување или прекин во давањето на услугата, може да дојде во случај на:
– оштетување на водоснабдителниот, односно канализациониот систем поради виша сила, поголеми хаварии и дефекти;
– недоволна периодична издашност на извориштата; – здравствена неисправност на водата за пиење и
– прекин во снабдувањето со електрична енергија, таму каде што давањето на услугата е зависна од истата.
(3) Нарушувањето и прекинот во давањето на услугата во случаите од ставот (2) на овој член не е основ за барање надомест на штета.
(4) Давателот на услугата е должен да ги информира корисниците на услугата за нарушувањето или прекинот во давањето на услугата од ставот (2) на овој член, согласно со закон.
Како што може да се види, давателот на услугата, во случајов ЈП Водовод и канализација Скопје „е должен да ги информира корисниците на услугата за нарушувањето или прекинот во давањето на услугата…согласно со закон“. Кој закон не е наведено, но единствен што природно асоцира е Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, каде што „информација од јавен карактер” е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности. Во член 5 и 6 од овој закон може да се види дека ЈП Водовод на пример, не може да ги користи исклучоците кои се таксативно наброени и да се правда со нив.
Сепак, јавното претпријатие, бидејќи станува збор за голем јавен интерес, треба да е свесно дека дури и законски да не е прецизно обврзано, е должно да ги сподели сите па макар и оние најдетални информации со јавноста, дури и ако станува збор само за претпоставки од типот „што би било кога би било“. Оваа дупка во законската или подзаконската регулатива за детално информирање во случајов ја користи давателот на услугата, но тоа создава несигурност и страв кај засегнатото население, што, пак, е погодно тло и за ширење дезинформации.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар