Нема процес за докажување дека „ковид вакцините убиле милиони луѓе“

Вакцини против ковид-19 на АстраЗенека Фото: Whispyhistory, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Наспроти наведеното во објавата, не постои никаков „процес“ во тек за докажување дека „вакцините против ковид убиле милиони луѓе“. Изминатиов приод во Сенатот на САД имаше сослушување за потеклото на ковид-19  каде сведочеше поранешниот висок американски здравствен службеник Ентони Фаучи

Наспроти наведеното во објавата, не постои никаков „процес“ во тек за докажување дека „вакцините против ковид убиле милиони луѓе“. Изминатиов приод во Сенатот на САД имаше сослушување за потеклото на ковид-19 каде сведочеше поранешниот висок американски здравствен службеник Ентони Фаучи

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Што правиме сега кога ќе се докаже дека ковид вакцините убија милиони луѓе? Процесот е во тек.

Наспроти наведеното во објавата, не постои никаков „процес“ во тек за докажување дека „вакцините против ковид убиле милиони луѓе“. Вакцините против ковид-19 не убија туку спасија милиони животи. Компаративна студија на овој линк, покажува дека во периодот од декември 2020 до октомври 2024 година ширум светот се спречени околу 2,5 милиони смртни случаи благодарение на ковид вакцините. Реномираното медицинско списание „Лансет“ прикажува студија за пократок временски период, каде бројката е 1.6 милиони спасени животи. Не вакцините против ковид, туку болеста одзеде милиони луѓе, поконкретно изразена во бројки – над 7 милиони животи.

Вакцините против ковид-19 не го зголемуваат ризикот од смрт, а обемните глобални податоци покажуваат дека вакцинираните лица имаат значително пониски стапки на вкупна смртност од невакцинираните лица, објави „Глобалната алијанса за вакцинација“ (ГАВИ).

Податоците за 30 милиони возрасни лица во Франција укажуваат на тоа дека вакцините против ковид-19 не довеле до повисоки стапки на смртност. Напротив, тие ги намалиле. Меѓу 28 милиони возрасни лица во Франција на возраст од 18 до 59 години, оние што примиле вакцина против ковид-19 базирана на мРНК имале помала веројатност да починат во текот на следните четири години, во споредба со оние што останале невакцинирани, што одговара на 25 проценти помал ризик од смрт од сите причини, пишува ГАВИ.

Она што периодов се случува, не е процес за „докажување дека ковид вакцините убиле милиони луѓе“, ниту пак „таков процес е во тек“, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Во Сенатот на САД периодов имаше сослушување за ковид-19 (поточно за неговото потекло), каде сведочеше поранешниот висок американски здравствен службеник Ентони Фаучи.

Републиканците подолго време го обвинуваат Фаучи дека криел информации за пандемијата од јавноста и дека лажел за нејзините опасности. Тој ги негираше обвинувањата за каква било неправилност. Фаучи ги нарече обвинувањата против него „едноставно апсурдни“ во претходното сведочење пред законодавците, пишува Би-Би-Си.

Фаучи се повика на петтиот амандман од Уставот на САД, односно правото да не одговори. Повикувањето на Петтиот амандман не претставува признавање вина – тоа е замислено да ги заштити поединците од принуда, грешки и неправедно префрлање на товарот за докажување на прекршок.

Оваа високопрофилна расправа беше претставена од нејзиниот претседавач, републиканецот Ренд Пол од Кентаки, како истрага за потеклото на пандемијата на ковид. Таа набрзо прерасна во форум на кој републиканските сенатори упатуваа обвинувања кон еден поранешен водечки научник од американската влада. Сослушувањето беше фокусирано на тврдењето што Пол со години го промовира: дека пандемијата на ковид започнала во 2020 година како „протекување“ од Институтот за вирусологија во Вухан, иако вирусолозите сметаат дека е поверојатно оти станува збор за природен пренос од животни на луѓе, пишува „Гардијан“.

Бројни научници на 28 јули 2026 година преку отворено писмо побараа да не се политизира науката. Меѓутоа, дури и кога Фаучи би одговорил на прашањата во Сенатот, тоа не би било „процес во кој се докажува дека вакцините убиле милиони луѓе“, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.

Науката веќе преку бројни научни студии и преку медицинската заедница и светските здравствени организации потврди дека ковид вакцинацијата спаси животи.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција