Нема студија која тврди дека некои луѓе не се заразуваат со ковид 19
Сензационалистичките и бомбастични наслови кои си поигруваат со емоциите и психологијата на читателот се најдобриот начин да се соберат што поголем број читања на ваквите објави. Во моментов пандемијата со ковид 19 е во фокусот на оваа активност која користи различни манипулации и измами за да го привлече вниманието на читателите.
Насловот на содржината што ја рецензираме е: Ќе се зачудите и вие, според најновата студија, еве кој не се заразува од ковид затоа што… и e објавена на почетокот на март годинава, од порталот „Ингазета“.
По сензационалистичкиот наслов следува многу нејасна содржина. Речениците од текстот немаат логична поврзаност. Иако насловот тврди дека постои студија која ни кажува дека одредена категорија на луѓе не може да се заразат со ковид, во текстот авторот не дава никаква информација за ова тврдење.
Во првиот дел од содржината се наведува дека истражувачите документирале многу случаи каде што човечкото тело произведува имунолошки одговор, за во следната реченица авторот да ги демантира сопствените зборови велејќи дека е проучувана група од само 20 луѓе кои го прележале ковид-19 и развиле имунолошки одговор. Во ниту еден момент читателот не добива објаснување околу тоа кои се овие истражувачи, каде е спроведена студијата, која била целта на студијата итн.
Чудна и без никаква смисла е завршната реченица на содржината која вели:
Во испитаната групата, имаше лица за кои беше откриено дека се имуни, иако немале контакт, пишува дневниот весник.
Не постојат факти дека одредена група на луѓе се имуни на ковид 19
Според податоците од Светската Здравствена Организација (СЗО) нема докази дека постои одредена категорија на луѓе кои не можат да се заразат со ковид 19. Од ковид 19 сме заштитени само доколку ги следиме препораките на институциите или немаме контакт со заразени лица. Сега веќе знаеме дека болеста е предизвикана од коронавирусот, кој се шири меѓу луѓето на различни начини.
Вирусот може да се шири преку устата или носот кога заразеното лице исфрла мали капки при кашлање, кивање, зборување или дишење. Овие можат да бидат големи респираторни капки па се до најмали аеросоли.
Актуелните докази покажуваат дека вирусот се шири главно меѓу луѓето кои се во близок контакт едни со други, обично до 1 метар (мало растојание). Едно лице може да се зарази кога аеросолите или капките кои го содржат вирусот се вдишуваат или доаѓаат во директен контакт со очите, носот или устата. Вирусот може да се шири и во лошо проветрени и/или затворени средини, каде што луѓето поминуваат подолги временски периоди. Тоа е затоа што аеросолите остануваат суспендирани во воздухот или патуваат подалеку од 1 метар (големо растојание). Луѓето може да се заразат и со допирање на површини кои биле контаминирани од вирусот и потоа со истите нечисти раце ги допираат очите, носот или устата.
Без разлика дали имаат симптоми или не, заразените луѓе можат да бидат заразни и вирусот да го пренесат и на други луѓе.
Лабораториските податоци покажуваат дека заразените луѓе се најзаразни непосредно пред да покажат симптоми (односно 2 дена пред да покажат симптоми) и на почетокот на нивната болест.
Зошто не треба да бидеме жртви на бомбастичните наслови?
Во Википедија Кликбејт е дефинирано како „онлајн содржина која има за цел да генерира приходи преку онлајн рекламирањето, на сметка на квалитетот или точноста, потпирајќи се на сензационалистички наслови за да привлече кликнувања и да поттикне објавување материјали на социјалните медиуми на Интернет. Вообичаено имаат за цел да го искористат „јазот на љубопитноста“, обезбедувајќи само толку информации колку да го заинтересираат читателот, но не доволно за да ја задоволат неговата љубопитност без кликнување на содржината.
Значи ваквите наслови се измамнички и нивната цел не е да го информираат читателот. Нивната единствена цел е да соберат што е можно повеќе кликнувања и да ја зголемат популарноста на страницата. Во случајот со содржината што ја рецензираме таа си поигрува со емоциите на читателот. Веќе две години светот се соочува со пандемијата, луѓето се уште емотивни за секоја нова информација за пандемијата. Кога би имало ваква студија, сите би сакале да знаат дали припаѓаат на таа безбедна категорија која се заразува со САРС-КОВ-2, а интригирани од насловот читателите ќе кликнат на веста чија содржината не дава никаква информација. Кога се работи за Кликбејт не се даваат конкретни информации и содржината нема логична врска со насловот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар