Нема субвенции од 9.000 денари за нововработени лица

Во Планот за економски раст не е вклучено изборното ветување на СДСМ за субвенционирање на нови работни места за повозрасните граѓани Фото: Приинтскрин

 

  • На малото и средно претпријатие кое ќе вработи невработено лице до 50 години возраст, ќе му се додели поддршка во висина од 9.000 денари за исплатена месечна бруто плата, во период од 12 месеци, ако бруто платата е повисока од просечната бруто плата во претходната година. Претпријатието е должно да го задржи лицето уште 12 месеци по истекот на периодот на поддршката…
  • На малото и средно претпријатие, кое ќе вработи невработено лице над 50 години возраст или лице од ранливите групи на граѓани (приматели на социјална помош, самохрани родители, деца без родители, жртви на семејно насилство, инвалидно лице и родители на деца со пречки во развојот), ќе му се додели поддршка во висина од 9.000 денари за исплатена месечна бруто плата, во период од 18 месеци, ако бруто платата е повисока од просечната бруто плата во претходната година. Претпријатието е должно да го задржи лицето уште 12 месеци по истекот на периодот на поддршката…

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (208 – 209); Рок за реализација: шест месеци]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети субвенции од 9.000 денари за исплатена месечна бруто плата во период од 12 месеци  за компаниите кои ќе вработат невработени лица на возраст до 50 години, a за оние фирми кои ќе вработат лица постари од 50 години, државна помош од 9.000 денари за исплатена месечна бруто плата, во период од 18 месеци.   Ова изборно ветување на социјалдемократите, наведено во нивната изборната програма :  „План за живот во Македонија“,  во поглавјето „Итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“ (стр. 208 и 209)  досега (09.02.2018) осум месеци по  изборот  на новата Влада, не е исполнето.

На крајот на минатата година (27.12.2017) премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ги презентираа мерките од Планот за економски раст, што го усвои Владата, а кој се темели на три столба. Со мерките од првиот столб се овозможува поддршка за креирање нови работни места, при што се предвидува „за секое новокреирано работно место за кое компаниите ќе исплаќаат нето-плата 50 отсто повисока од минималната плата утврдена со законот, Владата да обезбеди поддршка од 20 отсто од висината на платата“.

stolb 1

Мерки прв столб од План за економски раст

Немаме интерес да субвенционираме вработувања со минимални плати. За да се намали нелојалната конкуренција 70 отсто од средствата се наменети за нови вработувања на лица кои излегуваат од клупа, за лица кои се повеќе од три месеци невработени, за лица кои директно ќе ги преземат од администрацијата, како и за лица кои останале без работа, бидејќи компанијата во која работеле отишла во стечај или во ликвидација, кажа Анѓушев.

Тогаш, исто така, беше соопштено дека оваа мерка за зголемување на вработувањето која ќе трае пет години, при што компаниите кои во 2017 година имале вакви варботувања ќе можат да конкурираат за помош до април 2018 година, а оние што ќе вработат нови луѓе во 2018 година, помош ќе може да бараат заклучно со април 2019 година.

novi rab.mesta

Мерки прв столб од План за економски раст

Според спомената мерка предвидена во првиот столб од „Планот за економски раст“, излегува дека на секоја компанија која ќе има нови вработени и им даде нето-плата повисока од 300 евра, државата ќе ѝ помогне во поврат на средствата во износ од 60 евра. Но, во овој „План за економски раст“ воопшто не се споменува дека ќе се даваат субвенции од 9.000 денари за исплатена месечна бруто плата за компаниите кои ќе вработат невработени лица на возраст до и над 50 години, во период од 12 или 18 месеци. Така што ова изборното ветување на СДСМ го сметаме за неисполнето.

 

 ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција