Нема суштински промени кај вработувањето „на определено“

Фото: Maxpixel.net -Labor Construction Working Military Person Workers

Во однос на ветувањето дека ќе се ограничи времетраењето на Договорите за вработување на определно време, нивно врзување со работното место, а не со извршителот и особено ветувањето дека договорот на определно после 6 месеци ќе мора да се трансформира во неопределено работно време – такви клаузули во измените не најдовме

 

Во предизборната програма на владејачката партија СДСМ беше наведено следното ветување за кое по проверката оценивме дека не е исполнето:

Со законски измени ќе го ограничиме времетраењето на Договорите за вработување на определено време и ќе ги врземе со работното место, а не со извршителот. Ако се работи за ново работно место, Договорот за вработување на определено време по 6 месеци ќе мора да се трансформира во вработување на неопределено време

[Извор: СДСМ – Живот за сите во Македонија(стр.217)датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување на СДСМ од предизборната програма „Живот во Македонија“ од декември 2016 година, не е исполнето.

На 26.06.2018 година беа усвоени Измените на Законот за работни односи (ЗРО), кои во Собранието беа доставени пред еден месец, а постапката беше скратена, така што таа целосно заврши од 07.06. д 26.06, кога текстот на законските измени беше подржан со 63 гласа за.

„Вистиномер“ ги провери измените во текстот што беше доставен пред пратениците. Тие измени главно се однесуваат на построги одредби за борба против дискриминација која произлегува од работен однос, построги одредби за прогласување технолошки вишок, скратување на рокови во кои работодавачот може да му додели отказ на работникот ако тоа се случило по негова вина…

Меѓутоа, во однос на ветувањето дека ќе се ограничи времетраењето на Договорите за вработување на определно време, нивно врзување со работното место, а не со извршителот и особено ветувањето дека договорот на определно после 6 месеци ќе мора да се трансформира во неопределено работно време – такви клаузули во измените не најдовме.

Практично, со измените на ЗРО не е допрен Член 46 од постојниот закон кој гласи:

Договор за вработување на определено време

Член 46

1) Договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години.

(2) Договор за вработување на определено време за замена на привремено отсутен работник може да се склучи до враќање на привремено отсутниот работник.

3) Работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од ставот (1) на овој член, под услови и на начин утврдени со закон.

(4) По исклучок работниот однос заснован со договор за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот од ставот (1) на овој член, ако работникот работи повеќе од две години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон.

Во измените се споменуваат договорите за вработување на определно време на само едно место, каде што се врши една додавка во Член 8, став три. Имено, постоечкото решение во став три гласи:

(3) Во однос на условите на вработување, работниците на определено време не се третираат на понеповолен начин од работниците на неопределено време само затоа што имаат договор за вработување на определено време, освен ако различниот третман е оправдан од објективни причини.

Новината со предложената измена од новиот текст е во тоа што по зборовите “во однос на условте за вработување“, се додаваат и зборвите „ и правата и обврските од работниот однос“.

Во насока на ограничување на работодавачот околу типот на договорот, постои само една одредба од постоечкиот закон која се менува во таа насока, а тоа е дека вработувањето на пробна работа не може да трае подолго од 6 месеци. Сега тој рок се скратува и се наведува дека пробната работа не може да трае подолго од 4 месеци.

Доегашнот законско решение е регулирано во Член 60, чиј втор став гласи вака:

 (2) Во договорот за вработување покрај сите права и обврски од работен однос се утврдува висината на платата и времетраењето на пробната работа, кое не може да биде подолго од шест месеца. Пробната работа може да се продолжи во случај на оправдано отсуство од работа (болест и слично).

Според измените на ЗРО, во Член 5 се наведува следната измена:

Во член 60 во ставот (2) во првата реченица  зборот “шест” се заменува со зборот “четири”.

Измените, дури и ако се прочита образложението на текстот на законот, ќе се види дека не се однесуваат на ветувањето дадено во програмата и чиј рок на усвојување беше до крајот на декември 2017 година.

Од тука, оценката што може да се даде во однос на ветувањето е дека тоа е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција