Нема вакцина против хантавирусот, па поради тоа и СП во фудбал не може да биде „шема за пропаганда“
Имајќи предвид дека вакцината против овој вирус, особено ДНК вакцината која е прикажана на фотографијата во објавата е далеку од тоа да биде целосно применлива во наредните неколку години, манипулативно и погрешно е да се тврди дека Светското првенство во фудбал во САД, Мексико и Канада е некаква „шема за пропаганда“ за вакцината.
Имајќи предвид дека вакцината против овој вирус, особено ДНК вакцината која е прикажана на фотографијата во објавата, е далеку од тоа да биде целосно применлива во наредните неколку години, манипулативно и погрешно е да се тврди дека Светското првенство во фудбал – кое треба да се одржи од 11 јуни до 19 јули во САД, Мексико и Канада – е некаква „шема за пропаганда“ за вакцината. Вакцината е експериментална и не е официјално пуштена во употреба
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
За оваа вакцина нема да треба ни игла
А плус иде Светско во фудбал летово. Мммм, права шема за пропаганда. Ќе видиме.
Објавата споделува и фотографија од научна студија објавена во списанието The Journal of Infectious Diseases.
Тема на студијата е „Истражување за безбедноста и имунолошкиот одговор на ДНК вакцина против Анди вирус (Andes virus)“. Овој вирус е вид на хантавирус кој може да предизвика тешки респираторни заболувања.
Студијата користи инјекција без игла (needle-free jet injection). Како што е прикажано на левата страна од сликата во објавата, вакцината се внесува преку кожата со помош на висок притисок (млазен инјектор), наместо со класична игла.
Дијаграмот на десниот дел од сликата објаснува како работи оваа ДНК вакцина. ДНК плазмидот се внесува во клетките на мускулите. Клетката ги користи тие упатства за да создаде специфични вирусни протеини (антигени). Овие создадени протеини се лачат надвор од клетката, по што имунолошкиот систем ги препознава и создава одбрана (антитела). Накратко, сликата е едукативен приказ на тоа како една модерна ДНК вакцина може да се внесе во телото без игла и како таа ги „учи“ нашите клетки да создадат заштита од одреден вирус.
Студијата потврдила дека вакцината е безбедна и добро се поднесува. Не се забележани сериозни несакани ефекти. Најчестите нуспојави биле благи, како црвенило и привремена болка на местото на апликација.
Важно е да се напомене дека ова е прва потенцијална вакцина во светот што се тестира на луѓе против Анди вирусот. Но, во моментов, не постои одобрена или лиценцирана вакцина за Анди вирусот (Andes virus) достапна за широка употреба.
Вакцината за којашто зборува објавата е експериментална вакцина која е во фаза на истражување. ДНК вакцината од сликата успешно ја помина првата фаза од клиничките испитувања на луѓе. Резултатите објавени во 2023 и 2024 година покажаа дека таа е безбедна и поттикнува имунолошки одговор кај волонтерите.
Вакцината сè уште ја нема, бидејќи се потребни дополнителни, многу поголеми тестирања (Фаза 2 и 3) за да се докаже дека таа навистина штити од болеста во реални услови. Бидејќи случаите на овој вирус кај луѓето се ретки и распрснати низ светот, многу е тешко да се организираат такви масовни тестирања.
Поради неодамнешните појави на вирусот на крузерот MV Hondius, научниците повторно го насочуваат вниманието кон овој проект, но проценките се дека ќе бидат потребни уште неколку години додека вакцината не биде официјално одобрена.
Постојат слични вакцини (како Hantavax) кои се користат во Азија (Кина и Кореја) за други видови хантавируси, но тие не се сметаат за ефикасни против јужноамериканскиот сој Andes.
Накратко, науката е многу блиску и веќе постојат ветувачки „кандидати“, но патот до аптеките е сè уште во тек.
Бидејќи нема вакцина, најдобрата заштита во моментов е избегнување контакт со глодари (глувци) и нивните излачевини во региони каде вирусот е присутен.
Имајќи предвид дека вакцината против овој вирус, особено ДНК вакцината која е прикажана на фотографијата во објавата, е далеку од тоа да биде целосно применлива во наредните неколку години, манипулативно и погрешно е да се тврди дека Светското првенство во фудбал – кое треба да се одржи од 11 јуни до 19 јули 2026 година во САД, Мексико и Канада – е некаква „шема за пропаганда“ за вакцината. Вакцината е експериментална и не е официјално пуштена во употреба.
Поради тоа, објавата која ја анализираме ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар