Нема видеонадзор како сообраќајците контролираат
Со овој проект планирано е да се воспостави видеонадзор на местото на кое полициските службеници вршат контрола на возила и возачи. Со тоа ќе се постигне поголема лична безбедност на полициските службеници при вршење на полициските работи, а исто така ќе се спречи можноста од евентуални злоупотреби (примање поткуп, добивање подароци и слично) од страна на истите. Буџет: 12,3 милиони денари, РОК: 2015 ГОДИНА
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за видеонадзор на местото каде сообраќајците вршат контрола на возила и возачи, кое ВМРО ДПМНЕ го внесе во изборната програма за предвремените парламентарни избори во 2014 година, не е исполнето. Во програмата „Проверено“ на стр. 238, партијата на власт дава ветување дека ваков видеонадзор ќе се воведе до крајот на 2015 година.
Ова ветување по изборите е внесено и во програмата за работа на Владата во одделот Правда и безбедност. Таму, во делот „Безбеден сообраќај“, ветувањето е наведено како проект со рок на реализација – „крајот на минатата година“ (2015).
Воспоставување на видео-надзор на местото каде полициските службеници вршат контрола на возила и возачи (2015)
Опсежното пребарување со пребарувачот Гугл и пребарувањето на македонските агрегатори на вести не доведе до ниту еден напис за тоа дека воопшто е почнато спроведувањето на овој проект, за кој и партијата на власт и Владата наведуваат дека треба да биде готов до крајот на 2015 година.
Според Член 93а , на страница 31, од Законот за полиција поставен на веб-сајтот на МВР, предвидено е снимање на акциите на полициските службеници, со цел да се обезбеди материјал за начинот на кој се презема конкретно дејствие, за да се осигури легитимно и соодветно постапување на припадниците на Министерството за внатрешни работи при примената на полициските овластувања. Дека тоа се врши при полициски акции во поглед на различни видови криминал и при акциите на специјалните полициски сили, можеме да видиме од видеоматеријалите кои МВР ги објавува на својот Јутјуб канал.
Како и да е, во отсуство на каква и да било информација за набавена и инсталирана соодветна опрема за видеонадзор на полициски службеници при контрола на возилата и возачите, а со оглед дека се изминати речиси два и пол месеца од наведениот краен рок, се смета дека ова ветување е неисполнето.
ИЗВОРИ:
• Изборна програма на ВМРО ДПМНЕ 2014-2018 стр.238 – [Пристапено на 11.03.2016]
• Програма за работа на Влада – [Пристапено на 11.03.2016]
• Веб сајт на МВР на РМ – [Пристапено на 11.03.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар