„Нема втора шанса за прв впечаток“ за изборот на судија во Стразбур
За некои работи, што би рекол премиерот Мицкоски, „нема втора шанса за прв впечаток“. Така е и со постапката што ја тера Владата за избор на судија за Европскиот судот на човекови права во Стразбур (ЕСЧП), која деновиве е актуелна поради својата контроверзност. Сега, што и да соопшти Владата, впечатокот е веќе направен, а „возот е заминат“. Заради својата нетранспарентност остава впечаток дека сака да влијае врз изборот на кандидатот, надвор од оценката што ја даде првата Комисија од 9 членови што самата ја формираше
За некои работи, што би рекол премиерот Мицкоски, „нема втора шанса за прв впечаток“. Така е и со постапката што ја тера Владата за избор на судија за Европскиот судот на човекови права во Стразбур (ЕСЧП), која деновиве е актуелна поради својата контроверзност. Сега, што и да соопшти Владата, впечатокот е веќе направен, а „возот е заминат“. Заради својата нетранспарентност остава впечаток дека сака да влијае врз изборот на кандидатот, надвор од оценката што ја даде првата Комисија од 9 членови што самата ја формираше
Премиерот Христијан Мицкоски на прашање за поништениот избор на Комисијата за кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права во Стразбур неодамна изјави:
Еве тие(новата Комисија за избор) нека одлучат во следниот конкурс кој е најдобар за да нема тука, би рекол изговори вака било, така било, јас би се воздржал од било каков коментар на тоа што го кажуваат некој од кандидатите, бидејќи тоа е нивната вистина. За жал тоа не е вистинската вистина. Вистинската вистина е тоа што го кажува Владата… Затоа што е констатирано дека не ги исполнуваат критериумите. Има во соопштението на Владата, ќе се обратите ќе ви ги објаснат.
[Извори:Телма/вест+Тајм.мк/вести – Датум: 01.08.2025]
Образложение:
Изјавата на Мицкоски за поништениот избор на тројцата можни кандидати за претставник на државата во Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), може да се оцени на повеќе начини, но можеби најсоодветниот е недоследно, од повеќе причини од кои прва и најважна е нетранспарентноста.
Зашто, изјавата на Мицкоски упатува на две работи. Првата е дека изјавите на некои од кандидатите кои изразија незадоволство се невистинити, а потоа дека само Владата е чувар на „вистинската вистина“, додека пак, оттаму, освен дека не се исполнети критериумите не кажуваат ништо друго.
Да потсетиме, Владата соопшти дека избраните тројца кандидати за во ЕСЧП не ги исполнуваат условите, но „од почит на интегритетот на процесот и личниот и професионален интегритет на сите номинирани“ не сака да каже кои услови.
Од мај до крај на јули молк
Сомнежот за нетранспарентноста не е само поради несоопштување на деталите, туку пред сè и поради доцна соопштената одлука. Имено, изборот веќе бил готов уште на 09.05.2025г., за што сведочат тогашните вести, откако до крајниот рок 29 април пристигнале 21 кандидатура, а во првичната селекција отпаднале 9 поради формално неисполнување на условите.
Но, оттогаш Владата по сопствено признание, одлуката за поништување на резултатите за избор на тројца кандидати, како и именување на нова Комисија која ќе треба да го спроведе огласот ја донела на 22.07.2025 г., одлуката била објавена во Службен весник на 25.07. 2025, а веста до медиумите и изјавата од Владата стигна на 29.07.2025 г.
Тоа самата Влада го потврди за „Слободен печат“, по што тргнаа пренесувањето на веста, коментарите и реакциите.
Обвинителка и судијка не ја кажуваат „вистинската вистина“?
Меѓу првите реакции беше токму на една од избраните кандидатки. Позната во јавноста поради тоа што (за правосудните стандарди во државава) „гласно зборува“, обвинителката Ленче Ристоска, уште истиот ден предупреди на можно кршење на процедурата:
Ги следам случувањата околу одлуката на Владата за формирање на нова комисија која треба да ја продолжи постапката за предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Советот на Европа има пропишано правила за фазите низ кои поминува постапката на предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права, така што доколку дојде до нарушување на овие правила, за тоа официјално ќе го известам Советот на Европа – изјави Ристоска за „Слободен печат“.
Уште истиот ден во изјава за ТВ 24, како што пренесоа медиумите, Ристоска и кандидатката Габриела Гајдова (судијка во Апелациски суд Скопје), побараа да им биде кажано кои членови кои од условите не ги исполнуваат:
…Во врска со ставот на Владата дека кандидатите не исполнувале услови, во име на транспарентноста, би било корисно Владата да соопшти кои кандидати не ги исполнуваат кои услови, како и во која постапка е ова утврдено, вели Ристоска.
Гајдова додава дека за oдлуката дознала од онлајн медиумите, а сака да ги слушне причините, бидејќи комисијата имала спротивно мислење од Владата:
За одлуката на Владата дознав од објава на интернет-портал. Доколку е вистина дека листата е вратена поради неисполнување на услови, би било во ред да знам кои се тие услови кои не ги исполнувам, со оглед дека Комисијата по оценка на сите аспекти и по спроведено интервју кое воопшто не беше лесно, оцени спротивно – вели Гајдова.
Сликата истиот ден (29.07.2025) ја заокружи изјавата на уставниот судија Осман Кадриу кој беше еден од членовите на комисијата за избор, кој рече дека тројцата избрани кандидати, адвокатот Јордан Апостолски, судијка Гајдова и обвинителката Ристоска не само што ги исполниле условите, туку како предлог се изгласани од 6 од 9-те членови во комисијата, значи со две третини.
Ристоска: Бараа од мене да се откажам од кандидатурата
Веќе нa 31.07. Ристоска потврди дека има прекршување на процедурата, но и притисоци кон нејзе, кои не ги лоцираше. Во објава на нејзиниот профил на Фејсбук, обвинителката соопшти дека „сака да појасни неколку работи, бидејќи Владата одбива да го стори тоа“:
Последниве два месеца имав укажувања дека треба да ја повлечам мојата кандидатура за судија во судот во Стразбур, а во исто време во јавноста се одвиваше и клеветничка кампања против мене. Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Совет на Европа за избор на кандидати за судии, но и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата во решението за нејзино формирање, беше неизвесна.
Таа додава дека „неиздржаноста на одлуката на Владата може да се насети од општата формулација за неприфаќање на листата, од нетранспарентноста и одбивањето да се дадат конкретни информации за критериумите кои наводно кандидатите не ги исполнуваат“.
Според препораките на Советот на Европа, постапката мора да биде извесна и однапред пропишана, фер и транспарентна. При вакви услови сосема е нормално и прифатливо и да не сте најдобриот кандидат и да не ја добиете позицијата за која аплицирате.
Најповикани и најстручни да ги оценат кандидатите во рамки на националната селекција се Комисијата која беше формирана со оваа цел, како и советодавното тело на Советот на Европа, кои токму затоа се дел од процесот за предлагање на кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права, а Владата согласно препораките на Совет на Европа мора да го оправда секое отстапување од листата утврдена од Комисијата – наведува Ристоска.
Блу принт група: Прекршена процедура
Една од поиздржаните реакции беше онаа на Блу принт групата за реформи во правосудството, која исто така беше објавена на 31.07.2025 година. Основата на реакцијата е нетранспарентноста на Владата за нејзината одлука да ја поништи одлуката на Комисијата и кршењето на процедурата. Таа е уточнета и со одлуката на Владата, а која се базира и на правилата на Советот на Европа за избор на судии за ЕСЧП, каде што има сложена постапка, но и тела какво што „Советодавен панел од експерти“, за коешто се зборува и во реакцијата на Блу принт групата:
…Во Одлуката за основање на Комисија за избор на кандидати на Република Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права е пропишана постапката за избор. Во истата одлука е наведено дека Комисијата распишува оглас за избор на кандидати, спроведува постапка за избор, доставува предлог за избор на 3 кандидати до Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа за обезбедување на мислење од аспект на тоа дали кандидатите ги исполнуваат критериумите пропишани од Совет на Европа, а по добиеното мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, Комисијата доставува предлог листа на 3 кандидати до Владата на РСМ. Откако Владата ќе ја усвои оваа предлог листа, Комисијата е должна истата да ја достави до Парламентарното Собрание на Совет на Европа. Во таа насока, со оглед дека не е добиено мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, а Владата донесе одлука за поништување на предлог листата без никакво образложение останува нејасно и сомнително зошто Владата има донесено таква одлука која целосно го поткопува принципот на владеење на правото, а воопшто не даде образложение на истото.
Во објавата се линкувани и одлуката на Владата, но и насоките на Советот на Европа издадени од Генералниот секретар во консолидиран документ објавен во јули годинава, во кој повеќето правила веќе важеле од порано, вклучувајќи го и она за формирање на „Советодавен панел од експерти“ кој треба да го процени изборот на националната комисија формирана од владите. И за овој панел Советот на Европа има издадено соодветни упатства и препораки.
***
Како што изјави премиерот Христијан Мицкоски за првпат уште во јанура 2025 г., „нема втора шанса за прв впечаток“. Во февруари, исто така поврзано со надворешната политика го искажа истиот став.
Сега ние сме први што го запоседнуваат теренот, тоа е мојот начин на работа. Нема втора шанса за прв впечаток. Запоседни го теренот, па после кој и да дојде веќе е втор, трет, се реди позади тебе. Ние мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во тоа некое ново нормално.
Иако овој избор на судија за во ЕСЧП не е прв, оваа постапка е прва што ја спроведува Владата на Христијан Мицкоски. Оттаму, нема втора шанса за прв впечаток, што би рекол премиерот. Засега, од сè што е образложено и кажано, може да се оцени дека впечатокот е лош и дека станува збор најмалку за недоследност. Пред сè поради нетранспарентноста која е очигледна, но и поради обвинувањата за прекршена процедура на која упатува Советот на Европа, а кои исто така се обвиткани со молк од страна на премиерот и Владата.
Извори:
- (01.08.2025) Телма/вест+Тајм.мк/вести – [Проверено на 04.08.2025]
- (29.07.2025) „Слободен печат“ – Вест за нова Комисија – [Проверено на 04.08.2025]
- (29.07.2025) Телма/Јутјуб – Прилог за нова Комисија – [Проверено на 04.08.2025]
- (29.07-01.2025) Тајм.мк – агрегирани вести – [Проверено на 04.08.2025]
- (31.07.2025) Ленче Ристоска – статус на ФБ профил – [Проверено на 04.08.2025]
- (31.07.2025) Блу принт група – Став/Соопштение – [Проверено на 04.08.2025]
- (2020) – Совет на Европа – Советодавен панел на експерти…– [Проверено на 04.08.2025]
Оцени: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар