Немало „пандемија во најава“ во комуникацијата со Епстин

Структура на ковид вирусот Фото: https://www.scientificanimations.com, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Вистиномер го пронајде записникот од одржаниот состанок во Женева на 29 и 30 септември 2015 година и од него е евидентно дека се разговарало за грипот (инфлуенцата) односно се разговарало за подготвеноста од евентуална следна пандемија од инфлуенца.

Вистиномер го пронајде записникот од одржаниот состанок во Женева на 29 и 30 септември 2015 година и од него е евидентно дека се разговарало за грипот (инфлуенцата) односно се разговарало за подготвеноста од евентуална следна пандемија од инфлуенца. Но, ова не е планирање на пандемија, туку подготовка за идна пандемија во случај таа да се појави и на ниеден начин не е поврзано со ковид пандемијата која се случи пет години подоцна, како што невистинито се наведува во објавата што ја рецензираме

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Пандемија во најава во комуникацијата на Епстејн!
Годината е 2015, 5 години пред Корона! Со птичјиот грип пробуваа многу порано тоа да го направат, но успеаа тек во 2020 со лилјаците. Ние „Теоретичарите на заговор“ од Родина ја нарековме ПЛАНдемија! Додека сите лицитираа има вакцини, нема вакцини, има респиратори, ние говоревме за планот. Не за да бидеме паметни, луѓето многу погрешно го перцепираат тоа, туку да спасиме Македонци од проектот кој носи се повеќе жртви од турбо канцери и непознато умирање . Како јас го открив планот? Случајно гледајќи телевизија, пратам претежно селектирани извори, но и мејнстрим, наративата која ја видов на глобалните мејнстрим медиуми комплетно беше пресликана на нашите локални. Почнаа да се бројат починати од Корона, вклучувајќи и луѓе кои загинале во сообраќајна несреќа, а биле позитивни, на сите медиуми, по градови. Кај нормален човек со интиуција и здрава свест, веднаш се вклучува алармот, дека тука нешто не е нормално. Преку алатката страв ја отворија портата за експерименталната РНК технологија, која сеуште беше во фаза на испитување, но и идиотски мерки, за да се покаже поданичкиот однос на народите. Јапонците вратија над 1 милиони дози, поради непозната супстанца!Кај нас се пројде, оти тоа е патот кон НАТО и ЕУ и жртвата што мора да ја платиме, размислуваше ресавската школа на бившиот систем кој се трансофрмира денес во евроатлантски со „Еден е изборот“, Комунистичката партија на Македонија, односно НАТО и ЕУ. Искрено не знам утре што ќе биде, не знам и денес што ќе биде, но едно знам, сите треба да служиме во добро за доброто на нашиот македонски род, нашиот славјански род и нашиот човечки род. Немојте возрасни луѓе да говорите дека сте мали, тоа е понижување пред се за вас.

Во склоп на објавата има мејл од преписките кои се објавени на страницата на Министерството за правда на САД. Вистиномер го пронајде конкретниот мејл, во базата документи (најновата објавена транша за Џефри Епстин). Мејлот е испратен од непознат испраќач (името е скриено на сајтот на Министерството за правда на САД), а примател на мејлот е Епстин. Во прикачените документи на мејлот, како што може да се види подолу – има документ со наслов „Состанок во Женева за пандемии, агенда“. Мејлот е испратен на 19 март 2015 година во 17 часот и 28 минути и во него пишува:

Прикачена е драфт-агендата за состанокот за подготовките за пандемии, како што баравте.

Да ги дискутираме следните чекори, на пример како официјално да ја вклучиме СЗО и ICRC (на пример со ко-брендирање).

Сè најдобро и се надевам ќе успееме.

Вистиномер го пронајде записникот од одржаниот состанок во Женева на 29 и 30 септември 2015 година и од него е евидентно дека се разговарало за грипот (инфлуенцата) односно се разговарало за подготвеноста од евентуална следна пандемија од инфлуенца. Но, ова не е планирање на пандемија туку подготовка за идна пандемија во случај таа да се појави и на ниеден начин не е поврзано со ковид пандемијата која се случи пет години подоцна, како што невистинито се наведува во објавата што ја рецензираме. Самата Светска здравствена организација на својата веб-страница транспарентно наведува дека учествува во обезбедување помош за подготовка на државите за пандемии коишто може да се случат. Ова не е нивно планирање.

Пандемиите и големите епидемии можат да одземат милиони животи, да ги нарушат општествата и да ги уништат економиите. Програмата за здравствени итни случаи (WHE) на СЗО работи со земјите-членки за да им помогне на земјите да се подготват за големи епидемии и пандемии. Преку Азиско-пацифичката акциона рамка за здравствена безбедност (APHSAF), се унапредуваат основните капацитети што ги бараат Меѓународните здравствени регулативи (2005) обезбедувајќи важна основа за подготвеност за пандемии. Ова е надополнето со напори за зајакнување на системите и капацитетите специфични за болестите, вклучително и за вакцини, фармацевтски производи и други интервенции за јавно здравје. Земјите се охрабруваат и да го вклучат целото општество за ефикасна подготвеност и одговор на пандемии, наведува СЗО на својата веб-страница.

Уште од 2005 година, на пример, се одвиваат конференции за превенција од можна пандемија од птичји грип, но и тоа се прави од превентивен аспект, а не како планирање на пандемијата.

Така што, немало план за ковид пандемија, таа се случи, вирусот беше изолиран, заразени и починати имаше во сите држави од светот, медиумите секојдневно известуваа за ситуацијата базирано на тоа што во дадениот момент беше познато и официјално.

Вистиномер веќе го дебанкираше тврдењето изнесено во објавата што ја рецензираме за „турбо ракот“.

Точно е дека за време на ковид пандемијата во многу држави, смртта се евидентираше со два параметра – основна причина и придружна причина. Ако некој бил позитивен на ковид и починал во сообраќајка ковид можеше да биде наведен како придружна причина, дури и ако сообраќајката е непосредната причина за смртта. Тоа само значи дека вирусот бил присутен.

Оваа разлика создаде голема конфузија во раната фаза на пандемијата, во некои системи секој што починал и бил позитивен, но подоцна многу земји ги коригираа податоците и ги броеја починатите како „починати со ковид“ и „починати од ковид“.

Не е точно дека вакцините беа „експериментални“ и „уште во фаза на испитување“, како што невистинито се тврди во објавата. Јапонија суспендираше над 1 милион дози од Модерна поради ризик од контаминација но ја продолжи вакцинацијата со други вакцини и Јапонија има една од највисоките стапки на вакцинација.

Мерките што се преземаа во пандемијата беа со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се заштити јавното здравје, а вакцинацијата во Македонија беше спроведена на доброволна база и секој што се вакцинираше против ковид потпиша писмена согласност. Вакцинацијата против ковид не е „жртва што требаше да ја платиме на патот кон ЕУ и НАТО“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција