Немало пожар во гимназијата „Јосип Броз-Тито“

 

[Рецензија: ВИДЕО: Пожар во средното училиште „Јосип Броз Тито“]

Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира и во исто време шири паника за наводен пожар во гимназијата „Јосип Броз-Тито“. Не станува збор за никаков пожар, туку за вежба како да се постапи и како да се евакуира персоналот во случај на пожар.

Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Пожар во средното училиште „Јосип Броз Тито“

Датум и време на објавување: 30.1.2020

Датум на рецензија: 31.1.2020

Рецензира: Силвана Жежова

Како што дознава КУРИР пожарот се случил внатре во самото училиште по што сите ученици веднаш биле евакуирани и извадени надвор од школскиот двор. Во овие моменти учениците се ослободени од настава и истата во текот на денот нема да се одржи.

Вежбата во случај на пожар во средното училиште „Јосип Броз-Тито“ во текстот е прикажана како реална ситуација. На овој начин се шири паника помеѓу граѓаните, особено меѓу родителите на децата, семејствата на вработените во гимназијата. Медиумот е должен да ја провери информацијата и да има официјален став од надлежна институција. Доколку го сторил тоа, ќе дознаел дека се работи за вежба и граѓаните не би биле дезинформирани, туку правилно информирани. Во текстот се објавени видеа на кои има противпожарни возила, но тие се дел од вежбата.

Демант на оваа вест стигна и од гимназијата „Јосип Броз-Тито“, на нивниот фејсбук-профил.

Денес, 30.1.2020 год. во СУГС Гимназија „Јосип Броз – Тито“ се одржа вежба и симулација на пожар при вонредни услови и истата успешно беше реализирана. Во вежбата активно учество земаа учениците и професорите. Им искажуваме благодарност на пожарникарите од Противпожарната бригада на град Скопје кои покажаа вистинска професионалност. Информациите кои беа пласирани од одредени портали се неточни и невистинити, се вели во демантот.

Медиумот што се спомнува во текстот подоцна ја избриша лажната вест, исто како што тоа го сторија и другите медиуми што објавија дезинформации за овој настан. Вакви дезинформации не служат за ништо друго освен за ширење паника помеѓу граѓаните.

Во овој напис се прекршени најмалку два члена од Кодексот на новинарите, член 1 и член 3, во кои е прецизирано дека должност на новинарот е веста да се провери пред да биде објавена, а доколку, сепак, се направи грешка, треба да биде објавена исправка или демант.

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е можно. (член 1)

Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата. (член 3)

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција