Необјавена студија претставена како „најважна“за безбедноста на вакцините
Во објавaта не се наведени други детали зошто не била објавена студијата, освен тврдењето дека авторот и коавторите ќе ги загубеле работните места. Но, непрофитната компанија во чии рамки истражувале соопшти дека не биле исполнети строги научни стандарди, а професор од Стенфорд пак изјави дека студијата е фундаментално фалична
Во објавaта не се наведени други детали зошто не била објавена студијата, освен тврдењето дека авторот и коавторите ќе ги загубеле работните места. Но, непрофитната компанија во чии рамки истражувале соопшти дека не биле исполнети строги научни стандарди, а професор од Стенфорд пак изјави дека студијата е фундаментално фалична
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Една од најважните студии за безбедноста на вакцините до сега. Резултатите не се јавно објавени, добиени се преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од Адвокатот Сири. Повеќе на линкот во коментар.
Во склоп на објавата пишува дека „невакцинираните деца се трипати поздрави“ и дека „децата што примиле една или повеќе вакцини имале драматично повисоки стапки на хронични заболувања по 10 години“ и тоа го „покажала обемна студија во САД која не била објавена зашто нејзините резултати оделе во спротивност со наративот дека вакцините се универзално безбедни“. Се вели и дека вакцинираните деца имале 5.53 пати повеќе невроразвојни нарушувања.
Во објавата се пропушта контекстот, затоа што студијата во која се прави споредба меѓу хроничните болести кај вакцинирани и невакцинирани деца никогаш не била прегледана од медицинската заедница, ниту, пак, нејзините податоци се јавно достапни, а при сослушувањето имало и други спротивни сознанија.
Како што објави „Гардијан“ дебатата во Конгресот на САД со наслов „Како корупцијата на науката влијае врз јавната перцепција и политиките за вакцините“ – во најголем дел се состоела во разговори за необјавена студија која што споредува хронични болести кај деца кои се вакцинирале, споредено со такви кои не се вакцинирале. Водечки автор на студијата, според „Гардијан“, е Маркус Зервос од „Хенри Форд Хелт“, спроведена била во 2020 година и никогаш не била доставена за објава никаде, според сведочењата во Конгресот.
Студијата не ги исполнувала научните стандарди
Сенаторот Рон Џонсон и сведокот Ерон Сири (адвокат што претставува антивакцинално движење), тврделе дека студијата не била доставена за објавување, затоа што авторите би ги изгубиле работните места ако ја објавеле. Сепак, на расправата Зервос не бил присутен, како ни другите автори на студијата. Студијата која никогаш не била прегледана од медицинската заедница, не е моментално достапна за јавноста, ниту во претпечатена, ниту во било каква друга форма.
„Одделот за односи со јавност на Хенри Форд Хелт преку портпаролот за односи со јавност за „Гардијан“ одговорил:
– Оваа студија не беше објавена зашто не ги исполни ригорозните научни стандарди кои ги бараме како примарна здравствена институција што се занимава со медицинско истражување. Податоците конзистентно покажаа дека вакцините се безбедни и се ефективен начин да се заштитат децата против потенцијално животозагрозувачки болести.
Единствената информација која е јавно достапна за студијата доаѓа од самото сослушување, вклучително сведочењето на сведокот и краток трејлер од документарец. Во трејлерот се наведува дека „студијата открила оти во невакцинираната група имало 0 дисфункција на мозокот, 0 дијабетес, 0 проблеми со однесувањето, 0 проблеми со учењето, 0 интелектуални попречености и 0 други психофизиолошки нарушувања“.
За време на дебатата е утврдено дека студијата не наоѓа линк меѓу вакцините и аутизмот.
Џејк Скот, клинички професор за инфективни болести на „Стенфорд“ и сведок за време на сослушувањето имаше различно објаснување зошто студијата не била објавена.
Скот: Студијата е фундаментално фалична
Според него студијата е фундаментално фалична, додавајќи дека нејзините суштински проблеми биле дека „вакцинираните деца имале двојно подолго време за фолоу-ап и повеќе посети на доктори, отколку невакцинираните“. Повеќе посети на доктор значи повеќе шанси и можности да се биде дијагностициран со некоја состојба како АДХД на пример.
Скот продолжи со објаснувањето дека „студијата нашла 0 случаи со АДХД меѓу илјадници невакцинирани деца, но тоа е невозможно кога националната преваленца е 11 проценти“.
Тоа е многу неверојатно, освен ако состојбата е недијагностицирана, рече Скот.
Тој нотираше дека студијата, исто така, тврдела оти „шест до осумкратен раст на ушни инфекции се случувале кај вакцинираните деца, но нема научно објаснување зошто вакцините би зголемиле број на ушни инфекции“.
Овие откритија се конзистентни со минатите истражувања кои покажаа дека родителите што не ги вакцинираат нивните деца, исто така, се со помали шанси да го третираат своето дете во медицинскиот систем за здравствени состојби. Состојбите, пак, кои не се дијагностицирани или третирани, не се појавуваат во студијата, затоа што таа зависи од медицински податоци во досиејата.
Скот како точка за споредба посочи данска студија објавена овој јули во која се истражуваше дали детските вакцини се поврзани со 50 различни состојби, вклучително многу од оние кои се споменати во необјавената студија од објавата што ја рецензираме – АДХД, аутизам, астма, алергии на храна и егзема. Данската студија ги разгледа исходите на преку милион вакцинирани деца и 15 илјади невакцинирани деца, додека необјавената студија разгледа 18.500 вакцинирани деца и 2.000 невакцинирани деца според сослушувањето.
Данската студија не најде значително зголемување во ризикот на било кои од состојбите кои биле предмет на интерес и, исто така, докажа дека вакцинираните деца имаат пониски стапки на некои состојби како улцеративен колитис.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар