Неодговорно е објавувањето неумесни шеги со корона-вирусот

 

[Рецензија: Филипче: Директорката ќе биде наградена, кивала во лакт!]

Намерата на насловот на текстот што го рецензираме е да се направи шега на сметка на министерот за здравство, Венко Филипче, но сериозноста на ситуацијата со корона-вирусот апсолутно не допушта вакви неумесни шеги, кои не се од никаков јавен интерес. Текстот се коси со новинарските и етичките стандарди во известувањето, имајќи предвид дека точното информирање е клучно во вакви состојби.

Линк до оригиналниот напис: Филипче: Директорката ќе биде наградена, кивала во лакт!

Датум на објавување: 9 март 2020 г.

Датум на рецензирање: 11 март 2020 г.

Рецензент: Силвана Жежова

Докторката не се откажала од секојдневните обврски, организирала и семинар, но присутните ми потврдија дека цело време кивала во лакт, како што е пропишано во правилникот за поставување, истакна Филипче на прес-конференцијата.

Оваа медиумска содржина е потпишана од „Пиперка Ајварка“, а во објаснувањето за рубриката „Двоглед,“ во којашто е објавен, се вели дека „целта на ’Двоглед‘ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна“.

Но, прогресијата на состојбата со корона-вирусот (гледано во пошироки рамки, не само во нашата земја) не дозволува невкусен хумор. Особено не треба вниманието на јавноста да биде насочувано кон измислени изјави објавувани дури и во вакви несериозни рубрики. Тоа воопшто не дава корисни информации за правилно информирање на граѓаните и што е најважно, не помага за превенцијата од вирусот.

Текстот е објавен на 9 март, денот кога се затворија цела Клиника за кожни болести и кожното одделение во Штип, и кога близу 200 луѓе, кои имале посреден или непосреден контакт со заразената докторка Нина Цаца Биљановска, беа ставени во домашна изолација. Од ова подоцна произлегоа и построгите мерки на Владата, со кои, меѓу другото, се затворија и сите образовни институции. Оттука се поставува прашањето, кому му е до шега во ваква ситуација на криза?

Иако, постои обид за исмејување на Филипче поради несериозниот однос на докторката Цаца Биљановска, и терање мајтап со една од препораките  (кивање во лакoт), со вакви текстови не се дава придонес за правилното информирање – клучната улога што медиумите ја имаат во овие моменти за граѓаните.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми,се вели во член 8 од КОДЕКСОТ на новинари.

Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите постојано апелираат новинарите одговорно да известуваат за состојбата со корона-вирусот.

Во врска со појавата на случај на корона-вирус во државата, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) повикува медиумите да се однесуваат професионално и етички и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника кај јавноста, се вели во апелот на СЕММ.

На одговорно известување повика и Европската федерација на новинари (ЕФН), од каде што посочуваат дека новинарите имаат обврска да објавуваат точни податоци од официјални извори, како што се тие од Светската здравствена организација, и да бидат во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите. ЗНМ им порача на граѓаните да внимаваат од кои медиуми се информираат за овие теми и предност да им дадат на медиумите што се дел од регистарот на професионални онлајн-медиуми.

Имајќи ги предвид сите овие апели од фелата, препораките од Министерство за здравство, напорот што здравствените работници го вложуваат за контрола на состојбата, објавувањето шеги и текстови од овој тип е неумесно и неодговорно.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција