Неосновано се тврди дека именувањето на Шекеринска за втор човек на НАТО нè прави непријатели на Русија и Кина

Фото: mod.gov.mk

Назначувањето на Шекеринска за заменик генсек на НАТО не нè прави непријател на Русија, бидејќи Македонија веќе е „непријател“ на Русија со самото тоа што е членка на НАТО и кандидат за члeнство во ЕУ, следејќи ги чекорите на овие две организации во однос на мерките кои ги преземаат против Русија поради нејзината воена агресија врз Украина. Што се однесува до односите со Кина, оваа држава досега не објавила дека ни е непријател, ниту, пак, имаше реакција од нејзина страна за изборот на Шекеринска за втор човек на Алијансата

Назначувањето на Шекеринска за заменик генсек на НАТО не нè прави непријател на Русија, бидејќи Македонија веќе е „непријател“ на Русија со самото тоа што е членка на НАТО и кандидат за члeнство во ЕУ, следејќи ги чекорите на овие две организации во однос на мерките кои ги преземаат против Русија поради нејзината воена агресија врз Украина. Што се однесува до односите со Кина, оваа држава досега не објавила дека ни е непријател, ниту, пак, имаше реакција од нејзина страна за изборот на Шекеринска за втор човек на Алијансата

 

Анализираме објава на Тредс која вели:

Изборот на Шекеринска значи постануваме непријатели на Русија Кина и сл. Сили во светот. Нејзината улога е изузетно важна бидејќи има огромно знаење од геополитика и воена доктрина. Браво.

На 19 ноември 2024 година, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објави дека македонската поранешна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска  е назначена за следна заменик-генерална секретарка.

Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следна заменик-генерална секретарка. Таа е вистински верник во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучите на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа важна улога, беше наведено во изјавата на Руте.

Веста дека Шекеринска е назначена за заменик-генерална секретарка на НАТО, ја поларизираше јавноста во земјава.

Објавата што ја анализираме ја критикува одлуката за вториот човек на НАТО, наведувајќи дека со изборот на Шекеринска за заменик генсек, Северна Македонија станала непријател на Русија и Кина.

Ваквите наводи се невистинити.

Прво, назначувањето на Шекеринска нема никаква врска и никакво влијание врз односите на Северна Македонија со Русија и Кина.

РСМ е „непријателска земја“ за Русија уште од 7 март 2022 година, значи 15 дена по инвазијата, кога Кремљ првпат ја издаде листата на 50 земји непријатели, т.е. оние кои се ставија на страна на Украина не само политички, туку и со конкретна помош и оние кои малку подоцна се согласија со наметнување и поддршка на санкциите.

Имено, по налог на рускиот претседател Владимир Путинруската влада состави список од држави коишто наводно „презеле непријателски акции против Русија, руски компании и граѓани“.

На овој список се најде Северна Македонија, заедно со САД, Канада, Велика Британија (вклучувајќи ги Џерси, Ангвила, Британски Девствени Острови, Гибралтар), сите земји-членки на ЕУ, Украина, Сан Марино, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Андора, Јужна Кореја, Австралија, Микронезија, Нов Зеланд, Сингапур и Тајван.

На 21 септември 2024 година, Русија објави нов список на 47 непријателски земји кои наметнуваат „деструктивни ставови кои се во спротивност со руските духовни и морални вредности“. Меѓу нив е Македонија, како и речиси сите земји од Европската Унија, со исклучок на Унгарија и Словачка. Вклучени се сите земји од НАТО, освен Турција. На листата се и Швајцарија, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Нов Зеланд, Микронезија и Бахамите, како и Украина.

Именувањето на Шекеринска за заменик генсек на НАТО не нè прави непријатели на Русија, бидејќи Македонија веќе е „непријател“ на Русија со самото тоа што е членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, следејќи ги чекорите на овие две организации во однос на мерките кои ги преземаат против Русија поради нејзината воена агресија врз Украина.

Што се однесува до односите со Кина, оваа држава досега не објавила дека ни е непријател, ниту, пак, имаше реакција од нејзина страна за изборот на Шекеринска за втор човек на НАТО алијансата.

Дека односите со Кина не ни се нарушени говори и фактот што кинеското Министерство за надворешни работи, три дена по назначувањето на Шекеринска, соопшти дека ќе ја прошири политиката на безвизен режим за уште девет земји, меѓу кои се најде и С. Македонија.

Во периодот помеѓу 30 ноември 2024 година и 31 декември 2025 година, политиката за ослободување од визи ќе се применува за обичните носители на пасоши и од Бугарија, Романија, Хрватска, Црна Гора, Малта, Естонија, Летонија и Јапонија, соопшти на прес-конференција во Пекинг портпаролот на МНР на НР Кина, Лин Џијан.

Сите овие земји, со исклучок на Малта и Јапонија, се членки на НАТО.

Јапонија е еден од партнерите на НАТО во Индо-пацифичкиот регион, заедно со Австралија, Република Кореја и Нов Зеланд. Индо-Пацификот е важен за Алијансата, имајќи предвид дека развојот на настаните во тој регион може директно да влијае на евроатлантската безбедност.

Оттука, не може туку-така произволно да се тврди дека со назначувањето на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО сме станале непријател на Русија и Кина. Ваквото тврдење е класична манипулација. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција