Неосновано се тврди дека речиси 4 илјади лица починале од вакцината против ковид-19

Фото: pixabay.com

Во објава на Фејсбук бројката на пријавени извештаи за лица кои починале по примањето на дозата од вакцината против ковид-19, се изедначува со наводен факт за починати од ковид-вакцината, што е различно. Неосновано е  да се тврди дека смртта е во директна корелација со самата вакцина и тоа точно е објаснето на веб- страницата на Европската база на пријави за сомневања за несакани ефекти од лекови и медицински средства

Во објава на Фејсбук бројката на пријавени извештаи за лица кои починале по примањето на дозата од вакцината против ковид-19, се изедначува со наводен факт за починати од ковид-вакцината, што е различно. Неосновано е да се тврди дека смртта е во директна корелација со самата вакцина и тоа точно е објаснето на веб-страницата на Европската база на пријави за сомневања за несакани ефекти од лекови и медицински средства

 

Сомнеж, односно пријава дека нешто се случило и официјална потврда дека нешто се случило, се две многу различни категории. Во постот што го рецензираме, се тврди дека официјалната европска база на медицински податоци објавила оти досега во ЕУ се евидентирани 3.964 умрени и 162.610 повредени од вакцините. Но, тука е испуштен контекстот, односно се прикриваат суштински информации за конкретната состојба, со што се наведуваат граѓаните на погрешен заклучок. Згора на сè, тоа се претставува како факт.

Официјалната европска база на медицински податоци го објави следниов факт: Досега, во ЕУ се евидентирани 3.964 умрени и 162.610 повредени од вакцините. Не знам од колку вкупно вакцинирани, но овие бројки се многу лоши, се тврди во постот.

Но, поради невнимателност, бројката на пријавени извештаи за лица кои починале по примањето на дозата од вакцината против ковид-19, се изедначува со наводен факт за починати од ковид-вакцината.

Дури и изворот на кој се повикува авторот на постот, а тоа е Европската база на пријави за сомневања за несакани ефекти од лекови и медицински средства, јасно наведува дека тоа не треба да се прави.

Тие на својот официјален веб-сајт објавуваат упатство за тоа како треба да се разберат пријавите. Во него стои следното објаснување, од кое произлегува дека во постот што го рецензираме, се направени сериозни пропусти во однос на толкувањето на овие бројки во нивниот правилен контекст.

Ова е листа на важни поенти кои треба да ги имате предвид кога ги разгледувате извештаите на несакани ефекти. За еден лек да биде одобрен за употреба, неговите бенефити треба да поголеми од неговите несакани ефекти. Во моментот кога лекот е одобрен за употреба, балансот меѓу користа и ризикот на лекот се пресметани и веќе е утврдено дека бенефитите се посилни од несаканите ефекти. Сите информации достапни на овој сајт се за лекови кои се одобрени во Европската економска зона. Информациите на овој сајт се однесуваат на СОМНЕВАЊА ЗА НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ, со други зборови, ефекти кои што биле опсервирани по давањето на некој лек или третман. Овие сомневања за несакани ефекти МОЖЕ ДА НЕ СЕ ПРИЧИНСКИ-ПОСЛЕДИЧНО ПОВРЗАНИ СО ЛЕКОТ. Сите лекови може да имаат несакани ефекти и важно е да се каже дека повеќето луѓе земаат лекови без несакани последици.

Секој случај може да биде пријавен на база на СОМНЕВАЊЕ дека несаканиот ефект е поврзан со лекот. Но, тоа не значи дека има поврзаност меѓу лекот и несаканиот ефект. Несаканиот ефект МОЖНО Е ДА СЕ СЛУЧИЛ ПОРАДИ ДРУГИ ФАКТОРИ, НА ПРИМЕР, болест за која што бил земан лекот, или интеракција меѓу два лека. 

Секој индивидуален случај треба да се види во контекст на сите достапни информации. САМО СО ПРИСТАП ДО ЦЕЛОСНИТЕ ДОСТАПНИ ИНФОРМАЦИИ од клиничките испитувања, други студии и научна литература треба да се носат заклучоци за тоа дали некој лек има ризици. Информациите на оваа веб страница НЕ СМЕЕ ДА СЕ КОРИСТАТ за да се ПРЕДВИДУВА ИДНА ВЕРОЈАТНОСТ ЗА СЛУЧУВАЊЕ НА НЕСАКАН ЕФЕКТ, наведуваат од Европската датабаза на сомневања за несакани ефекти од лекови.

Исто така, во извештајот којшто се цитира во постот се наведени и пријави за несакани ефекти кај вакцината на „Модерна“, којашто Македонија воопшто нема да ја добие, зашто оваа компанија не е заинтересирана за мали пазари како македонскиот (така изјави претседателката на комитетот за имунизација, професор доктор Александра Грозданова во брифинг за новинарите на 2 април 2021 година).

Сите вакцини се ефикасни и безбедни. Досега Европската агенција за лекови ги одобри вакцините на „Фајзер“, „Астра зенека“ и „Џонсон и Џонсон“, а ФДА (Американската агенција за лекови) ги одобри вакцините на „Фајзер“, „Астра зенека“, „Џонсон и Џонсон“ и „Модерна“ – рече Грозданова.

Според неа досега во Македонија 4.027 граѓани се вакцинирале со првата доза на Фајзер, а 2.996 со првата доза на Спутник. Пријавени се десет несакани реакции на фајзеровите вакцини, но благи, како температура. Имало и  неколку пријави и за вакцината „Спутник“, ама исто така благи.
Точно е дека како и од сите други медикаменти и кај вакцините може да се појават несакани ефекти, меѓутоа да се тврди дека речиси 4 илјади луѓе починале како последица од вакцината не е точно. Толку смртни случаи биле пријавени во датабазата, а за нив уште се испитува од што се настанати. Засега во Европа се администрираат и како безбедни од Европската агенција за лекови се сметаат сите вакцини, освен онаа на „Астра Зенека“, која е времено суспендирана поради тоа што се испитува дали ретките случаи на тромбоза што се јавиле после неа кај некои пациенти, се причински-последично поврзани со самата вакцина. И ова уште не е докажано, но како мерка на претпазливост, вакцината во Македонија се дава само на постари од 60 години, додека се чека да завршат официјалните истражувања и препораките од ЕМА да стигнат и до Македонија.

Оттука, неосновано е да се тврди дека смртта е во директна корелација со самата вакцина и тоа точно е објаснето на веб- страницата на Европската база на пријави за сомневања за несакани ефекти од лекови и медицински средства.

Во Македонија за само една недела, починаа 227 лица како последица на ковид-19, а за една година црниот биланс е 3.860 лица.

Несомнено, ризикот од тешки компликации и смртност од ковид-19 е многукратно повисок од ризикот да се развијае несакани ефекти од вакцината. Тоа го тврди директорот на Институтот за имунологија професор доктор, Александар Петличковски.

Се работи за вакцини кои имаат ефикасност над 90 отсто. Успешноста на вакцината е да елиминира шанса за смрт и тешка болест, што значи дека тие пациенти нема да стигнат до болница, а болниците, пак, ќе се занимаваат со други патологии. Тоа во Израел е постигнато со вакцинирање на речиси 70 проценти од населението. Таму има само 440 случаи на ковид дневно и 8 смртни случаирече Петличковски на брифинг со новинарите организиран од Лекарската комора на 2 април 2021 година.

Во Македонија, според  статистиката на Министерството за здравство, во само еден ден имаше 50 смртни случаи и 1.320 новодијагностицирани со коронавирусот. А Израел во споредба со Македонија, има нешто над девет милиони жители.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција