Непостоечка изјава на ексминистерот за надворешни работи на Украина

Фото: kmu.gov.ua

Објава на Фејсбук цитира изјава на екс-министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, поткрепувајќи го тоа со еден дубиозен грчки медиум, а тој самиот се повикува на објава на некој Твитер-корисник, чија релевантност и кредибилност се под огромен знак прашалник. Наводната изјава на Кулеба е толку провокативна, што би требало да биде на насловните страни на сите релевантни светски медиуми, но неа во нив ја нема никаде, а сето тоа е крајно сомнително

 

Објава на Фејсбук цитира изјава на екс-министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, поткрепувајќи го тоа со еден дубиозен грчки медиум, а тој самиот се повикува на објава на некој Твитер-корисник, чија релевантност и кредибилност се под огромен знак прашалник. Наводната изјава на Кулеба е толку провокативна, што би требало да биде на насловните страни на сите релевантни светски медиуми, но неа во нив ја нема никаде, а сето тоа е крајно сомнително

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

Дмитро Кулеба за украинската влада: „Таму сите се зависници од дрога“! Што изјави поранешниот министер за надворешни работи

Заради поткрепување на цитатот, во објавата е споделен линк до напис на грчкиот медиум Pronews.gr. Но, како прво, иако тој медиум има извесна популарност во Грција, тој не спаѓа во нејзините најрелевантни медиуми како Катимерини, Та неа, Етнос или Елефтерос типос, добар дел од кои опстојуваат со децении, ако не и векови, најпрвин во печатен, а сега и во онлајн-формат. Импресумот на Pronews.gr е крајно штур и тоа е релативно млад медиум (од 2006 година) и има далеку послабо реноме.

А како второ и многу поважно, тој напис на Pronews.gr не се темели врз некој сериозен извор, туку врз објава на некој Твитер-корисник. Тој твит е вметнат во написот на Pronews.gr, а автор на твитот е лице со корисничко име @Versati51739827, чија релевантност и кредибилност се под огромен знак прашалник. На Твитер, лицето се опишува себеси со следниве зборови (преведено од англиски):

Стар чичко кој се туфка, пензиониран морнар, роден во Ирска, конзервативец, љубител на кучиња.

Зошто ние треба да му веруваме на тој човек – не е јасно, а фактот што Pronews.gr му дале таков публицитет сведочи за нивната непрофесионалност. Тој Твитер-корисник тврди дека Кулеба ја дал својата изјава во интервју за некој полски медиум, но за тоа не приложува некаков извор или линк. Истото некритички го пренесуваат и Pronews.gr, исто така, без никаков линк до тоа интервју.

Во коментарите под тој твит, некои корисници го обвиниле авторот за ширење на лажни вести (линкови: тука, тука и тука), на што тој возвратил дека Кулеба ја дал таа изјава за полскиот медиум WPolce24, но повторно без никакви детали и линкови.

Ние извршивме пребарување кај тој полски медиум (Wpolsce24.tv) и тоа на полски јазик (Kułeba), а исто така и на Јутјуб-каналот на тој медиум и на неговата Фејсбук-страница. По наведените места има содржини во врска со Кулеба, па и интервјуа со полски аналитичари, кои говорат за него, но никакво интервју со него не најдовме, ниту ја најдовме изјавата која му се припишува.

Пребарувањето го продолживме на Google, со клучни зборови на полски јазик како: Kułeba, narkomani, uzależniony od narkotyków или сл., но не најдовме ништо особено, а тоа важи и за пребарувањето на англиски со зборови како: Kuleba, drug addicts, junkies или сл. Успеавме да најдеме само слични Твитер-објави на онаа која веќе ја опишавме, но и во нив не се наведени никакви извори и тие се безвредни (примери: тука и тука).

Изјавата на Кулеба е непостоечка, а ако таа била дадена, таа е толку провокативна, што за неа би ечеле сите релевантни светски медиуми, но такво нешто нема. Ги проверивме и профилите на Кулеба на Фејсбук и Твитер, но ни таму нема ништо особено.

Инаку, во написот на Pronews.gr е вметнат и видео-плеер, но снимките кои ги прикажува немаат врска со Кулеба. Со секое ново отворање на написот, во тој видео-плеер се вчитуваат случајни („рандом“) снимки од продукцијата на Pronews.gr, па еднаш тоа беше вест за Доналд Трамп, потоа за африканската држава Конго, потоа нешто за Грција итн.

Понекогаш, тоа не се вести за одделни настани, туку збир на вести од Грција и светот во телевизиски стил со водителка и со подолго времетраење, но ни во тие случаи не забележавме нешто за наводната изјава на Кулеба.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата која тука ја рецензиравме ја оценуваме како невистинита.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција