Непоткрепено е тврдењето дека „Илијада“ и „Одисеја“ биле напишани на македонски јазик
Тврдењето во објавата е непоткрепено и спротивно на достапните научни сознанија. Академските извори го идентификуваат јазикот на „Илијада“ и „Одисеја“ како хомерски грчки, а нема веродостојни докази дека еповите биле преведени од старо македонско писмо.
Тврдењето во објавата е непоткрепено и спротивно на достапните научни сознанија. Академските извори го идентификуваат јазикот на „Илијада“ и „Одисеја“ како хомерски грчки, а нема веродостојни докази дека еповите биле преведени од старо македонско писмо. Националниот и историскиот идентитет не можат да се утврдуваат преку непотврдени тврдења за потеклото на античките книжевни дела
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
“варварскиот јазик” на кој е напишана “Илијада и одисеја”, е македонскиот јазик а писанието од кое е преведен епот на грчки јазик е македонското тогашно старо писание а светската историја сето тоа добро го знае а упорно се труди да го сокрие.. Ете затоа им сметаат името Македонија и Македонците како народ кои го влечат генот од таа пра пра историја и токму поради тоа тешко дека некогаш ќе биде уништен.
Тврдењето дека Хомеровите епови „Илијада“ и „Одисеја“ биле напишани на македонски јазик, а потоа преведени на старогрчки, е непоткрепено со историските и лингвистичките докази.
Според академските истражувања, јазикот на „Илијада“ и „Одисеја“ е познат како хомерски грчки — посебен поетски јазик со претежно јонски, но и еолски и други архаични јазични елементи. Ова го објаснуваат и Универзитетот во Кембриџ и Универзитетот во Чикаго, чии истражувања ја опишуваат усната традиција од која произлегле еповите и нивното подоцнежно запишување.
Не постојат признати историски извори или јазични докази што потврдуваат дека еповите првично биле напишани на македонски јазик или дека биле преведени од некакво старо македонско писмо на грчки. Напротив, зачуваните ракописи и јазичните анализи ги документираат како дела од старогрчката книжевна традиција. Perseus Digital Library на Универзитетот Тафтс исто така ги сместува еповите во традицијата на старогрчката усна поезија.
Еповите со векови се пренесувале усно преку пеење (рапсоди). Околу 556 година п.н.е., атинскиот владетел Пизистрат наредил овие усно пренесувани песни конечно да се соберат, запишат и редактираат (стандардизираат) на атички (атински) дијалект за да се рецитираат на Панатенајските игри. Значи, не станувало збор за превод од друг јазик, туку за јазична редакција и запишување од еден грчки дијалект на друг.
Во светската наука постои целосен консензус дека Хомеровите епови се темел на старогрчката и европската книжевност и нивната оригинална форма отсекогаш била грчка, еволуирана од богатата усна традиција на микенското и геометриското доба на Грција.
Важно е да се разликува постоењето на античките Македонци и нивниот јазик од денешниот македонски јазик. Истражувањето на античката македонска јазична историја е посебно научно прашање и не претставува доказ дека Хомеровите епови биле напишани на современиот македонски јазик или на негов претпоставен директен претходник.
Исто така, тврдењето дека светската историографија намерно ги прикрива овие наводни факти не е поткрепено со конкретни документи или докази.
Тврдењето во објавата е непоткрепено и спротивно на достапните научни сознанија. Академските извори го идентификуваат јазикот на „Илијада“ и „Одисеја“ како хомерски грчки, а нема веродостојни докази дека еповите биле преведени од старо македонско писмо. Националниот и историскиот идентитет не можат да се утврдуваат преку непотврдени тврдења за потеклото на античките книжевни дела.
Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар