Непознато е дали воопшто е потребна поддршка од Вториот во Првиот пензиски столб

Т. Славески. Фото: скриншот

 

Од ВМРО-ДПМНЕ неколку пати го повторуваат предлогот за финансиски инженеринг од Вториoт во Првиот пензиски фонд, со цел да се надмине буџетската дупка, при што може да се сретнат и полувистини, какви што се детектираат во изјавата на професорот Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ:

ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш повикува сериозно да се разгледа нашиот предлог, почнувајќи од март оваа година делот од придонесот за пензиско-инвалидско осигурување кој се насочува кон едно од трите пензиски друштва за капитално финансирано пензиско осигурување (приватни пензиски фондови), одреден временски период додека трае кризата и последиците од неа да се уплаќа во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија. Оваа поддршка му е неопходна на државниот пензиски фонд со оглед на тоа што речиси 100% од пензиите на тековните пензионери се исплаќаат од овој фонд и дури и во нормални околности недостигот на средства државата го надополнува со трансфери од државниот буџет. Значи, не станува збор за некакво зафаќање на средства на осигурениците кои се акумулирани на нивните сметки кај приватните пензиски друштва, кое што видовме го направи Владата на СДСМ изминатата година, како што сега сака да манипулира од страна на власта и медиумите под нивна закрила. Дури може да се размислува во иднина, кога ќе се стабилизираат состојбите, осигурениците да се компензираат за висината на овие средства кои времено ќе се пренасочат кон ФПИОМ за непречена и навремена исплата на пензиите.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – прес на Т. Славески – датум: 04.04.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Дел од изјавите на Славески на пресот одржан на 04.04.2020, кои ги оценуваме како полувистина, се подвлечени во горната изјава. Аргументите се следни.

Прво, никој не знае во моментот колку ќе трае кризата, кое сценарио за буџетскиот дефицит ќе биде дел од нашата реалност, дали 20, дали 30 или најцрното до 40 отсто, како што соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска, па оттаму, ниту може да се каже во овој момент дека ќе треба да се интервенира токму со парите од Вториот пензиски столб.

Самиот Славески во емиисјата „Детектор“ на Тв Сител, емитувана на 05.04.2020, вели дека „сите проценки се дека состојбите ќе почнат да се нормализираат некаде кон средината на летото и дека економијата ќе почне полека да заживува“ (од 27 мин. во разговорот).

Според изјавите на Ангеловска, при најлошото сценарио од пад на приходите од 40 отсто ќе треба да се обезбедат финансиски средства од околу 1,3 милијарди евра. Секако дека во дел од овие средства најверојатно ќе се наоѓаат и средствата за пополнување на редовната дупка во Првиот пензиски столб, која грубо во минатата година изнесуваше меѓу 250 и 300 милиони евра, но која, да не се заборави, беше намалена за прв пат по децениски негативен тренд на зголемување. И, така, од над 300 милиони евра, во 2019 г. се очекуваше намалување на помошта од буџетот за Фондот за нешто над 250 милиони евра. (прес на мин. Мила Царовска на крајот на номври 2019).

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е да се интервенира со пренасочување на околу 160 очекувани милиони евра максимална уплата во Вториот пензиски столб, во Првиот, од март 2020 до крај на декември 2020, според едната верзија, а според другата што ја  кажува Славески на пресот од 04.04. 2020 – „додека трае кризата“. Ако трае до крајот на годината, тие велат околу 160 милиони евра од Вториот да одат во првиот.

Но, за да се донесе уредба со законска сила, прво не се знае за колку време треба да важи, а второ станува збор за средства на граѓаните, кои, иако станува збор за задолжително штедење, станува збор за лична сопственост, а според меѓународните конвенции и декларации, личната сопственост спаѓа во редот на најценетите основни човекови права. Заклучокот би бил дека, сепак, таквата мерка би предизвикала ограничување на тие човекови права, а согласно тоа, евентуална таква уредба би требала да се донесе барем со согласност на граѓаните што ги заложиле своите средства таму, без оглед што станува збор за вонредна состојба.

Тоа значи дека ако треба да се донесе таква мерка, а засега вооопшто не е познато дали ќе треба, прво треба да се изјаснат тие што штедат во Вториот столб, а потоа да има и мерка со која тие средства треба да им се вратат. Со што, повторно се доаѓа до задолжување, но наместо на странски пазари, со пари на домашни пазари.

Таков аргумент му постави на Славески и Фатмир Битиќи, економски советник на премиерот во веќе споменатат емисија „Детектор“, прашувајќи го Славески дали ВМРО-ДПМНЕ кој ја предлага оваа мерка, може да гарантира дека во јануари 2020 година на штедачите во Вториот пензиски фонд ќе им ги врати/ат одземените 160 милиони евра? Одговор од Славески немаше, т.е. преупати на Мицкоски, кој рекол дека тие пари постои можност да им се вратат. Што пак, е идентично со пресот на Славески од 04.04.2020, кој што е предмет на оваа рецензија, кога тој тоа го остави за некоја иднина како опција: Дури може да се размислува во иднина, кога ќе се стабилизираат состојбите, осигурениците да се компензираат за висината на овие средства кои времено ќе се пренасочат кон ФПИОМ за непречена и навремена исплата на пензиите, вели Славески.

И дел од други економисти ја имаат истата логика како Битиќи и други економисти – прво да се задолжиме во странство. Бранимир Јовановиќ, поранешен советник за финансии на претходниот министер професорот Тевдовски, вели дека приоритет се странските пари:

Предлогот за задирање во средствата на втoриот пензиски столб не дека правно не би можел да се спроведе, но тука проблемот е друг. Имено, тие средства, исто како и средствата што беа споменувани од благајничките записи, се домашни средства со кои располагаат финансиски субјекти како што се банките или финансиските друштва кои управуваат со пензискиот столб. А, при ваква криза најважно е да обезбедиме прво средства од странство, за да имаме поголема сигурност. Со приливот на странските средства треба да се пополни буџетската дупка, за да може да се алиментираат потребите на државата, меѓу кои, покрај здравството, не треба да се заборави и на социјалата, а потоа да послужат и за ликвидност на стопанството. Ако стигнеме до степен кога веќе нема средства од надвор или тие ќе бидат толку скапи што нема економски есап за државата да ги земе, дури тогаш треба да се погледне и да се интеревнира со уредби со законска сила со кои ќе се посегне по домашните средства, меѓу кои би била и оваа интервенција во вториот пензиски столб – ни изјави Јовановиќ.

И конечно, за тврдењето на Славески дека државата тоа веќе го направила со 17.000 лица кои штеделе во Вториот столб во текот на 2019 година. Да, тоа е точно, но повторно е полувистина, затоа што на секој осигуреник му беше кажано дека може да избере, дали сака да остане во тој столб. И друштвата испратија писма до секој осигуреник при што тие можеа да размислат до 30 септември 2019 г. Што значи, прво, тие осигурениците беа информирани од државата дека според пресметките ќе им биде поповолна пензијата ако се префрлат во Првиот столб, а потоа им остави и избор. Што укажува дека и во овој дел изјавата на Славески од пресот од 04.04.2020 е полувистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција