Непризнат трибунал ги прогласи вакцините против ковид за масовно оружје

Вакцини против ковид 19 на АстраЗенека Фото: Whispyhistory, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Документот со тврдењето дека вакцините против ковид се „оружје за масовно уништување“ постојано кружи онлајн на блогови и веб-страници кои се познати по ширење теории на заговор и антиваксерски ставови, но не е правно валиден ниту научно поткрепен.

Документот со тврдењето дека вакцините против ковид се „оружје за масовно уништување“ постојано кружи онлајн на блогови и веб-страници кои се познати по ширење теории на заговор и антиваксерски ставови, но не е правно валиден ниту научно поткрепен. „AIN Tribunal“ не е вистински меѓународен суд – тоа е самопрогласена група без меѓународен или државен легитимитет. Веста дека „трибуналот ги прогласил ковид-вакцините за оружје“ произлегува од алтернативни и дезинформациски медиуми, а не од признати новинарски или институционални извори

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Ајде ФАКТЧЕКЕРИ вие сте на ред
Само прашувам ,ОВА ЛАГА Е ИЛИ НЕ ?
” Трибуналот на AIN ги прогласи Ковид инекциите за оружје за масовно уништување “
.

На почетокот на октомври 2025 година на социјалните мрежи и неколку алтернативни медиуми се прошири документ со лого „AIN International Tribunal“, во кој се тврди дека вакцините против ковид-19, особено мРНК вакцините, се „биолошки и технолошки оружја за масовно уништување“ и дека за тоа наводно е донесена „меѓународна судска одлука“.

Документот се појави најпрво на сајтови како The People’s Voice, Expose-News насловот споделен во објавата која ја анализираме) и неколку Substack блогови, кои често објавуваат материјали од антиваксерски или конспиративен карактер. Ниту една државна институција, ниту релевантен медиум, не ја пренесе оваа наводна одлука како официјална или верификувана вест.

 

Што е „AIN Tribunal“

AIN е кратенка за Alliance of Indigenous Nations — неформално здружение што тврди дека претставува различни домородни народи низ светот. Организацијата има сопствен веб-сајт (allianceofindigenousnations.org) и објавен „договор“ меѓу потписници, каде се спомнува создавање на „International Tribunal“.

Но, тој трибунал не е признат од ниту една држава, меѓународна организација или суд. Не постои правна одлука со која тој би добил надлежност под меѓународното право, ниту пак, има запис дека неговите „пресуди“ биле спроведени во пракса. Во суштина, станува збор за самопрогласена група која користи јазик на меѓународно право, но нема официјален легитимитет.

Во Договорот („Treaty“) на AIN, на листа на потписници („AIN Nations“) (стр.13) се наведени неколку групи и овластени претставници “signatory authority and seal” (потписнички авторитет), како на пример: „Tai He Dao Ministry ‐ President/Abbot/Master Yun Xiang Tseng“ е еден таков потписник. Други примери на потписници се: ASMIN ‐ Sr Elder H.G.C. Gwayak Bikwak, G. C. Wabiska Mukwa; ANPC International ‐ Kristi Friesen; Soualiga Maroon Nation SKM, St. Martin – Chief Calvin Fred Philips; Urshataw Muu Global Sovereign Nation Yurumie – H. P. C. Tonic; Okanagan Suk’naqinx-syilx Nation – Chief Steven Bydeley; Bougainville Islands Region – North Solomon – Me’ekamui – Papa’ala; Twin Kingdom – Triun Government Nation ‒ Ophir – Lord Frederick Stewart. Што само по себе не кажува ништо.

Нo, нема информација дека овие потписници се „глобални лидери” на организацијата, односно дека се дел од „извршен одбор“, „претседателство“ или имаат формална административна позиција преку која ја водат целата организација.

Нема биографии или верификувани јавни записи за сите потписници, на пример дали се избрани, длабински ангажирани, или се само потписници на меморандум/декларација.

Во контакт информациите на AIN, нема детално наведено кои се главните лица (името на претседателот, секретарот, судиите на трибуналот) кои го раководат овој таканаречен трибунал.

AIN тврди (на својата веб-страница) дека постои „признание“ од Службата за односи со домордното население на северот на Канада (CIRNAC) од 13 декември 2024, и на нивниот сајт пласираат документ со таква најава/комуникација. Но не постои независен, авторитетен доказ (во јавните, официјални/владини извори) дека Канадската федерална влада, CIRNAC, или друга институција формално, го признале AIN како суд со правна надлежност под меѓународно право со правно-обврзувачка моќ. Ниту, пак, има доказ дека некоја друга држава/меѓународна институција го сторила.

Документот кој го објавил оваа организација, а на која се повикува објавата што ја анализираме, навистина постои, но нема доказ дека е официјален правен акт. Не е издаден од ниту еден признат суд, нема јавен запис за судски процес, а изворите што го објавуваат не доставуваат ниту докази, ниту документи од независен извор што би потврдиле дека ваква одлука е донесена по законски пат.

 

Ковид-вакцините се безбедни

Ниту Светската здравствена организација (СЗО), ниту националните здравствени агенции не ги признаваат ваквите тврдења (дека ковид-вакцините се оружје за масовно уништување). Напротив, тие постојано потврдуваат дека мРНК вакцините се безбедни и ефективни медицински производи со јасно утврден надзор на безбедноста.

Регулатори признаваат и дека постојат ретки несакани ефекти (на пр. известувања за миокардитис/перикардитис особено кај млади мажи) и затоа ажурираат информации за безбедност и упатства. Но ова е далеку од правна или научна класификација „оружје за масовно уништување“.

Од сето ова можеме да заклучиме дека документот со тврдењето дека ковид вакцините се „оружје за масовно уништување“ постојано кружи онлајн на блогови и веб-страници кои се познати по ширење теории на заговор и антиваксерски ставови, но не е правно валиден ниту научно поткрепен. „AIN Tribunal“ не е вистински меѓународен суд — тоа е самопрогласена група без меѓународен или државен легитимитет. Веста дека „трибуналот ги прогласил ковид-вакцините за оружје“ произлегува од алтернативни и дезинформациски медиуми, а не од признати новинарски или институционални извори.

Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција