Несаканите настани по вакцинацијата против ковид, не се секогаш поврзани со вакцината
Во постот се испуштени клучни информации, односно комплетно е изменет и пропуштен контектстот со што се доведуваат во заблуда граѓаните да поверуваат дека од ковид-19 вакцините настанува смрт и тешки несакани ефекти, што не е точно. Владата на Велика Британија објавува неделни извештаи базирани на таканрачени ,,жолти картони”, преку кои се пријавуваат несакани ефекти после вакцината како и после секој друг лек или медицинско средство, кои може да ги пополни секој, само ако има сомнение дека несаканиот ефект или сериозниот исход после вакцинација настанал од вакцината, независно од тоа дали има докази. Пријавите потоа се разгледуваат секоја поединечно, се бараат сите специфики на секој засебен случај и од пријавите не може да се каже дали несаканиот ефект или смртта настапиле поради вакцината. Тоа го наведуваат и на самата веб страница на владата на Велика Британија, но во постот, е испуштен овој податок, со цел да се создаде лажна илузија дека смртноста и ,,повредите” се причинско последично поврзани со вакцината.
Во постот се испуштени клучни информации, односно комплетно е изменет и пропуштен контектстот со што се доведуваат во заблуда граѓаните да поверуваат дека од ковид-19 вакцините настанува смрт и тешки несакани ефекти, што не е точно. Владата на Велика Британија објавува неделни извештаи базирани на таканаречени ,,жолти картони”, преку кои се пријавуваат несакани ефекти после вакцината, како и после секој друг лек или медицинско средство, кои може да ги пополни секој, само ако има сомнение дека несаканиот ефект или сериозниот исход после вакцинација настанал од вакцината, независно од тоа дали има докази. Пријавите потоа се разгледуваат секоја поединечно, се бараат сите специфики на секој засебен случај и од пријавите не може да се каже дали несаканиот ефект или смртта настапиле поради вакцината
Рецензираме Фејсбук пост во којшто е пропуштен контекстот, кога се наведува дека во Велика Британија, од 9 декември 2020 до 15 април 2021 година имало 626.087 повредени од вакцини и дури 847 починати. Постот како извор на информацијата ја наведува владината веб-страница на Велика Британија www.gov.uk.
И, доколку се посети оваа веб-страница, евидентно е дека владата на Велика Британија објавува неделни извештаи базирани на таканрачени ,,жолти картони”, преку кои се пријавуваат несакани ефекти после вакцината како и после секој друг лек или медицинско средство.
Министерството за здравство игра активна улога во одговорот на пандемијата со коронавириусот. Поврзано со ковид-19 вакцините, Министерството за здравство на Велика Британија, ги одобри нејзините количества по ригорозно разгледување на безбедноста, ефикасноста и квалитетот на вакцините. Клиничките испитувања на вакцината против ковид-19 покажаа дека тие се ефективни и прифатливо безбедни. Во секој случај, како дел од статутарните функции, одговорни сме да мониторираме дека овие вакцини продолжуваат да осигуруваат дека нивните бенефити ги надминуваат нивните ризици. Оваа обврска е за сите одобрени лекови и вакцини во Велика Британија. Продолжува стратегијата за мониторинг, која е проактивна се базира на голем број на извори, а посветен тим на научници на дневна основа ги разгледуваат информациите за да ги пронајдат проблемите со безбедноста и неочекуваните ретки несакани ефекти. Овој неделен извештај, ги собира на едно место информациите добиени преку шемата на жолти картони и ќе се објавува регуларно согласно со Стратегијата за набљудување на ковид- 19 вакцината, се наведува во описот за овие извештаи.
Наспроти овие описи, дека станува збор за рутинска постапка да се набљудуваат несаканите ефекти преку пријави, во постот што го рецензираме се тврди дека од 9 декември 2020 до 15 април 2021 година имало 626.087 повредени од вакцини и дури 847 починати.
Меѓутоа, точно е дека имало толку пријави преку таканаречениот систем на жолт картон, коишто може да ги пополни секој, само ако има сомнение дека несаканиот ефект или сериозниот исход после вакцинација настанал од вакцината, независно од тоа дали има докази. Пријавите потоа се разгледуваат секоја поединечно, се бараат сите специфики на секој засебен случај и дефинитивно од пријавите не може да се каже дали несаканиот ефект или смртта настапиле поради вакцината. На пример, можно е некој да почине од други коморбидитети или од други околности неповрзано со вакцината (сообраќајка, старост, канцер, други болести).
Тоа го наведуваат и на самата веб страница на владата на Велика Британија, но во постот, намерно или ненамерно, е испуштен овој податок, со цел да се создаде лажна илузија дека смртноста и ,,повредите” се причинско последично поврзани со вакцината. Ваквата погрешна интерпретација може да создаде паника кај граѓаните и да ги одврати од намерата да ја примат вакцината, што е една од главните цели на авторот на постот, кој веќе една година е гласноговорник на теории на заговор и антивакцинални наративи.
Владата на Велика Британија објавува детално објаснување за тоа што претставува жолтиот картон.
Преку механизмот на жолт картон, секој може доброволно да пријави какви било несакани реакции од вакцината. Многу е важно дека запаметите дека пријавувањето преку механизмот жолт картон не значи дека задолжително вакцината го предизвикала несаканиот ефект. Бараме сите сомневања да се пријават дури и ако тој што пријавува не е сигурен дека вакцината го предизвикала несаканиот ефект. Многу од овие пријавени несакани реакции преку жолтите картони немаат никаква поврзанос со вакцината или лекот што бил администриран и често е коинциденција што тие настапуваат заедно во исто време. Овие пријави постојано се разгледувани и блиско следени за да се детектираат нови можни несакани ефекти кои може да бараат регулаторна активност, како и за да се направи разлика меѓу нив и оние несакани ефекти што би настанале независно од лекот или вакцината што биле администрирани, поради на пример, недијагностицирана болест, пишува на страницата.
Владата на Велика Британија дури и најексплицитно и најдиректно посочува:
Многу е важно дека овие сомнежи за несакани ефекти опишани во овој извештај не се интерпретираат како докажани несакани ефекти од ковид-19 вакцинатa.
Но, комплетно игнорирајќи го ова предупредување и упатство за тоа како треба да се интерпретираат пријавите преку жолтиот картон, авторот на постот ги изедначува овие пријави со причинско последична врска со вакцината, што е пропуштање на контекстот и дезинформирање.
Дополнително е испуштено да се каже дека до 14 април во Велика Британија првата доза од вакцината ја примиле 32,5 милиони луѓе, а дури 8.5 милиони луѓе ја примиле втората доза. Тоа е огромна бројка на администрирани вакцини. Моментално стратегијата во Велика Британија за имунизација ги опфаќа повозрасните од 45 години, клинички вулнерабилните што живеат во старските домови, како и социјалните работници вработени во критичната инфраструктура.
Како што може да се види од табеларниот приказ погоре, инаку изваден од официјалната страница на владата на Велика Британија, во периодот кој што е цитиран, односно од 8 декември 2020 до 14 април 2021 година, во Англија се администрирани 27.251.419 први дози од вакцината, во Велс 1.640.045 дози, во Северна Ирска 844.284 дози и во Шкотска 2.708.691 дози.
Понатаму, бројот на администрирани втори дози од вакцината против ковид-19 е 7.054.720 во Англија, 559.888 во Велс, 237.281 во Северна Ирска и 661.975 во Шкотска.
Базирано на сите податоци коишто „Вистиномер“ ги пронајде во официјалниот извештај за пријавени нескани последици во периодот од 9 декември 2020 до 15 април 2021 година, а кои се изоставени, со што е комплетно променет контекстот, ќе ги издвоиме следните факти кои самата британска влада ги напоменува:
- Жолтиот картон не може да се користи за да се споредуваат стапки на безбедност на вакцините компаративно меѓу вакцини од различни производители, поради тоа што многу фактори може да придонесат кон пријавите.
- Секоја пријава во жолтиот картон се разгледува не засебно вон контекст, туку во контекст на други регулаторни тела на светско ниво. Колку што има поголем број на администрирани дози, логично и следствено, има и повеќе пријави. Стапката на пријави за несакани реакции на илјада администрирани дози од „Фајзер“ и „Астра Зенека“ е 3 до 6 случаи. Од клиничките тестирања е познато дека почестите несакани ефекти од овие две вакцини се случуваат еднаш на десет дози! Такви се локални реакции коишто потсетуваат на грип. Можно е посериозните медицински настани да не се причинско последично поврзани со самата вакцина, туку да се коинцидентни. Во раната фаза на вакцинацијата, во Велика Британија се вакцинираа постарите кои имаат коморбидитети! Тоа го зголемува ризикот за несакани реакции неповрзани со вакцината. Значи некои од тие смртни случаи дефинитивно би настанале и без и со вакцината.
- Пријавите во жолтите картони се проценуваат заедно со други извори на докази, од тим на експерти. Како и со секоја друга вакцина, и кај вакцината против ковид-19, можни се несакани ефекти кај некои луѓе. Целосниот број на пријави во жолтите картони, засега не е невообичаен.
- Како што е подвлечено од клиничките тестирања познато е дека најчестите несакани ефекти за вакцините се во еден од десет случаи на администрирана вакцина. Во целост, пријавите во жолтите картони се со пониска стапка отколку стапката на несакани ефекти во клиничките испитувања. Главната цел на жолтиот картон е да детектира нови сајд ефекти.
- За сите вакцини, деталните извештаи на сите пријави, покажуваат дека најголемиот дел се однесуваат на болка во раката каде што е аплицирана вакцината, главоболка, замор, температура, вртоглавица, слабост, болки во мускулите.Сите овие симптоми генерално исчезнуваат брзо, за еден или два дена и се резултат на имуниот одговор на вакцината.
- Повозрасните луѓе први се вакцинираат, а голем дел од нив имаат хронични болести и претходни медицински состојби коишто прават поверојатно да настанат коинцидентни несакани настани, особено ако се земе предвид дека се администрирани милиони дози.
- Во светот секоја година има и стапка на морталитет од природна смрт. Базирано на статистиката на морталитет во Англија и Велс преземена од Канцеларијата за национална статистика на регистрирани смртни случаи, неколку илјади смртни случаи се очекувани да се случат природно, во периодот од 7 дена по администрираните милиони дози вакцни, особено за повозрасни граѓани.
- Во времето кога е составен овој извештај, над 127 илјади луѓе во Велика Британија починале во период од 28 дена откако добиле позитивен тест на ковид-19.
Вакцинацијата е најефективен начин за да се намали стапката на смртност и сериозна болест како последица на ковид-19. Велика Британија потврдува дека најголемиот број на несакани ефекти што се пријавени, потврдуваат дека вакцините имаат добар безбедносен профил кој претходно е виден и во клиничките тестирања. Најголемиот број пријавени несакани ефекти се главоболка болка во раката, слабост и болки во мускулите кои поминуваат за неколку дена, а се нормален имун одговор на вакцината.
Придобивките од вакцината во спречување на ковид-19 и неговите сериозни компликации многу ги надминува несаканите ефекти, се заклучува во извештајот.
Имајќи ги предвид сите овие факти, оценуваме дека во постот што е предмет на оваа рецензија, се испуштени клучни информации, односно дека комплетно е изменет и пропуштен контектстот со што се доведуваат во заблуда граѓаните да поверуваат дека од ковид-19 вакцините настанува смрт и тешки несакани ефекти, што не е точно. Претходно пишувавме за слична манипулација, но со американскиот систем на пријавување на несакани ефекти. Тој текст погледнете го овде.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар