Несудениот поранешен кандидат за претседател на РС Македонија не верува во Ковид-19

Фото: ФБ

Претседателот на Стопанската комора на енергетичарите на Македонија oтворено негира дека постои епидемија и бара да заминат одговорните кои ја фингираат опасноста. Ако ова се прави од оние од кои очекуваме поголема општествена одговорност, зошто тоа да го очекуваме од обичниот свет?

 

Претседателот на Стопанската комора на енергетичарите на Македонија oтворено негира дека постои епидемија и бара да заминат одговорните кои ја фингираат опасноста. Ако ова се прави од оние од кои очекуваме поголема општествена одговорност, зошто тоа да го очекуваме од обичниот свет?

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

Кога еднаш го прашале славниот британски државник Винстон Черчил што е најтрајно во светот, тој рекол дека тоа е – интересот. Ова може да го толкуваме и како водилка на сите чекори на поединецот, некоја група или држава, која често и не мора да е принципелна или да се чини праведна, ама во случајов Черчил како политичар ќе си го гледа интересот на оние кои ги застапува. На ова се сеќаваме и тогаш кога во екот на Ковид-19 пандемијата некој ќе рече дека не треба да се преземаат мерки за борба со неа, дека некои од вообичаените начини да се спасуваат животите и здравјето на луѓето едноставно стануваат пречка некому или на некои кои мислат дека нивниот интерес е на друга страна, на страна на бизнисот. Кој, нели, треба да функционира во секое време и на секое место. Тааква е изјавата која деновиве доста се пренесува, а е објавена на Фејсбук страницата на Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора на енергетичарите на Ма кедонија, значи на асли претставник на една значајна гранка од економијата на земјава.

СПИН: „ИЗМАМНИЦИ НЕЧЕСНИ !!!… ВИРУСОТ НЕ Е СМРТОНОСЕН. Тој е обичен сезонски грип, со мали модификации …

НЕ ВИ ВЕРУВАМ дека овој Ковид-19 вирус е смртоносен на ,, СИТЕ НАС ,,. Одма најдете ми еден од КОВИД19, доброволно се пријавувам да Ви докажам дека над НАС СЕ ВРШИ МАЛТРЕТИРАЊЕ…

ТРИ (3) месеци не држите во карантин со полициски час, без потреба. Ни го уништивте животот, бизнисот и здравјето.
Цел свет е пуштен и функционира, одат на плажа се сончаат и уживаат, работат и функционираат. Само во МАКЕДОНИЈА ПОСТОИ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА И ПОЛИЦИСКИ ЧАС која не е по МЕЃУНАРОДНИ ЧОВЕКОВИ ЗАКОНИ И ПРОПИСИ. Најубавиот дел од годината и нашиот живот го поминавме седејќи дома како да сме затвореници.

ВИЕ… !!!!…… АКО СЕ ПЛАШИТЕ ОД КОРОНАВИРУСОТ ЗЕМЕТЕ СИ ГИ ПАРТАЛИТЕ И ДА СЕ ЛЕЧИТЕ ДОМА, НЕМОЈ НАС ДА НЕ ЗАМАРАТЕ И УШТЕ НЕ ТЕРАТЕ МАСКИ ДА НОСИМЕ ВО ОВА ЖЕШКО И КАЗНИ НИ ПИШУВАТЕ ЗА НЕ НОСЕЊЕ.

ЗАСРАМЕТЕ СЕ !!!!!!….

НИЕ во Вашите убедувања не веруваме, ниту сакаме да веруваме. Ве молиме да не поштедите од овие измислици. Кој смета дека ќе се зарази да си седи ДОМА. НАС ГРАЃАНИТЕ И КОМПАНИИТЕ ПОВЕЌЕ НЕ, НЕ ИНТЕРЕСИРААТ ВАШИТЕ УБЕДУВАЊА.

ЕДНОСТАВНО, ВИ БЛАГОДАРИМЕ, НЕ СМЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ДА ВЕ СЛУШАМЕ И ДА ВИ ВЕРУВАМЕ.

НЕМОЈ ПОВЕЌЕ ДА НЕ ЗАМАРАТЕ…!!!“

(Извор: ФБ статус, Македонски весник – Датум: 25.05.2020)

 

Ова е тој цитат кој го пренесуваме онака како што е напишан, а на крајот стои и кому му е посветен  – „Текстот се однесува на лица кои шират невистини и прават паника со цел да раководат и манипулираат со народот во светот. ,“ Текстот е напишан на крајот на мај, а деновиве се споделува наголемо на социјалните мрежи.

 

КОНТРАСПИН

Веројатно во јавноста постои убедување дека еден мал дел од граѓаните навистина немаат вообичаен однос кон стварноста и секогаш сакат да не веруваат дека постојат работи кои претпоставуваат нарушување на секојдневието и промена на ритамот на животот и навиките. И дека таа промена има некаква должина на траење која ја надминува трпеливоста на поединецот, па просто се прелева како незадоволство во форма на негирање на појавата која е предмет на такво „кинење на нервите“. Делови од таквите поединци се видоа во неделата, на 31 мај годинава, кога дузина луѓе „спонтано“ протестираа пред Владата и го тврдеа истото она што го тврди и овој истакнат функционер од една сериозна гранка каква што е енергетиката. Згора, машински инженер со сериозен стаж, кој со неговото образование секако повеќе треба да им верува на фактите отколку на оние кои комплетно ја превртуваат стварноста, па така и ја спинуваат.

Ама, од вестите за него се гледа дека Манасков, во рамки на неговата Комора, спровел акција за собирање на материјали со кои ќе му помагаат на здравството во битката со ковид-19! Имено, на сајтот на организацијата стои веста од 17 април во која се објавува дека таа Комора дава „донации на маски, визири, ракавици низ цела Македонија, во голем број општини, државни и приватни институции, поликлиники и сл., како што се Кисела Вода,, Студеничани, Вевчани …. и многу голем број други неспомнати институции преку компаниите во комората МАНАСКОВ, МЕДИКРОПС, РЕКЛАМНО СТУДИО АНГЕЛКОВСКИ, АГРОМЕТАЛ, СОНЧЕВ ПАРК ГОСТИВАР, ВИТЕКС… Да се помогне и да се надмине оваа криза … што е можно побрзо“- порачуваат организаторите на акцијата..

Од ова се гледа дека асоцијацијата со која раководи Манасков, како и неговата фирма го признаваат постоењето на опасноста по земјата и нејзините граѓани и дека дури постапуваат со соодветна општествена одговорност.

Од каде и да доаѓа ваквиот темелен, што се вели коперникански пресврт во толкувањето на пандемијата, без оглед дали станува збор за штитење на нечии економски интереси или стекнување политички поени во овој период кога се лицитира со (не)одржувањето на парламентарните избори, нашироко споделуваниот статус на Манасков и од медиумите и од страна на корисниците на социјалните мрежи, тој претставува спин со кој се збунува и дезинформира јавноста

И, на крај треба да се напомне дека Мансков не е било кој. Тој теоретски можеше да биде и претседател на Република Северна Македонија, бидејќи беше кандидат на конвенцијата на ВМРО ДПМНЕ во трката на оваа партија за највисоката државна функција во земјата, која се одржа во Струга на 16 февруари минатата. На конвенцијата тој беше еден од деветте кандидати, но изборот падна на професорката Гордана Силјановска-Давкова. Значи, теоретски сме можеле овој стопанственик да го видиме и на врвот на државата!? Со сиот тој граматичко-логички галиматијас!

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција