Неточно е дека Европејците масовно патуваат во Русија за поевтин бензин

Фото:Santeri Viinamäki, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

За граѓаните на ЕУ во Русија нема безвизен режим, санкциите им забрануваат увоз на канистери со бензин од таа земја, а ако често патуваат во неа за да наполнат резервоар, тие би можеле да бидат осомничени за шверц, па таков „бензински туризам“ сега е невозможен

За граѓаните на ЕУ во Русија нема безвизен режим, санкциите им забрануваат увоз на канистери со бензин од таа земја, а ако често патуваат во неа за да наполнат резервоар, тие би можеле да бидат осомничени за шверц, па таков „бензински туризам“ сега е невозможен

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

Европејците со часови чекаат во ред на граничните премини Полска-Калининград, за да влезат во Русија и наполнат бензин, каде цената е околу 68 рубли за литар, наспроти 131 рубли во Полска и 193 во Германија, во услови на пораст на горивото во ЕУ од 15-20% поради конфликтите на Блискиот Исток.

Испаѓа дека европјаните ја финансираат „милитаристичката кампања на Путин“! Ова секако е ментално ретардирана мисла на бројлери гаени во ГМО центрите на евроатлантизмот. Ќе си наточат луѓето, ќе си се напијат нешто, ќе си каснат, сепак одат во Европа, каде 40% од Европа е Русија.

Како прво, Европејците (што во објавата значи граѓаните на ЕУ) мораат да имаат виза за посета на Русија, а така си е одамна, дури и пред влошувањето на нивните односи со таа земја, па тие не можат просто така „да скокнат“ до неа за да наполнат поевтин бензин, дури иако се од соседните Полска, Литванија, Латвија, Естонија или Финска.

Русија во даден момент воведе е-виза, која тоа го упростува, но, сепак, тоа е виза, а не безвизен режим, па тоа бара пополнување на онлајн-формулар, такса од 50 евра и неколкудневно чекање за тоа да се одобри, со што се добива само еден влез во Русија, па тоа не е исплатливо и долгорочно решение за проблемот со бензинот во ЕУ и така не може да има масовен „бензински туризам“.

Да се извади виза со повеќе влезови е посложено и поскапо. Таа е класична и за неа треба формална покана од физичко или правно лице, што ги одбива Европејците, а многумина од нив и онака имаат негативен став за Русија, особено оние кои се граничат со неа.

И, дури и некој да се справи со таа визна бариера, на враќање дома тој ќе налета на царинска. Дури и пред санкциите, од Русија во ЕУ можеше да се внесе само канистер од 10 литри, што е сега забрането, а иако бензинот во резервоарот се толерира, честите патувања во таа земја можат да поттикнат сомнеж за шверц на бензин, па против патникот дури може да биде покрената истрага.

Тука се следи колку често патникот ја преминува границата, дали секогаш се враќа со полн резервоар и се проверува и неговиот капацитет, а со хемиски и технички анализи и неговата содржина за да се види дали горивото е европско или руско.

Со такви бариери, во Русија не може да има масовно доаѓање на „бензински туристи“ од ЕУ, а тоа е измислица на руските медиуми – како што објаснуваат оние полските. Смислата на тоа е Русија да се прикаже како супериорна во однос на ЕУ.

Таквиот „бензински туризам“ има смисла само во ЕУ и Шенген-зоната, кај што, на пример, Германците можат поевтино да испазарат бензин во Полска без визни и царински пречки, додуша со некои лимити предвидени од страна на Германија. Тој „бензински туризам“ е реален и масовен, за разлика од овој измислениов во Русија (извори: тука, тука, тука и тука).

Што е за право, таков „бензински туризам“ имало и во Русија, особено во периодот 2012 – 2016 г., кога Полјаците од пограничните места можеле да извадат посебна дозвола со важност од неколку години, која нудела повеќекратни посети на Русија, но тоа завршило со влошувањето на односите.

За тоа придонесе руската агресија врз Крим и онаа потајната во Донбас во 2014 г. (види: тука и тука), што во 2022 г. прерасна во сеопфатна агресија врз Украина. Репутацијата на Русија со тоа падна на многу ниско ниво, па тешко дека голем број на Европејци би сакале да ја посетат.

За таков „бензински туризам“ во Русија сега не јавува ни еден реномиран европски медиум, туку само руските (види: тука и тука), а тоа не го темелат врз сериозно истражување, туку врз тврдењата на рускиот телеграм-канал Shot и нему блискиот сајт Life.ru, што е непрофесионално.

На нив се повикува и една од најмоќните руски информативни агенции, РИА Новости, која исто така пишувала за тој „бензински туризам“, но зарем таа не можела да испрати новинари за да го истражат тоа на терен, туку морала да се повика на медиумски „третолигаши“ како Shot и Life.ru?

Тоа се пропагандистички медиуми, каква што е и РИА, само што овие се таблоидни, а под авторитарната власт и цензурата на Владимир Путин објективни медиуми веќе нема.

Shot не нуди издржани докази за тој „бензински туризам“, туку само една фотографија, на која гледаме колона од пет возила, последните две со регистрации од ЕУ, но не знаеме со кој мотив тие се упатиле во Русија. Нивните возачи не се прикажани и нивни изјави не се земени.

Написот на Shot сугерира дека таа колона чекала за бензин, но тоа го побива полскиот портал Onet.pl. Со анализа на фотографијата и мапата на локацијата, Onet.pl докажал дека колоната просто чекала на граница. Во нејзина близина има бензиска пумпа, која се гледа во позадината на фотографијата, но колоната не чекала пред неа, туку минувала крај неа.

И, како што вели Onet.pl, податоците од граничните органи не покажуваат зголемен промет преку границата, а ни телеграм-каналите, на кои самите патници говорат за состојбата на границата.

Гужви и застои се случуваат, но не заради некаков „бензински туризам“, туку затоа што меѓу Русија и нејзините Евроатлантски соседи има тензии, па има построги контроли и сл. На тоа влијае и фактот дека тие соседи на Русија затворија некои гранични премини со неа, па сообраќајот се пренасочи кон оние отворените, што создаде подолги колони.

Тие соседи на Русија се загрижени дека и тие ќе бидат нејзина мета како и Украина, па ја јакнат одбраната и дури сакаат да ги минираат границите, а објавата создава илузија дека состојбата е нормална и дека Европејците си патуваат во Русија за „нешто да се напијат“ и „да каснат“.

За тие затворања придонесе и хибридната војна против ЕУ на Русија и Белорусија, кои им даваа визи на мигранти од Блискиот Исток, по што им дозволуваа илегално да влегуваат во ЕУ.

Жителите на Полска, Балтичките земји и Финска страдале под јаремот на Русија, било во царските, било во советските времиња, па и тоа придонесува да немаат позитивно мислење за неа и да не сакаат да ја посетуваат, со некои исклучоци како руското малцинство во Балтичките земји.

Русија веќе и не е безбедна за посетување, со оглед дека е гаѓана од Украинците како одговор на нејзината агресија, па и тоа ја прави приказната за „бензинскиот туризам“ неубедлива. Мора да се додаде и дека украинските напади врз рафинериите во Русија минатата година предизвикаа нафтена криза во таа земја, па тоа не е нешто што ѝ се случува само на ЕУ.

Сепак, објавата е во право дека цените на горивото во Русија се пониски отколку во ЕУ, само тоа не докажува дека Европејците нагрнале да го купуваат. Се разбира, секогаш може да има некој исклучок, но тоа не е правило.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како делумно невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција