Неточно е дека Кина не напаѓала други држави и народи

Реклама за Патот на свилата во еден од македонските возови набавени од Кина; Фото: Мета.мк

Објава на Фејсбук вели дека Кина ни еднаш не нападнала друг народ или држава, но Кина го нападнала Тибет и Ј. Кореја (1950), Индија (1962), СССР (1969), Ј. Виетнам (1974) и денешниот обединет Виетнам (1979), а ги репресира Ујгурите и други етнички малцинства.

Објава на Фејсбук вели дека Кина ниеднаш не нападнала друг народ или држава, но Кина го нападнала Тибет и Ј. Кореја (1950), Индија (1962), СССР (1969), Ј. Виетнам (1974) и денешниот обединет Виетнам (1979), а ги репресира Ујгурите и други етнички малцинства. Објавата вели и дека Кина се издигнала откако се „ослободила од канџите на Западот“, но, токму обратно, Кина се издигнала откако се ослободила од канџите на својот лидер Мао Це Тунг и откако направила компромис со западниот капитализам, а тие постепени реформи ги почнал Денг Сјаопинг во 1978 г.

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која, покрај другото, вели:

Кинескиот народ успеа да се крене и ослободи од канџите на западот и да прерасне во светска империја, а ниту еднаш не нападна друг народ или држава.

Кина и тоа како напаѓала други држави, па така го нападнала и анектирала Тибет (1950-1951). Фактички, Тибет дотогаш бил независна држава, на чело со Далај Лама, кој по неуспешното востание во 1959 г. побегнал во Индија, кај што е до ден денес и кај што делува тибетска влада во егзил.

Токму Индија била следна мета на Кина. Најпрвин, тие се обиделе да градат добрососедство, но границата им минува низ Хималаите и не била јасно дефинирана, па Кинезите арогантно зеле дел од спорниот регион Аксаи Чин, кај што си изградиле автопат (Г219), за што Индија дознала подоцна.

Следеле неуспешни преговори, па Индија поставила т.н. истурени граничарски пунктови, што значело мало навлегување во територијата контролирана од Кинезите, со цел што порано да се сопре нивната експанзија, но тие тоа го опишале како провокација, па во 1962 г. започнале војна.

Тие тогаш во целост го зазеле Аксаи Чин, што е територија приближно колку Швајцарија и што тие го држат до ден денес, но граничните инциденти продолжиле, па ги имаше дури и неодамна.

Во јуни 1950 г. избувнала Корејската војна, во која Кина се вклучила во октомври истата година, и тоа на страната на агресорот. Најпрвин, Северна Кореја со помош од СССР извршила агресија врз Јужна Кореја, на која со решение на ОН напомош ѝ дошле САД и нивните сојузници. Тие го потиснале агресорот назад на север, но нему напомош му дошле Кинезите, кои дури го зазеле главниот град на Ј. Кореја – Сеул.

Иако и Кина и СССР граделе социјализам, тие сепак имале разидувања, но и територијален спор останат од царските времиња, при што Кинезите се чувствувале онеправдано. Тоа довело до вооружен судир, инициран од Кинезите во 1969 г., кој замалку не прераснал во нуклеарна војна.

 

Догматска и модерна Кина

Во 1974 г. Кина го нападнала Ј. Виетнам (прозападно ориентирана држава, која сега не постои), со цел да му го одземе неговиот дел од Парацелските острови, а преостанатиот дел го држела Кина. Таа тогаш добила целосна контрола над островите, што до ден денес создава револт кај Виетнамците.

Во 1979 г. Кина извршила агресија врз веќе обединетиот и социјалистички Виетнам, а по војната, која траела еден месец, се повлекла, но следеле гранични инциденти, кои траеле дури до 1991 г.

Навидум, Кина им дава права и автономија на речиси сите етнички групи кои живеат во неа, но, реално, етничките Ханци, кои се мнозинство, се фаворизирани, а останатите се репресирани и асимилирани: Тибетанците, Ујгурите, Казахите, Киргизите, Монголците и др. (види: тука и тука).

Кина „орвеловски“ ги преследува, ги затвора во превоспитни и работни логори, им ги ограничува јазичните, културните и верските права, стимулира доселување на Ханци на нивните простори, а има сомнежи дури и за насилна стерилизација и абортуси, со цел намалување на тие етникуми.

Всушност, сите жители на Кина се мета на нејзините репресивни политики, кои биле особено сурови под власта на Мао Це Тунг (1893 – 1976), кој се товари за смртта на милиони Кинези, но и за уништување на нивното културно наследство во име на ново комунистичко општество.

Неточно е тоа дека Кина била во „канџите на Западот“ – како што вели објавата. Кина била во канџите на Мао Це Тунг, а нејзиниот успех се должи на отфрлањето на неговиот догматизам и компромисот кој таа го направила со западниот капитализам, т.е. на постепените реформи на нејзиниот лидер Денг Сјаопинг (1904 – 1997), започнати во 1978 г. Затоа Кина сега произведува „ајфони“, што, патем, е изум на Западот и негово достигнување, а не кинеско.

Колку за споредба, планот на Мао Це Тунг за развој на Кина, наречен „Голем скок напред“ (1958 – 1962), барал од Кинезите да собираат метален отпад и да го топат во обични печки за да се добие челик, кој бил неквалитетен и најчесто неупотреблив, а тие ирационални политики довеле до најголемиот помор од глад во историјата на светот. Тоа била Кина кога не соработувала со Западот.

 

Кина и македонската антиквизација

Објавата потоа вели:

Македонија како древна цивилизација е препознаена како таква од Кина. Нашето разбирање на светот, начин на живот и културните вредности кои ги имаме како народ се истите оние од пред 3.000 години. Со самото тоа, ние припаѓаме во друштвото на исто така древни цивилизации како што е Кина, зашто само таков древен народ може да ја разбере нашата борба, копнеж за слобода, но и длабоката цивилизациска трага која ја имаме оставено на светот.

Тука гледаме т.н. антиквизација, т.е. поврзување на современите Македонци (кои се научно вброени во словенската група) и оние античките, што не е општоприфатено во светската наука.

Кина, наводно, ја прифаќа таа наша антиквизација – како што тврди објавата, но тоа не го аргументира со ништо. Можеби тоа се темели врз изјавата на премиерот Хуа Гуофенг (1921 – 2008), дадена во 1978 г. во Скопје, дека македонската нација има античка или древна историја, а следбениците на антиквизацијата кај нас ја толкуваат таа изјава во своја полза.

Но, таа може да се толкува и вака и онака, а Гуофенг и не бил никаков историчар или научен авторитет. Медиумите ја толкувале таа изјава како додворување кон СР Македонија и Југославија контра Бугарија, со која Кинезите се карале, затоа што таа била сојузник на СССР.

Тука ќе укажеме дека описот на С. Македонија на сајтот на кинеското МНР започнува од 7 век со Словените, а описот даден на сајтот на универзитетот во Пекинг започнува со нашето осамостојување во 1990-тите, па таму нема историја од 3.000 години.

Имаше и анкета околу тоа што Кинезите знаат за нас, но повеќето од нив не знаат многу. Е па, како тоа Кина нè препознава како цивилизација стара 3.000 години, слична на нејзината – како што тврди објавата?

Но, уште попроблематично е тврдењето во објавата дека „нашето разбирање на светот, начинот на живот и културните вредности се исти како оние од пред 3.000 години“.

Оттогаш имало куп радикални промени како појавата на христијанството, со кое кај нас дошла и словенската писменост, подоцна дошле и Османлиите, а најпосле и разни научно-технички достигнувања од Западот, па сето тоа влијаело врз нашиот начин на живот, менталитет и светоглед. Апсурдно е да се рече дека тие се непроменети 3.000 години.

Накусо, објавата е манипулативна, псевдонаучна и псевдоисториска, па ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција