Неточно е дека протестот во Мадрид поминал без полиција, приведувања и реакции од бизнисите

Мадрид, плоштадот Пуерта дел Сол, март 2020 г. Фото: Nemo, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Спротивно на тврдењата во објавата, има докази за полициско присуство, приведени лица и јавни обвинувања дека кампот влијае врз деловните активности

Објавата точно тврди дека демонстранти подигнале камп на еден од главните плоштади во Мадрид, но останатите наводи се во спротивност со објавените извештаи. Спротивно на тврдењата во објавата, има докази за полициско присуство, приведени лица и јавни обвинувања дека кампот влијае врз деловните активности

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Шпански демонстранти зазедоа еден од главните плоштади во центарот на Мадрид – таму нема ниту еден полицаец, ниту еден водач на протестот не е приведен или уапсен, никој не е пуштен на слобода со обврска за плаќање кауција, и никој не тврди дека деловните активности се загрозени.

Објавата точно тврди дека демонстранти подигнале камп на еден од главните плоштади во Мадрид, но останатите наводи се во спротивност со објавените медиумски извештаи. Спротивно на тврдењата во објавата, има докази за полициско присуство, приведени лица и јавни обвинувања дека кампот влијае врз деловните активности. За наводите во врска со кауцијата нема доволно проверени информации за да се донесе дефинитивен заклучок.

На 26 септември 2026 година, демонстранти подигнаа шатори на плоштадот Пуерта дел Сол (Puerta del Sol), во центарот на Мадрид, протестирајќи против станбената криза, високите кирии и иселувањата. Протестот беше поттикнат од случајот на 87-годишната Марикармен Абаскал, која беше иселена од домот во кој живеела околу 70 години. Според Еуроњуз следното утро на плоштадот имало околу 150 шатори. Значи, основата на тврдењето – дека демонстранти го зазеле плоштадот со камп – е точна. Сепак, самиот факт дека протестот се одржува на јавен простор не значи дека полицијата е отсутна или дека нема реакции од институциите.

Протестниот камп навистина беше поставен на Пуерта дел Сол, плоштад кој е една од најпознатите јавни и туристички локации во Мадрид. Според извештајот на Ројтерс од 27 септември 2026 година, демонстрантите поставиле шатори и најавиле дека ќе останат додека не се преземат мерки за решавање на станбената криза.

Тврдењето дека таму немало ниту еден полицаец, директно го побиваат објавените извештаи. Еуроњуз, на 27 септември 2026 година, извести дека Цивилната гарда и Националната полиција постојано го надгледувале плоштадот. Дополнително појасни дека докази за полициско присуство има во извештајот на Ројтерс од 4 октомври 2026 година, во кој се наведуваат полициски комбиња и огради во близина на кампот. Весникот El País, на 12 октомври, извести за полициски кордон околу плоштадот и зголемување на бројот на распоредени полициски службеници. Според тоа, тврдењето дека немало ниту еден полицаец е во директна спротивност со документираните настани.

Што се однесува до тврдењето дека „ниту еден водач на протестот не е приведен или уапсен“, медиумите јавија дека на 12 октомври 2026 година, при инциденти меѓу учесниците во кампот и групи на екстремната десница, полицијата привела лица осомничени за напад врз службено лице. El País известува за три приведени лица, меѓу кои и малолетник, додека шпанската новинска агенција EFE наведува дека имало најмалку пет приведени во текот на денот. Разликата во бројките произлегува од различните извештаи и нивното ажурирање. Важно е да се нагласи дека приведувањата биле поврзани со инцидентите, а не е потврдено дека станува збор за водачите на протестот за домување. Така што, не може да се тврди дека биле уапсени водачите на кампот, но не може ниту да се изведе заклучок дека немало никакви приведувања. Категоричната формулација во оригиналното тврдење е погрешна, бидејќи ги премолчува документираните приведувања.

Што се однесува до тоа дека „никој не е пуштен на слобода со обврска за плаќање кауција“, во проверените медиумски извештаи за протестниот камп и приведувањата на 12 октомври не најдовме доволно информации за да утврдиме дали некое од приведените лица било пуштено со обврска за плаќање кауција. Извештаите на El País и EFE ги опишуваат приведувањата и околностите на инцидентите, но не даваат целосни податоци за понатамошниот судски статус на секое лице. Отсуството на информација за кауција не е доказ дека кауција не била определена. За дефинитивна оценка би биле потребни официјални судски информации или дополнителни извештаи што го следат исходот од постапките.

Во однос на наводите дека „никој не тврди дека деловните активности се загрозени“, тие се јасно побиени со повеќе извештаи. На 29 септември 2026 година, регионалната влада на Мадрид побара отстранување на кампот и тврдеше дека тој предизвикува значителна штета за трговците и жителите во областа.

На 1 октомври, Europa Press објави сведоштва на трговци кои тврдеа дека морале да ја зајакнат безбедноста и дека забележале намалување на продажбата и посетите. На 16 октомври, конфедерацијата на специјализирани трговци во Мадрид, COСEM, процени дека локалните бизниси претрпеле загуби од околу 25 милиони евра поради кампот.

Тврдењето дека демонстрантите во Мадрид го зазеле централниот плоштад, а притоа немало полиција, приведувања или загриженост за деловните активности, е манипулативно затоа што еден точен факт го комбинира со повеќе неточни или непотврдени наводи.

Поради сето погоре, оценуваме дека објавата која ја анализираме е делумно неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција