Неточно е дека Русија не прима мигранти и дека позитивно влијаела врз Источна Германија
Русија прима илјадници мигранти-муслимани од екссоветските републики како Узбекистан, Таџикистан и Киргизстан, што, за жал, покрај чесни работници носи и терористи и криминалци, па лажен е рускиот наратив дека Западот некритички прима „сè и сешто“, додека Русија води сметка за своите граѓани.
Русија прима илјадници мигранти-муслимани од екссоветските републики како Узбекистан, Таџикистан и Киргизстан, што, за жал, покрај чесни работници носи и терористи и криминалци, па лажен е рускиот наратив дека Западот некритички прима „сè и сешто“, додека Русија води сметка за своите граѓани. Тој наратив го шири и една Фејсбук-објава, која сугерира и дека СССР (чиј дел била и Русија) позитивно влијаел врз некогашната Источна Германија, што нема многу врска со фактите
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Таму каде што Русите управуваа (источна Германија) останало нешто разум меѓу народот. Таму каде што Американците управуваа (западна Германија) луѓето се со испран мозок, медиумската пропаганда и прифаќаат мигранти, глобализација, култура на смрта.
Тука гледаме типична пропаганда и дезинформации од „кујната“ на Кремљ, зачинети со мала доза на вистина, а сето тоа детално ќе го аргументираме.
Русија и тоа како прима имигранти, па дури и крајно проблематични
Русија прима илјадници имигранти од екссоветските републики на Средна Азија населени со муслимани како Узбекистан, Таџикистан и Киргизстан, што, за жал, покрај чесни работници носи и терористи, верски екстремисти, криминалци и други недобронамерници (примери: тука, тука и тука), па лажен е наративот на проруската пропаганда дека Западот води самоубиствена политика со тоа што прима „сè и сешто“, додека Русија, наводно, води сметка за своите граѓани.
Тука некој ќе праша како Русија прима мигранти, а го исмејува Западот за тоа? Тоа е лицемерно, а ние сме пишувале дека Русија пласира различни наративи пред различна публика, со цел да си врбува следбеници од најразлични земји и политички опции (види: тука и тука).
Мала доза на вистина
Во објавата има и доза на вистина. Во текот на Студената војна, Германија била поделена, па во нејзиниот источен дел опстојувала комунистичка држава под влијание на СССР (во чиј состав била и Русија), а во западниот дел опстојувала капиталистичка држава блиска со САД. Овие држави биле просто завикани Источна и Западна Германија. Во 1990 г. дошло до Обединувањето на Германија, но, како што вели и објавата, разлики меѓу нејзиниот исток и запад и денес постојат.
Во објавата е вметната мапа на современа Германија, на која со разни бои е обележано во кој регион која партија добила најмногу гласови на изборите во 2025 г. Таму гледаме дека во источниот дел на земјата доминирала Алтернатива за Германија, која ѝ е наклонета на Русија и се залага за ограничување на имиграцијата, особено онаа исламската, а во западниот дел поуспешни биле потолерантните партии.
Ако одиме во детали, таа поделба за или против имиграцијата не се поклопува баш точно со историските граници на Западна и Источна Германија, но да не ситничариме многу.
Дотука, во објавата сè е горе-долу точно, но понатаму започнуваат проблемите. Таа сугерира дека таквото антиимигрантско расположение во источниот дел на Германија се должи на влијанието на СССР, кое според објавата било позитивно. Русите, според неа, „им влеале разум“ на источните Германци дека имиграцијата е нешто негативно и опасно, но зад ова се крие манипулација.
Побивање на манипулацијата околу Источна Германија
Западна Германија примала т.н. гастарбајтери, што ни е познат поим, а Источна Германија – т.н. вертрагсарбајтери, странски работници по договор, но во доста помал број. Тие биле од Куба, Виетнам, Ангола, Мозамбик и други комунистички земји, а иако Источна Германија пропагирала интернационализам, таа, сепак, ги третирала лошо. Тоа била тоталитарна држава, која, всушност, преферирала изолација, хомогеност и униформност, а не слободен проток на луѓе, стоки и идеи. Заради тоа, кај источните Германци се всадила негативна слика за имигрантите.
Објавата е во право кога вели дека тој скептицизам кон имиграцијата влече корен од времето на Источна Германија и СССР, но проблемот е во тоа што објавата сугерира дека тие воделе разумна политика, која ги штитела источните Германци од проблемите кои ги носи имиграцијата.
Меѓутоа, низ Европа тогаш немало проблеми со имиграцијата какви што има денес, но затоа имало некои други – источногерманскиот режим ги репресирал своите граѓани, па таа „разумна политика“ имала повеќе за цел да ги држи во ропство и мрак отколку да ги штити.
Да се рече дека тоа било нешто разумно и позитивно е исто како да се рече дека изолираноста на Северна Кореја е нешто разумно и позитивно и дека тоа ги штити нејзините граѓани од некакви си злонамерни имигранти. Таа не ги штити своите граѓани, туку ги угнетува.
Некои ултра-десничари сметаат дека таквата изолација носи позитивни резултати, па укажуваат на поголемата етничка хомогеност на источниот дел на Германија во однос на оној западниот.
Но, како прво, не е дека илјадници странци сакале да се преселат во една репресивна и непросперитетна држава како Источна Германија, па таа да морала така да се изолира себеси, и, како второ, тој, наводно, позитивен резултат, источните Германци го платиле многу скапо.
Режимот со децении ги апсел, затворал, тепал, преследувал, прислушкувал и не им давал слободно да патуваат, па дури ги застрелувал кога се обидувале да побегнат на Запад. Озлогласениот Берлински ѕид бил имено подигнат за источните Германци да не бегаат на Запад.
На 16.6.1953 г. источните Германци дури кренале бунт против тој режим, но тоа било задушено со интервенција на советски тенкови, а објавата нè убедува дека сето тоа било многу разумно и позитивно. Битно е дека не дошле некакви имигранти!
Објавата вели и дека западните Германци имале „испран мозок“ заради тоа што биле под влијание на САД, но токму Источна Германија била озлогласена по идеолошката индоктринација.
Западните Германци имале слободни медиуми и можеле да патуваат во странство и да се запознаат со разни мислења и идеи, можеле да гласаат и да бидат гласани на фер избори, а имале и повисок животен стандард, подобра индустрија итн. На пример, додека тие возеле Мерцедеси и Бе-ем-веа, источните Германци возеле доста лоши автомобили како Трабант и Вартбург. Токму затоа илјадници странци сакале да живеат и работат во Западна Германија, а не во Источна. Со некои ретки исклучоци, ништо разумно и позитивно таму немало, а Западна Германија била далеку подобро место за живеење.
Објавата е во најголем дел манипулативна, со по некои „острови“ вистина, па нам не ни останува ништо друго, освен да ја оцениме како делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар