Неточно е дека западните земји учествуваат на Источниот економски форум во Русија
Објава на Фејсбук пренесува манипулација од организаторот на Источниот економски форум, кој се одржува во Владивосток, Русија, дека таму учествуваат и западни земји, кои, наводно, само глумат санкции против Русија додека соработуваат со неа. Но, потврда за тоа од релевантен и кредибилен извор нема, а тоа што на тие настани учествуваат поединци, фирми и организации од западните земји не значи дека тие земји нив ги испратиле како свои официјални, државни претставници. Тоа се најчесто проруски пропагандисти, кои Русија ги кани за да создаде привид дека не е меѓународно изолирана
Објава на Фејсбук пренесува манипулација од организаторот на Источниот економски форум, кој се одржува во Владивосток, Русија, дека таму учествуваат и западни земји, кои, наводно, само глумат санкции против Русија додека соработуваат со неа. Но, потврда за тоа од релевантен и кредибилен извор нема, а тоа што на тие настани учествуваат поединци, фирми и организации од западните земји не значи дека тие земји нив ги испратиле како свои официјални, државни претставници. Тоа се најчесто проруски пропагандисти, кои Русија ги кани за да создаде привид дека не е меѓународно изолирана
Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели (фрагменти):
Од 3 до 6 септември 2025 година, на островот Руски во Владивосток се одржа јубилејниот 10-ти Источен економски форум
Целта на Форумот е продлабочување на меѓународната интеракција, проширување на соработката и забрзување на развојот на економијата во Азиско-пацифичкиот регион
И покрај западните санкции и ограничувања, на минатогодишниот форум учествуваа повеќе од 7.000 луѓе, а најголеми делегации испратија Кина, Малезија, Бугарија, Виетнам и Мјанмар. Покрај тоа, на Форумот учествуваа претставници од 16 земји кои се непријателски настроени кон Русија, како што се: Австралија, Белгија, Бугарија, Велика Британија, Германија, Данска, Италија, Кајманските Острови, Холандија, Република Кипар, Република Кореја, Сингапур, САД, Франција, Швајцарија и Јапонија.
Заради сето досега наведено, авторот на објавата се запрашува:
Чекајте, што бараат европските земји на овој форум?
Нели Русија ќе ја излолираме?
Најголема делегација од Бугарија!?
Европските земји таму не бараат ништо, затоа што не учествуваат на тој форум и затоа што против Русија, кај што тој се одржува, имаат воведено куп санкции и сакаат меѓународно да ја изолираат заради нејзината агресија врз Украина.
Поимот „европски земји“ во објавата очигледно означува членки на ЕУ или земји како Швајцарија и Британија, кои имаат слични ставови со неа, но не најдовме релевантен и кредибилен извор, кој јавил за нивно учество на настанот. Такво нешто тврди самиот форум (види: тука и тука), но познавајќи ја пропагандата на Кремљ, немаме причини да му веруваме. Тоа важи и за тврдењето дека таму учествуваат и САД, Австралија, Јапонија и Ј. Кореја.
Навистина, на форумот учествуваат поединци, фирми и организации од некои (про)западни земји, но тоа не значи дека тие земји нив ги испратиле како свои официјални, државни претставници. На пример, на настани во Русија учествуваа членови на проруските партии Македонска ера трета – суверенисти и Левица (види: тука, тука, тука, тука и тука), но тие таму не ја претставуваа С. Македонија, туку се претставуваа самите себеси.
Кај нашиот источен сосед има една коалиција со сличен назив, Обединета левица, предводена од Бугарската социјалистичка партија (БСП), а нејзиниот пратеник Иван Петков-Бебето учествувал на форумот за кој говори објавата. Тој бил во таа делегација од Бугарија, за која се тврди дека била најголема, што не знаеме дали е точно, но дури и да е, немаме податок дека Бугарија го овластила Петков или кој било од таа делегација да ја претставува како држава на тој форум.
На официјалниот сајт на форумот читаме дека во него може да учествува секој, само треба да се пријави и да плати. Исклучок се пленарните сесии, за кои треба покана, а таму има и некои споредни активности, во кои секој може да учествува бесплатно.
Петков таму бил поканет од страна на Александар Стуглев од руската фондација Росконгрес, која организира такви настани, а Петков бил и на Економскиот форум во С. Петербург, на форумот на БРИКС и на Младинскиот фестивал во Сочи, како и на Парадата на победата во Москва, но иако споменува учество на европски политичари на тие настани, тој не вели дека тие биле официјално испратени од нивните земји, туку тие се обично од проруски политички партии како и тој самиот.
БСП е наследничка на Бугарската комунистичка партија, која владеела со некогашна Народна Република Бугарија, која како членка на Источниот блок имала блиски врски со Москва, т.е. со СССР и дури имало идеи да стане негова шеснаесетта сојузна република. Татко му на Петков се запознал со мајка му токму во тоа време, кога студирал во Чехословачката Социјалистичка Република, па можеби сето тоа влијаело врз ставовите на Петков.
Тој комуницира со (про)руски политичари и со т.н. Донечка Народна Република и беше против декларацијата на бугарското собрание за осуда на руската агресија врз Украина, тврдејќи дека: масакрот во украинскиот град Буча, извршен од рускиот окупатор во март 2022 г., бил „театарска претстава“, т.е. дека бил инсцениран; дека украинскиот лидер Володимир Зеленски е изрод, диктатор и неонацист; а тврди и дека повеќето Бугари се против НАТО и дека старите добри односи со Москва ќе се вратат, порачувајќи со поставување на билборди дека „Русија е пријател“.
Накусо, Петков е проруски пропагандист, за какви што наголемо сме пишувале, па такви лица обично учествуваат на тие форуми. Така, Росконгрес го има покането и прорускиот пропагандист од Норвешка, Глен Дисен, на Економскиот форум во С. Петербург во 2023 г., за што дури му ги покрил трошоците, а Дисен настапувал и на форумот за кој говори објавата.
Таму тогаш настапувала и бившата министерка за надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл, која е крајно проруски настроена и која дури се пресели во Русија. Но, нагласуваме, тоа е бивша министерка, затоа што таа тоа била во периодот 2017 – 2019 г., па на форумот не настапувала како официјална претставничка на Австрија.
Режимот на Владимир Путин сака да создаде впечаток дека не е изолиран, дека има поддршка од политичари, интелектуалци и новинари од Западниот свет, па ги кани и ги угостува, а тие настапуваат на неговите настани и ја шират неговата пропаганда во своите земји.
Таа пропаганда ја шири и авторот на објавата, велејќи го следново:
Соработката со Русија е корисна во многу области: храна, нафта и гас, нуклеарна енергија, вселена, транспорт и други. Таквата соработка, заснована на принципите на рамноправност и взаемна корист, ветува колосални перспективи за раст на глобалната економија и ќе даде позитивна динамика на процесот на стабилизирање на ситуацијата во многу области од животот.
Тука сфаќаме дека, всушност, авторот на објавата не бара одговори на прашањата кои ги задал во неа, туку тие му се реторички и тој со нив сугерира дека скоро сите (про)западни земји нагрнале на тој настан во Русија и дека треба да им се придружиме. За тој негов проруски став сведочат и други негови објави, а тие се во голема мера дезинформаторски како и оваа.
Што е за право, на тој форум порано навистина доаѓале претставници на некои (про)западни земји, како јапонскиот премиер Шинзо Абе, претседателката на Ј. Кореја, Парк Гунхје и нејзиниот наследник Мун Џе-Ин, но тоа било во периодот 2016 – 2019 г., пред руската сеопфатна инвазија врз Украина, која почна на 24.2.2022 г. и која драстично ги влоши односите меѓу Русија и Западот.
Русија и пред тоа беше под санкции заради агресијата и илегалната анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 г., но (про)западните земји тогаш не реагираа толку решително, па таквите гостувања во Русија не беа невообичаени. На пример, на Светското фудбалско првенство во Русија во 2018 г. гостуваа претседателите на Франција и Хрватска, но сега е поинаку.
Шансите во Русија сега да гостува Емануел Макрон или друг европски или западен претставник се многу слаби, а од тоа има само ретки исклучоци како Виктор Орбан и Роберт Фицо.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар