Неточно се тврди дека после три години се докажало дека ковид бил грип

Фото: pixabay.com

Постот шири дезинформации дека се докажало оти болеста предизвикана од коронавирусот била иста како и секој друг грип. Никој не докажал такво нешто, нема никакви официјални податоци коишто го потврдуваат ова, ниту, пак, има какви било релевантни истражувања коишто ги изедначуваат овие две болести. Грипот и ковид-19 се две заразни респираторни заболувања, но тие се предизвикани од различни вируси, предизвикуваат различни компликации, имаат различни нивоа на сериозност, како и различни нивоа на смртност. Ковид-19 е предизвикан од инфекција со коронавирус наречен САРС-КоВ-2 првпат идентификуван во 2019 година, а грипот е предизвикан од инфекција со вирусите на грип инфлуенца А и Б

Постот шири дезинформации дека се докажало оти болеста предизвикана од коронавирусот била иста како и секој друг грип. Никој не докажал такво нешто, нема никакви официјални податоци коишто го потврдуваат ова, ниту, пак, има какви било релевантни истражувања коишто ги изедначуваат овие две болести. Грипот и ковид-19 се две заразни респираторни заболувања, но тие се предизвикани од различни вируси, предизвикуваат различни компликации, имаат различни нивоа на сериозност, како и различни нивоа на смртност. Ковид-19 е предизвикан од инфекција со коронавирус наречен САРС-КоВ-2 првпат идентификуван во 2019 година, а грипот е предизвикан од инфекција со вирусите на грип инфлуенца А и Б

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук ја манипулира јавноста со тоа што неточно сака да претстави дека ковид-19 и грип се исти заболувања и дека тоа се докажало после три години. Ова е дезинформација. Коронавирусот и вирусите коишто предизвикуваат грип се сосема различни заболувања и никако не може да се тврди дека се исти.

После 3 години се докажа дека Ковидот бил грип како и секој друг грип.
Докторите со 6 години студии се посрамотија дефинитивно.
Од утре преоѓам на лечење кај БАБА РАДА, ИВАН ИСЦЕЛИТЕЛОТ И ОСТАНАТИТЕ НАДРИ ЛЕКАРИ.
ЧУВАЈТЕ СИ ГО ЗДРАВЈЕТО ВИЕ НАЈДОБРО СИ ЗНАЕТЕ ШТО НАЈВЕЌЕ ВИ ОДГОВАРА ЗА ДА СЕ ИЗЛЕЧИТЕ. НЕ МОЖЕ НЕКОЈ СИ СО КУПЕНИ ДИПЛОМИ ДА ВЕ ЛЕЧИ

Фејсбук објавата којашто е предмет на оваа рецензија тврди дека сега после три години се докажало дека болеста ковид-19, предизвикана од коронавирусот била иста како и секој друг грип. Ова не е точно. Никој не докажал такво нешто, нема никакви официјални податоци коишто го потврдуваат ова, ниту пак, има  какви било релевантни истражувања коишто ги изедначуваат овие две болести.

Коронавирусoт за првпат се појави во Кина на крајот на декември 2019 година. Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека генетскиот материјал РНК, на вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година. Ова е нов вирус кој претходно не е регистриран кај луѓето.

На 11 март 2020 година, брзото зголемување на бројот на случаи надвор од Кина го натера СЗО да објави дека епидемијата може да се карактеризира како пандемија. Дотогаш беа пријавени повеќе од 118.000 случаи во 114 земји, а беа регистрирани 4.291 смртни случаи.

Пред неколку денови, на 5 мај 2023 година, Светската здравствена организација прогласи крај на пандемијата на ковид-19, додавајќи дека веќе не претставува глобална здравствена вонредна состојба. Ова следува три години откако беше прогласен највисокиот степен на тревога поради вирусот. Но, како што потенцираше и Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, крајот на вонредната состојба не значи дека ковид веќе не постои како болест.

Грипот и ковид-19 се две заразни респираторни заболувања, но тие се предизвикани од различни вируси, предизвикуваат различни компликации, имаат различни нивоа на сериозност како и различни нивоа на смртност.

Ковид-19 е предизвикан од инфекција со коронавирус наречен САРС-КоВ-2 првпат идентификуван во 2019 година, а грипот е предизвикан од инфекција со вирусите на грип инфлуенца А и Б.

Бидејќи некои од симптомите на грип, ковид-19 и други респираторни заболувања се слични, разликата меѓу нив не може да се направи само врз основа на симптомите. Потребно е тестирање за да се каже каква е болеста и да се потврди дијагнозата.

И ковид-19 и грипот се шират од човек на човек помеѓу луѓе кои се во близок контакт еден со друг. И двете се шират главно од големи и мали честички кои содржат вирус, што се исфрлаат кога луѓето со болеста (ковид-19 или грип) кашлаат, киваат или зборуваат. Симптомите на ковид-19 генерално се појавуваат 2-14 дена по изложувањето на коронавирусот, а симптомите на грип се јавуваат побрзо односно 1- 4 дена по изложувањето.

Важно е да напоменеме дека грипот се појавува сезонски односно почнува наесен, а завршува напролет со тоа што во зимските месеци се забележуваат најмногу случаи на заболување. Коронавирусот досега имаше повеќе пикови, коишто немаат апсолутно никаква врска со временските услови надвор. Пикови имаше и во летен период и кога времето беше студено.

Според Американскиот Центар за превенција и контрола на болести, коронaвирусот е многу позаразен и се шири побрзо од вирусите на грип. Исто така, забележано е дека коронавирусот, за разлика од грипот, може брзо и лесно да се прошири на многу луѓе и да резултира со континуирано ширење меѓу луѓето како што одминува времето.

Иако голем дел од симптомите кај овие две болести некогаш се поклопуваат, со ковид-19 може да почувствувате губење на вкус, мирис или двете. Тешката болест, како што е оштетување на белите дробови, е почеста при заразувањето со коронавирусот отколку во случај на грип.

Коронавирусот и грипот значително се разликуваат и во смртноста којашто ја предизвикуваат. Светската здравствена организација проценува дека од 290.000 до 650.000 луѓе ширум светот годишно умираат од последици поврзани со грип. Од коронавирусот, кој во светот е присутен точно две години досега починаа над 6,8 милиони луѓе. Лекарите и научниците сè уште работат на проценка на стапката на смртност од ковид-19. Во моментот се смета дека е значително повисока (можеби 10 пати или повеќе) од онаа на повеќето видови на грип.

За разлика од грипот, коронавирусот може да предизвика и таканаречен „долг ковид“, којшто претставува состојба на низа симптоми што може да траат со недели или месеци по заразувањето или може да се појават неколку недели по инфекцијата. Долг ковид може да му се случи на секој што имал ковид-19, дури и ако болеста била лесна или ако немал симптоми.

Впрочем, секој од нас или бил или има роднини, пријатели или колеги кои биле заболени од вирусот, па не може вака тенденциозно и лажно да се тврди дека вирусот е измислен и не постои, или дека станува збор за грип или настинка.

Состојбата со коронавирусот и во 2020 и во 2021 година беше многу сериозна. Освен високиот број на заболени и починати лица, пополнувањето на болничките капацитети, исто така многу говори за сериозноста на ситуацијата. Поради преголемиот број на заболени, на кои им беше потребна хоспитализација во 2020 година, се формираа и ковид центри на Универзитетските клиники за Дерматовенерологија, Неврологија, Нефрологија, Гастроентерохепатологија, Офталмологија и Оториноларингологија, Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, Клинички болници Штип, Тетово и Битола, Општи болници Велес, Куманово, Прилеп, Охрид, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Кавадарци, Кичево, Дебар и Гевгелија како и во неколку приватни болници.

Ова никогаш не бил случај со заболени од сезонски грип. Затоа е многу погрешно да се изедначуваат двете заболувања, или да се убедува јавноста дека докторите не чинат и да се апелира лечење кај надри лекари. Ваквите објави може да бидат потенцијално многу опасни како за индивидуалното така и на јавното здравје.

Според горенаведените факти заклучуваме дека не е вистинито тврдење дека ковид е грип како и сите други.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција