Неточно се тврди дека вирусите не постојат и дека сме прскани од авиони
Објавата го спори постоењето на вирусите и покрај научните докази дека тие постојат и тоа во огромен број, Исто така, користејќи се со тврдења на починат доктор, кој во времето на ковид пандемијата беше приклонет кон теориите на заговори, во објавата оживуваат теориите на заговори дека сме запрашувани од небото, дека вакцините се предизвикувачи на болести итн.
Објавата го спори постоењето на вирусите и покрај научните докази дека тие постојат и тоа во огромен број, Исто така, користејќи се со тврдења на починат доктор, кој во времето на ковид пандемијата беше приклонет кон теориите на заговори, во објавата оживуваат теориите на заговори дека сме запрашувани од небото, дека вакцините се предизвикувачи на болести итн.
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Хахаха… Заболени од наводни „вируси“ кои што не постојат (досега ниту еден „вирус“ во светот не е лоциран) или од запрашување на небото со разновидни бојни и други отрови (сарин, рицин, графен оксид…), токсини, метали и хемикалии, активирање на 5Г мрежата на соодветни фреквенции или пак како последица од „вакцинирањата“ против наводниот „КВК 19“! Вистината за вирусите! Доктор Новица Черанич. Вакцинација – една од најголемите гревови и злостори вршени над човештвото!
Не е вистина наведеното во објавата дека „вирусите не постојат“. Во 1892 година е објавен научниот труд на Дмитриј Ивановски каде за првпат е опишан небактерсиски патоген кој го инфицира тутунот. Исто така, откриен е вирусот на мозаичната болест на тутунот од Мартинус Бејеринк во 1898 година и околу пет илјади вирусни видови се детално опишани, иако постојат милиони типови. Вирусите се наоѓаат во речиси секој екосистем на Земјата и се најзастапениот биолошки ентитет. Науката за вируси се вика вирологија и претставува субспецијалност на микробиологијата.
Доколку настане инфекција со вирус, тоа може да доведе до тешки заболувања кај луѓето, животните и растенијата, а може да настанат и сериозни оштетувања на земјоделските култури. Вирусните инфекции кај домаќинот предизвикуваат да се активира имунолошкиот одговор, а тој имунолошки одговор пак, го елиминира вирусот.
Дополнителен доказ дека вирусите постојат, е тоа што Вендел Стенли е првиот човек што кристализирал вирус во 1930 година. Музејот за Нобелови награди го признава истражувањето на вирусите со доделување Нобелови награди.
И другиот дел од објавата не е вистинит, поточно оној дел во кој се цитира докторот Новица Чераниќ кој е починат, но во текот на ковид пандемијата, според странски сервиси за проверка на факти, ширел теории на заговори за наводно непостоење на ковид пандемијата.
Новица Чераниќ беше специјалист за радиологија на Институтот за онкологија и радиологија Србија. Тој беше еден од најпроминентните заговорници на антивакциналниот наратив, кој зборуваше на собири против антипандемиските мерки, гостуваше во различни емисии во кои го промовираше овој наратив. Веста дека тој почина е објавена на 5.09.2022 година. Не постојат јавно достапни информации за причините за неговата смрт.
Инаку, запрашување од небото со боеви отрови како сарин и рицин не постои. Неверојатната теорија на заговор, беше дури и дебанкирана преку извештај од група од 77 научници, кои ги прегледаа наводните докази за тоа дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци. Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Коронавирусот не се пренесува со прскање од авиони, како што се тврди во објавата што ја рецензираме, туку од човек на човек со директен контакт.
5Г мрежата, пак, воопшто не може да влијае на тоа да се активира коронавирусот, ниту кој било друг вирус, ниту пак, е поврзана со заболувања.
Во последниот дел од објавата се вели дека вакцинирањето со ковид-19 е штетно, односно дека од вакцината има последици. Овој наратив е користен од страна на антивакциналните кругови од почетокот на вакциналната кампања, кога впрочем вакцините против ковид беа обвинувани неосновано за буквално сите сериозни болести вклучително и карцином. Наспроти тоа, вакцините се спасителни. За ефективноста на ковид вакцините Вистиномер детално пишуваше овде.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар