Неубедливо спинување на поразот на Орбан во „победа“

Виктор Орбан пред Националниот музеј. 15.03.2024 г. Фото: Elekes Andor, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Фејсбук-објава тврди дека Орбан намерно ги загубил изборите во Унгарија и дека неговиот опонент Маѓар бил негова „марионета“, а смислата на тоа била да се надитри ЕУ, но за тоа нема доказ ни во еден релевантен и кредибилен извор, а тоа нема ни логика

Фејсбук-објава тврди дека Орбан намерно ги загубил изборите во Унгарија и дека неговиот опонент Маѓар бил негова „марионета“, а смислата на тоа била да се надитри ЕУ, но за тоа нема доказ ни во еден релевантен и кредибилен извор, а тоа нема ни логика

 

Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

“Големиот мајстор” Орбан:

Унгарски шах што го расплака Брисел!

Виктор Орбан играше ладнокрвно – го фрли својот доверлив „предавник“ и ЕУ влезе во совршена стапица.

Шахмат.

Брисел, Сорос, Обама – надминати, засрамени и исмеани.

Во политички потег толку остар што звучи речиси како сатира, Орбан го виде тоа од далеку: Европската Унија, Џорџ Сорос, Обама – целиот глобалистички клуб – се обединија против него.

Проблемот беше што Унгарија веќе немаше вистинска левичарска опозиција. Никој не можеше да го помине ниту тој смешен праг од 5%.

Значи, Орбан направи она што го прави Орбан – ја оркестрираше играта.

Го зеде својот најблизок сојузник, својот најдоверлив инсајдер – Петер Маѓар – и го испрати како првокласен, по нарачка „лидер на опозицијата“.

Подготовката? Чиста. Едноставна. Брутална.

Унгарецот – клучна фигура во владата на Орбан до 2024 година – излегува, ги менува работите, се преобразува во бунтовник. Тој зема средства од истите еврократи што Орбан не можеше да ги поднесе. Се позиционира како лице на „промените“.

Брисел го изеде како бомбона, но во реалноста го проголта.

„Конечно!“ извикуваа тие – чековите летаа, насловите се ширеа, никој не поставуваше прашања.

Објавата е дезинформаторска и пропагандистичка, а изборниот пораз на Виктор Орбан таа сака да го спинува во „победа“. Но, иронично, сакајќи да го пофали како итар, таа несакајќи му прави лоша услуга и го прикажува како измамник и автократ, кој на изборите пласирал своерачно одбран „противкандидат“, кој само „му глумел опозиција“.

И него објавата го фали како итар – тој, наводно, земал пари („чекови“) од „еврократите“, глумејќи пред нив „лице на промените“, но таквата измама не е нешто за фалење, а и таквото мешање во изборите во Унгарија е илегално, па како власта на Орбан тоа го дозволила?

Ние не најдовме реномиран извор, кој докажува дека Маѓар бил така финансиран, како што нема докази ни за останатите тврдења во објавата (со еден минорен исклучок, но за тоа – потоа).

Орбан не е политички гениј или „шаховски велемајстор“, кој ги шах-матирал и расплакал Брисел, Барак Обама, Џорџ Сорос или Алекс Сорос, туку е губитник, затоа што ги загуби изборите, на кои имаше рекордна излезност против него и на кои со значителна разлика победи Петер Маѓар, кого објавата го нарекува „Унгарецот“, поради значењето на неговото етнонимско презиме.

Неговата партија Тиса настапи без коалициски партнери и сама ја победи далеку помоќната партија на Орбан, Фидес, која беше во коалиција со демохристијаните. Тие избори не ги загуби Обама, ниту Сорос или ЕУ (напротив, поевропски наклонетата опција доби најмногу гласови), туку ги загуби Орбан, кој тоа го призна и презеде 100 отсто одговорност за поразот.

Орбан владееше со авторитарни склоности дури 16 години, а ако го броиме и неговиот прв мандат (1998 – 2002), тоа се 20 години, па, евидентно, тој сака да биде на власт, а објавата нè убедува дека тој намерно ја загубил власта и дека тоа била „свесна жртва“ и „мудра стратегија“. Според објавата, Маѓар бил „лажен опозиционер“ и „марионета“ на Орбан, кој свесно придонел таа да победи. Но, за тоа нема ни доказ, а ни логика – зошто Орбан би се заменил себеси со некој друг?

Користењето на „марионета“ на избори има смисла ако некој авторитарен лидер сака да создаде привид на демократија или ако таа „марионета“ привлекува гласови кои инаку би отишле кај вистинската опозиција, но, како и да е, целта не е „марионетата“ да победи. „Марионета“ може да се ангажира и ако постојат законски ограничувања за тоа колку мандати може да има тој лидер, па „марионетата“ може да владее по негови инструкции. Но, Орбан од тоа немаше потреба.

Точно е дека Маѓар порано му бил сопартиец, па објавата го опишува како некој, кој само глуми „предавник на Фидес“, но тоа не е точно. Откако му стана опонент на Орбан, Маѓар за него пласираше крајно дискредитирачки нешта, кои како „инсајдер“ ги дознавал во Фидес, но и од својата бивша сопруга Јудит Варга, порано министерка за правда во владата на Орбан.

Како т.н. „свиркач“, Маѓар објави аудиоснимка од Варга, во која таа признава вмешаност на владата на Орбан во најголемиот корупциски скандал во Унгарија, „Шадл-Волнер“, што ја урна репутацијата на Орбан. И, за разлика од некаква „марионета“, Маѓар не собра само гласови од противниците на Орбан, туку и гласови, кои требаа да одат кај Орбан, а се работи за следново.

Во еден дом за деца се случи педофилска афера, а Варга и претседателката на Унгарија Каталин Новак го помилуваа заменик-директорот на домот, Ендре Коња, кој криел детали за случајот, па откако јавноста дозна за тоа, таа беше револтирана и тоа доведе до оставка на Варга и Новак.

Обете беа од партијата на Орбан и тоа му го урна имиџот на традиционалист и моралист, па Маѓар му ги презеде разочараните гласачи. Маѓар не беше тој, кој прв го обелодени случајот, туку тоа го стори еден медиум, но, сепак, тоа му помогна на Маѓар. По „логиката“ на објавата, Орбан сам ги оркестрирал тие скандали, со цел да победи неговата „марионета“, но зарем Орбан сакал јавноста да го поврзува со корупција и педофилија? Тоа би било политичко самоубиство.

Објавата тврди дека по победата на Маѓар, тој ги шокирал своите странски поддржувачи со тоа што открил дека, всушност, тој е копија на Орбан, цитираме:

Потоа дојде кулминацијата:

Унгарецот победува.

И во моментот кога е на власт? Маската се симнува.

Одеднаш „предавникот“ вели дека границата не е доволно цврста.

Отфрла 90% од барањата на фон дер Лајен.

Ги става етничките Унгарци на прво место.

И применува изненадување – истите суверени, националистички тактики што го излудуваа Брисел со години.

Навистина, Маѓар е национал-конзервативец, додуша поумерен од Орбан, па има несогласувања со ЕУ околу прашања како имиграцијата, а нејасно е што ќе прави со ЛГБТ-правата, кои Орбан ги ограничуваше. Но, заради судирот меѓу Орбан и ЕУ, таа блокираше фондови за Унгарија во износ од милијарди евра, за кои Маѓар ќе преговара, па зарем авторот на објавата мисли дека ЕУ ќе ги одблокира ако Маѓар одбива 90 отсто (скоро сè) од нејзините барања? Тоа нема никаква логика.

Маѓар дури прифаќа нешта, кои за Орбан беа апсолутно неприфатливи. Маѓар се залага Унгарија да се приклучи кон Канцеларијата на јавниот обвинител на ЕУ (што Орбан го одбиваше) и го одблокира заемот на ЕУ за Украина (што Орбан го блокираше), дури иако Маѓар е против идејата за забрзано примање на Украина во ЕУ и против брзиот прекин на увозот на енергенси од Русија.

Значи, за некои нешта Маѓар не се согласува со ЕУ, но за некои прави големи отстапки. Тој се согласува со ЕУ околу реформите за владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите, независноста на судството, департизацијата на државата и сл.

Тоа ѝ се приоритетите на ЕУ, а таа не инсистира во неговата политика да нема никакви национал-конзервативни елементи. Според објавата, Маѓар глумел либерал, по што ја шокирал ЕУ со своето вистинско лице, но за него однапред се знаеше дека е национал-конзервативец, додуша поумерен. Такви елементи имаше и во политиката на Полска, заради што таа имаше извесни тензии со ЕУ, но, сепак, Полска не важеше за толку проблематична како Унгарија под Орбан.

И, на крајот на краиштата, Маѓар сè уште не формирал ни влада и допрва треба да се види како ќе се однесува, а објавата создава впечаток небаре тој веќе ѝ објавил војна на ЕУ.

Говорејќи за подготовките пред изборите, објавата вели дека во Унгарија немало вистинска левичарска опозиција, а и да ја имало, таа не ќе можела да освои ни 5 отсто од гласовите, што е предуслов (праг) за влез во собранието, но тука се измешани невистинити и вистинити нешта.

Унгарската социјалистичка партија и Демократската коалиција (која е социјалдемократска) го минаа тој праг на изборите во 2014, 2018 и 2022 г., па изборите во 2026 г. ги дочекаа како собраниска опозиција, што не е за потценување, иако, рака на срце, тие имаа малку пратеници и понекогаш настапуваа во пошироки коалиции, кога беа преслаби за самостоен настап.

До изборите во 2026 г., Демократската коалиција беше најголемата опозициска претставничка во собранието и таа зеде учество на тие избори, па левичарска опозиција, евидентно, имало, а објавата не образложува според кој тоа критериум не ја смета за „вистинска“.

Но, објективно, Демократската коалиција не успеа да го мине прагот на последниве избори и доживеа крах. На социјалистите, пак, не им се предвидуваа никакви шанси, што е можеби причината за нивното неучество на изборите. Значи, левицата таму е навистина слаба и неуспешна, но не е дека не постоела.

За тој неуспех придонесе и апелот на Маѓар до останатите опозициски партии да не кандидираат свои кандидати, што некои од нив го прифатија, со цел поддршката да се насочи кон Тиса. Смислата на тоа беше целата опозиција (па и левичарската) да гласа за Тиса и да му зададе здружен удар на Орбан, инаку гласовите би биле расфрлани меѓу разни опозициски партии.

Така, добар дел од левичарскиот електорат придонесе за победата на Маѓар, што, се разбира, не е победа на левицата, но е донекаде успех за неа во смисла на тоа дека Орбан беше поразен. Нагласуваме, тој беше поразен, а не е победник – како што го опишува објавата.

Објективно, во објавата има доза на вистина во тоа дека левицата била многу слаба, но тоа е минорен процент од таа долга објава и тоа не ја спасува од нашата оценка дека е генерално невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција