(Не)учеството на граѓанските организации во измена на Изборниот законик добива сè повеќе на тежина

Фото: Мета.мк

Иако Министерството за правда тврди дека граѓанскиот сектор бил и ќе биде активно вклучен во подготовките на измените на Изборниот законик, фактите укажуваат дека тоа е само делумно точно, бидејќи претставниците на граѓанските организации сè уште не се активно вклучени во работната група што ги подготвува измените

Иако Министерството за правда тврди дека граѓанскиот сектор бил и ќе биде активно вклучен во подготовките на измените на Изборниот законик, фактите укажуваат дека тоа е само делумно точно, бидејќи претставниците на граѓанските организации сè уште не се активно вклучени во работната група што ги подготвува измените. Во контекст на напуштањето на работната група на претставниците на СДСМ, потребата од активно и постојано учество на претставници на граѓанскиот сектор во целиот процес на измени добива уште повеќе на тежина. Зашто тие ќе бидат и еден вид контролор на процесот и ќе може активно и постојано да партиципираат со своите предлози

 

Пишува Теофил Блажевски

 

Не е спорно дека граѓанските организации (ГО) не се активно вклучени во промената на изборното законодавство, пред сè на Изборниот законик (ИЗ), процес што веќе извесно време го води Министерството за правда (МП). Иако од споменатото министерство го демантираат тоа, и иако министерот Игор Филков уште пред десетина дена тврдеше обратно, засега барем, не се гледа воља да бидат активно вклучени  во работната група составена од парламентарни партии и независни пратеници што ги подготвуваат измените. Ова е во спротивност не само со препораките на ОБСЕ/ОДИХР за вклученоста на ГО во ваков процес, туку и во спротивност со ставот на владиниот Совет за соработка со ГО, кој исто така упати препораки до МП за вклучување на граѓанскиот сектор при подготовка на измените на Изборниот законик.

Кој е ставот на Министерството за правда?

Од Министерството за правда сметаат дека граѓанските организации се вклучени. Во одговорот дадена за оваа тема што ја подготви Порталб.мк, меѓу другото се наведува:

…На средбата со министерот за правда на претставниците на независните граѓански иницијативи им беше посочено да достават свои предлози и коментари кои ќе бидат разгледани од страна на работната група. На таа седница ќе може да присуствуваат и граѓанските организации и да ги образложат предлозите. Ова беше прифатено од нивна страна, што значи дека во процесот ќе бидат вклучени и тие и надлежните институции…Оттука, неосновани се тврдењата дека граѓанските организации не се вклучени во реформите во изборното законодавство. Вклучени се, треба да дадат предлози и да ги образложат во рамки на работната група. И ова беше прифатено и од нивна страна се наведува во одговорот до Порталб.мк.

Овој одговор од МП се заснова на единствената средба што досега ја имале со дел од граѓанскиот сектор, а тоа се независните иницијативи кои, покрај другите свои активности, активно се вклучени и во процесот на изборите со свои кандидати. Но, треба да се напомене дека таа средба одржана на 16-ти април годинава беше остварена не по иницијатива на МП, туку по барање на претставниците на независните иницијативи, што се признава и во соопштението од МП по средбата.

Освен ова од одговорот даден за Порталб.мк, а цитиран погоре, може да се разбере дека ставот на Министерството за правда е дека во работната група за подготовки на измените на законодавството нема да има постојана вклученост на ГО, туку,  „да достават свои предлози и коментари кои ќе бидат разгледани од страна на работната група“ и дека „на таа седница ќе може да присуствуваат… и да ги образложат предлозите“.

Ваквиот став е поинаков од препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои исто така може да се прочитаат во текстот на Порталб.мк, но дури и на препораките на Владата, бидејќи Советот за соработка на Владата со граѓанското општество уште на 26.03.2026 г. „оцени дека е потребно активно вклучување на граѓанските организации при измена на изборното законодавство“. И дека од тие причини Советот…„препорачува кога ќе се отвори процесот за измени и дополнување на Изборниот законик, во работната група координирана од Министерството за правда, да има и членови од граѓански организации, кои ќе бидат номинирани од страна на Советот, по претходно објавен јавен повик“.

Ваквата препорака е упатена до МП, а според последните сознанија на „Вистиномер“ од 29.03.2026, од МП сè уште не бил пристигнат одговор до Советот.

Без учество на СДСМ, учеството на ГО во измените добива на тежина

На 29.03.2026, претставниците од СДСМ во работната група за измена на изборниот законик не се појавија на четвртиот состанок на ова тело што го води процесот на подготовки на измените во рамки на МП. Со тоа, СДСМ на своевиден начин го изрази и го реализираше протестот поради тоа што мнозинството на власта изгласа во Собранието измени на Законот за Влада, со кои од по наредните избори веќе нема да постои таканаречената „Пржинска влада“ воведена за изборите во 2016 година, како еден вид преодно решение за излез од тогашната политичка криза.

Иако овој потег на СДСМ претседателот на партијата Венко Филипче го најави уште на 28.04.2026  г. и иако првичните реакции од претставниците на другите партии беа дека работното тело треба да продолжи со измените на ИЗ, засега не е најјасно дали оваа одлука на СДСМ е од потраен и подолгорочен карактер. Но како и да е, факт е дека работната група во МП засега функционира и можеби ќе продолжи да функционира без претставниците на СДСМ.

Во таков контекст, учеството на претставници на ГО во работната група на сите нејзини состаноци и увид во сите замислени и предложени измени на Изборниот законик во рамки на работната група, уште повеќе добива на тежина. Бидејќи на тој начин граѓанскиот сектор ќе биде и еден вид контролор на целиот процес и ќе може активно и постојано да партиципира со своите предлози.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција