Неумесна паралела меѓу членството на Бугарија во ЕУ и Тројниот пакт
Бугарија неодамна ја угости Фон дер Лејен, со која соработува на производството на оружје за ЕУ и Украина, а една проруска објава дезинформира дека гостинката била нацистка, која со тоа оружје сакала да војува против Русија и дека Бугарија со ова се продала како кога влегла во Тројниот пакт на 1.3.1941 г.. Но, Фон дер Лејен не е нацистка, туку демохристијанка; Бугарија не се продаде и нормално е да соработува со лидер на ЕУ, кајшто самата членува; а тоа оружје не е за ЕУ да ја напаѓа Русија, туку за ЕУ и Украина да се бранат себеси
Бугарија неодамна ја угости Фон дер Лејен, со која соработува на производството на оружје за ЕУ и Украина, а една проруска објава дезинформира дека гостинката била нацистка, која со тоа оружје сакала да војува против Русија и дека Бугарија со ова се продала како кога влегла во Тројниот пакт на 1.3.1941 г.. Но, Фон дер Лејен не е нацистка, туку демохристијанка; Бугарија не се продаде и нормално е да соработува со лидер на ЕУ, кај што самата членува; а тоа оружје не е за ЕУ да ја напаѓа Русија, туку за ЕУ и Украина да се бранат себеси. И, иронично, и Русија (како дел од СССР) била блиска со Хитлер со Пактот Молотов-Рибентроп (23.8.1939 – 22.6.1941 г.) и неговите тајни протоколи
Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
МИ МИРИСА НА 1 МАРТ 1941…
Булгаријата си го продаде га*от пред Фаши-наци фон Лајнен. Ќе изработува оружје за ЕУ, со јасна намена: ВОЈНА СО РУСИЈА!
Ова е проруска пропагандистичка објава, која извртено ја опишува посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на Бугарија и нејзините фабрики за оружје на 31.8.2025 г.
Објавата вели дека тоа оружје е наменето за ЕУ за војна со Русија. Но, тоа оружје е за ослободителната војна која Украина ја води против Русија, при што го добива тоа оружје како помош од ЕУ, ама тоа се произведува и за одбрана на самата ЕУ. Објавата ги премолчува тие детали, создавајќи впечаток дека ЕУ подготвува војна против Русија, т.е. напад врз неа.
Објавата е штедлива на зборови и не прецизира ништо, па може да се толкува и вака и онака, но земајќи го предвид нејзиниот изразито антизападен тон, „викањето“ во неа со големи букви и извичници, впечатокот е токму тој – „Фон дер Лејен како Адолф Хитлер тргнува во напад врз Русија“.
Навистина, во ЕУ се говори за можна војна против Русија, но не во смисла дека ЕУ ќе ја нападне Русија, туку обратно. Затоа членките на ЕУ ја јакнат одбраната, некои од нив го враќаат воениот рок или дури планираат да ги минираат своите граници. Тоа не се прави за напад, туку за одбрана.
А, ако некој инсинуира дека Фон дер Лејен отишла во Бугарија не со цел зајакнување на одбраната на ЕУ и Украина, туку со цел подготовка на ЕУ за јуриш врз Русија, тогаш и ние би можеле да инсинуираме дека зад помагањето на Русија од страна на Белорусија, Иран, С. Кореја и Кина се крие подготовка за јуриш врз ЕУ (ако веќе одиме по логиката на објавата).
С. Кореја ѝ праќа на Русија артилерија и муниција, па дури и војници, што веќе и не го крие; Иран ѝ праќа дронови Шахед и ракети Фатех; а Кина – производи за двојна употреба (кои можат да се претстават како мирнодопски, но и да се употребат за војна): багери за копање ровови, т.н. голф-возила за превоз за војници и муниција, но и камиони, резервни делови за нив или за машини за производство на оружје, електронски компоненти и др. (извори: тука, тука, тука и тука).
Белорусија, пак, е претворена во руска нуклеарна база со ракети свртени кон ЕУ и во отскочна штица за агресијата врз Украина. Исто така, Белорусија води хибридна војна против Полска, Литванија и Латвија така што им издава визи на мигранти од Блискиот Исток и ги пушта илегално да преминуваат во тие земји на ЕУ, предизвикувајќи со тоа инциденти и дестабилизација.
И, додека сето тоа се случува, објавата говори за некаков имагинарен напад на ЕУ врз Русија. Таа ја започна агресијата врз Украина на Крим во далечната 2014 г., потоа тајно се вмеша и во Донбас (види: тука и тука), за на 24.2.2022 г. да прејде во сеопфатна агресија, а Европејцитe не покажаа решителност воено да интервенираат и нема индиции дека тоа се менува.
Објавата тврди и дека Бугарија „се продала“ со тоа што се нафатила да го произведува тоа оружје. Но, Бугарија е членка на ЕУ од 2007 г., па нормално е да соработува со ЕУ и со Фон дер Лејен, која како претседателка на Европската комисија, што е извршен орган сличен на влада, е нешто како премиерка на ЕУ. Зошто објавата тоа го претставува како скандал – не е јасно.
Можеби објавата алудира на фактот дека во 1877-78 г. Русија им помогнала на Бугарите да се ослободат од османлиска власт, па сака да каже дека се неблагодарни и „продадени души“, наратив кој е присутен во некои руски извори, но тој не држи вода.
Руско-бугарските односи прво биле добри, но бргу се влошиле, зашто имало надменост и наметливост од руска страна, а не и разбирање за желбата на Бугарија за посамостојна политика.
Русите ја наплатиле помошта која ѝ ја дале на Бугарија (т.н. окупациски долг), не го поддржале нејзиното обединување со регионот Источна Румелија во 1885 г., ѝ одмогнале во војната против Србија во таа година и поддржале пуч против бугарскиот кнез во следната, што довело до прекин на дипломатските односи од 10 години, а Русија и Бугарија се судриле и во Првата светска војна.
Значи, не дека Русија секогаш ѝ пружала безусловна братска (или сестринска) љубов на Бугарија и не е дека таа ја изневерила Русија заради некаква неблагодарност, туку нештата се посложени.
Објавата прави и паралела меѓу влезот на Бугарија во Тројниот пакт на 1.3.1941 г. и нејзината актуелна соработка со ЕУ и Фон Дер Лејен, но таа паралела е неумесна од повеќе причини.
Низ ЕУ доминира либералната демократија, добрососедската соработка и политиката на отворени граници, толеранцијата кон ЛГБТ-заедницата и сл., а тоа е сушта спротивност на нацизмот и фашизмот, кои подразбираат тоталитарни диктатури, ултра-национализам, милитаризам, хомофобија и сл. Фон дер Лејен е членка на Христијанско-демократската унија на Германија, а не на Национал-социјалистичката германска работничка партија на Хитлер.
Објавата се расфрла со етикети како „нацисти“ и „фашисти“, но, иронично, кога Бугарија влегла во Тројниот пакт, Русија (како дел од СССР) му била сојузничка на Хитлер, согласно пактот Молотов-Рибентроп (23.8.1939 – 22.6.1941). Тие заедно си ја делеле Полска и соработувале на секаков план.
Тоа завршило кога Хитлер го нападнал СССР, во што се вклучиле и други членки на Тројниот пакт, но не и Бугарија, заради споменот за руската помош од 1877-78 г. Сепак, СССР ја нападнал Бугарија и ја подјармил во 1944 г.
Русија ова им го правела на сите источноевропски земји, па не чуди тоа што повеќето се во Евроатлантскиот тим. Нормално е тие да играат за него, а не да му забиваат автоголови како Виктор Орбан и Роберт Фицо, кои се посоодветни примери за (грубо речено) „продадени души“.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар