Неумесна паралела: Руската анексија на Крим и идејата за вклучување на Гренланд во САД

Фото:original work: https://commons.wikimedia.org/wiki/User:Schwarzorangederivative work: https://commons.wikimedia.org/wiki/User:Phlsph7, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons TUBS, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Објава на Фејсбук изнесува невистини околу референдумот за одделување на Крим од Украина и негово приклучување кон Русија од 2014 г. и прави паралела меѓу тоа и идеите на Трамп за приклучување на Гренланд кон САД, која не држи од низа причини. Путин не го презеде Крим со референдум, како што тврди објавата, туку со агресија, која руските сили ја започнаа при крајот на февруари 2014 г.

Објава на Фејсбук изнесува невистини околу референдумот за одделување на Крим од Украина и негово приклучување кон Русија од 2014 г. и прави паралела меѓу тоа и идеите на Трамп за приклучување на Гренланд кон САД, која не држи од низа причини. Путин не го презеде Крим со референдум, како што тврди објавата, туку со агресија, која руските сили ја започнаа при крајот на февруари 2014 г. Од друга страна, Трамп не го има заземено Гренланд, ниту има јасна најава дека ќе го заземе – како што вели објавата, па паралела со Крим тука нема

 

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Путин го превзема Крим со референдум(93% ЗА); Тој е ужасен диктатор! Трамп ќе го завземе Грендланд со сила, тој е добар визионер?!

Владимир Путин не го презеде Крим со референдум, туку со агресија, која руските сили ја започнаа при крајот на февруари 2014 г. Тие зазедоа повеќе владини и воени објекти низ Крим, при што не носеа ознаки за распознавање, со цел тоа лажно да се прикаже како востание на месното население, но Путин подоцна призна дека тие сили биле негови.

На полуостровот тогаш функционираше Автономната Република Крим (АРК), која според меѓународното право беше (и сè уште е) дел од Украина, но под притисок на рускиот окупатор таму беше „изгласан“ премиер по негова мерка, Сергеј Аксјонов. Пред окупацијата, неговата проруска опција не добиваше многу гласови на тамошните избори, а тој не е ни родум од Крим.

Тоа ново раководство зазеде курс кон одделување од Украина и приклучување кон Русија, па за таа цел, на 16.3.2014 г. беше одржан т.н. референдум, велиме таканаречен, затоа што гласање под нишан на окупаторска војска не може да биде слободно и легитимно. Овој „референдум“ беше отфрлен со Резолуцијата на Генералното собрание на ООН 68/262.

„Референдумот“ ја опфати не само АРК, туку и гр. Севастопол. Иако тој географски спаѓа во Крим, градот има специјален статус и е одделна административна единица. Бројката од 93 отсто во објавата е неточна, а според организаторите на „референдумот“, за вклучување на полуостровот во Русија наводно гласале 96,57 отсто од гласачите. Поточно, во АРК тоа изнесувало 96,77 отсто, а во Севастопол 95,6 отсто.

Но, многумина не зедоа учество во „референдумот“, а бојкот особено имаше среде Кримските Татари, кои се старо население на полуостровот и кои некогаш биле мнозинство на истиот. Тие страдале откако Крим потпаднал под руска власт во 1783 г. и особено под Советска Русија, која во 1944 г. нив ги депортирала во зафрлените делови од СССР. Повеќето Кримски Татари се за Украина.

Нивното мислење го делеа и многу етнички Украинци на Крим, но и Руси и припадници на други етникуми. Мит е дека повеќето жители на полуостровот биле за блискост со Москва, а повеќето од нив го поддржале осамостојувањето на Украина од СССР на референдумот во 1991 г. (54,19 отсто во тогашниот автономен Крим и 57,07 отсто во Севастопол).

Објавата потоа обвинува за двојни стандарди. Таа се жали дека преземањето на Крим од страна на Путин е осудувано, а преземањето на Гренланд од страна на Доналд Трамп е одобрувано и тој за таа идеја е фален како визионер, но тоа не е баш така.

Како прво, Трамп не го има заземено Гренланд, ниту има јасна најава дека ќе го заземе – како што вели објавата, па паралела со Крим тука нема. Како второ, многумина ги оценија тие изјави на Трамп за приклучување на Гренланд кон САД како груби, недипломатски, штетни и неодговорни, а некои дури ги отфрлија како лудило, што покажува дека не сите во САД го фалат Трамп како визионер. Во САД нема едноумие.

И, основната идеја на Трамп е Гренланд да се откупи, а не да се заземе. Навистина, на новинарско прашање дали е можна примена на сила за таа цел, Трамп одговори дека тоа не е исклучено, но притоа ништо не прецизираше, камоли да најави некаков јуриш. Идејата за купување и вклучување на Гренланд кон САД датира уште од 1867 г. и таа била реактуелизирана во 1946 г., а потоа и во 2019 г., токму од страна на Трамп.

Ескпанзионистички изјави тој даде и на сметка на Канада и Панама, но прашање е дали тој тоа може да го реализира. Тој е одамна познат по своите скандалозни изјави, но колку се тие реалистични е под голем знак прашалник. Екс-државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, не ги зема изјавите на Трамп за Гренланд премногу сериозно, а слична оценка даде и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро. Нивниот дански колега Ларс Локе Расмусен просто побара страстите да се смират и додаде дека нема впечаток дека тука започнала некаква меѓународна криза.

Некои сметаат дека Трамп само „глуми лудило“, преку т.н. Madman Theory. Тоа е политичка теорија, согласно која еден политичар намерно се заканува и поставува максималистички барања, со цел да изнуди од спротивната страна исполнување на нешто поумерени барања. Тоа го правел Ричард Никсон, а дали е тоа случај и кај Трамп – не е јасно.

Засега не гледаме дека Трамп тргнува во јуриш, ниту дека има безрезервна поддршка за такво нешто. Во Конгресот на САД беше пуштен некаков акт под назив „Да го направиме Гренланд повторно голем“ („Make Greenland Great Again“), со кој Трамп би добил овластување да преговара со Данска за купување на Гренланд, но за некаква воена акција тука не станува збор.

Владите на Данска и Гренланд му соопштија на Трамп дека островот не е за продажба и дека за неговата иднина треба да решаваат неговите жители, кои во рамките на Данска уживаат широка автономија.

Паралела меѓу Крим и Гренланд нема и затоа што согласно законите на Данска, во чиј состав Гренланд се наоѓа, тој има право на отцепување, што Крим го нема во Украина. Тука се работи за чл. 21 од Актот за самоуправа на Гренланд, донесен во 2009 г. Данска нема проблем ако Гренландците се осамостојат од неа. Такви идеи среде нив има и дури се говори за одржување на соодветен референдум во април годинава.

Се разбира, некои нешта во иднина можат и да се променат, па можни се и некои изненадувања, но тоа беа фактите со кои сега располагаме. Земајќи го тоа предвид, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција