Невакцинирањето не ги „спасува“ децата
Нема кредибилни научни докази дека ширењето на невакцинирањето ги „спасува“ децата. Напротив, достапните епидемиолошки податоци покажуваат дека падот на вакцинацијата е поврзан со враќање на болести кои можат да предизвикаат тешки компликации, инвалидитет или смрт, особено кај најмалите деца.
Нема кредибилни научни докази дека ширењето на невакцинирањето ги „спасува“ децата. Напротив, достапните епидемиолошки податоци покажуваат дека падот на вакцинацијата е поврзан со враќање на болести кои можат да предизвикаат тешки компликации, инвалидитет или смрт, особено кај најмалите деца. На страницата на Министерството за здравство наведени се сите придобивки од вакцинацијата
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ЉУБОВТА КОН ДЕЦАТА НЕМА ГРАНИЦИ ЗА СПАС НА СВОИТЕ ЧЕДА. СВЕСНОСТА ЈА РУШИ ТЕМНИНАТА. ВИСТИНАТА Е СВЕТЛИНАТА. Нека се шири овој тренд во светот, за спас на сите деца.
Во склоп на објавата се споделува фотографија од напис со наслов „опасен тренд – повеќе од половина деца во Сплит и околината не се запишани во градинка бидејќи не се вакцинирани“.
Не е вистина дека „спас за сите деца е да се шири тренд на невакцинирање“ наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме. Вакцините се една од најефикасните мерки за превенција на заразни болести. Според Светската здравствена организација (СЗО) имунизацијата спасува меѓу 3,5 и 5 милиони животи годишно од болести како дифтерија, тетанус, голема кашлица, грип и мали сипаници и штити од повеќе од 30 потенцијално опасни заразни болести.
Наспроти тврдењето дека невакцинирањето е „спас“, научните докази покажуваат дека намалувањето на опфатот со вакцинација го зголемува ризикот од епидемии на болести кои претходно биле ставени под контрола. Добар пример се морбилите (мали сипаници), една од најзаразните вирусни болести. СЗО предупредува дека единствениот сигурен начин за спречување на морбилите е вакцинацијата. Две дози од вакцината обезбедуваат околу 97 проценти заштита од инфекција и од сериозните компликации што може да ги предизвика болеста.
Во последните години, повеќе европски земји се соочија со повторна појава на морбили токму поради намален опфат со вакцинација. СЗО и УНИЦЕФ предупредуваат дека за да се спречат епидемии потребен е висок опфат со вакцинација – околу 95 проценти за морбили. Кога тој опфат опаѓа, се губи колективниот имунитет, што ги изложува на ризик и лицата кои не можат да се вакцинираат поради медицински причини, како што се новороденчињата, децата со одредени заболувања или лицата со ослабен имунитет.
Нема кредибилни научни докази дека ширењето на невакцинирањето ги „спасува“ децата. Напротив, достапните епидемиолошки податоци покажуваат дека падот на вакцинацијата е поврзан со враќање на болести кои можат да предизвикаат тешки компликации, инвалидитет или смрт, особено кај најмалите деца. На страницата на Министерството за здравство за вакцинација, наведени се сите придобивки од вакцинацијата.
УНИЦЕФ посочува дека вакцините поминуваат низ ригорозен процес на проверка и регулација. Не може да станува збор за вакцини чија што формулација е штетна, ниту пак, нејзините последици би можеле да го надминуваат интензитетот на придобивките!
Нема потреба да бидете загрижени за потеклото на вакцините. Без разлика на земјата на производство, вакцините поминуваат низ ригорозен процес на одобрување и регулаторен процес пред да се стават во употреба. Бидете сигурни дека вашите деца се вакцинирани според националниот календар за имунизација во соодветна здравствена установа или во рамки на кампањите за имунизација што ги спроведува Министерството за здравство, пишува на страницата на УНИЦЕФ.
Постои голем контраст меѓу сиромашните држави каде што не се достапни сите вакцини за децата, па таму сè уште има епидемии на болести што во развиени држави, како на пример САД, се искоренети благодарение на имунизацијата.
Сите болести од кои штитат вакцините може да ги пронајдете на овој линк заедно со описите и компликациите од болеста и придобивките од вакцинацијата.
Во С. Македонија има задолжителна имунизација и таа е во согласнот со Уставот. Уставниот суд има разгледувано повеќе иницијативи во кои се тврди дека задолжителната вакцинација не е уставна, ама сите ги отфрлил.
Во една таква одлука од Уставниот суд се наведува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата.
Оттука, во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот. Судот констатирал и дека согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Северна Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација при што ниту едно дете не треба да биде лишено од правото на таквата здравствена заштита, а секако за обезбедување на највисоко ниво на здравствена заштита е и вакцинирањето на детето заради негова заштита од разни заразни болести и заштита на другите од развој на одредени заразни болести кои без примена вакцина можат да го загрозат не само здравјето на поединецот, туку и на целокупното население, наведува Уставниот суд.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар