Невистина е дека луѓе испоумреле и се испотруле со вакцините против ковид

Светска здравствена организација

Објавата без никакви докази тврди дека вакцините против ковид биле отровни, односно дека маса народ се испотрула со нив и дека голем број млади луѓе кои се вакцинирале, починале од миокардитис и перикардитис. За да се изнесат во јавност вакви сериозни обвинувања, потребно е да се понудат цврсти докази за истите, што не е случај со објавата.

Објавата без никакви докази тврди дека вакцините против ковид биле отровни, односно дека маса народ се испотрула со нив и дека голем број млади луѓе кои се вакцинирале, починале од миокардитис и перикардитис. За да се изнесат во јавност вакви сериозни обвинувања, потребно е да се понудат цврсти докази за истите, што не е случај со објавата. Вакцините против ковид не се отровни и тоа го потврдуваат релевантни здравствени организации и институции

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ КОВИД КУЛТОТ/СЕКТАТА ОД 2021!

Го најдов ова видео денес и го постирам да се потсетиме како народот беше труен пред 4 години. Доктори прават будали од себе играјќи на песна за вакцинирањето. „Малце ќе те пецне…“ Да, важи, нема проблем.

Маса народ испотруја со вакцините. Млади деца испоумреа од миокардитис и перикардитис и никому ништо. Колку ли други трпат последици и ден денес.

Ова е чисто секташко однесување. Занесени луѓе, опиени од идеологија. Луѓе кои би требале да знаат дека неиспробан препарат не може да биде вакцина. А го викаа вакцина и ги земаа на душа луѓето со тоа што им ја инјектираа неиспробаната течност во нивните тела.

Ѓомити образовани биле. Арам да им е, со чесни исклучоци на оние кои беа храбри да зборуваат како докторите Вело Маркоски и Никола Пановски. Сигурно имаше и некои други, но не се сеќавам.

Објавата без никакви докази тврди дека вакцините против ковид биле отровни, односно дека маса народ се испотрула со нив и дека голем број млади луѓе кои се вакцинирале, починале од миокардитис и перикардитис. За да се изнесат во јавност вакви сериозни обвинувања, потребно е да се понудат цврсти докази за истите, што не е случај со објавата.

Вакцините против ковид не се отровни и тоа го потврдуваат релевантни здравствени организации и институции. Доколку вакцините против ковид беа отровни, тогаш тоа ќе се забележеше на начин што смртноста значајно ќе се зголемеше, или пак, ќе имаше голем број на несакани ефекти и така ќе се сфатеше дека постои проблем со вакцините – што не се случи. Состојките во сите ковид вакцини се јавно достапни и не станува збор за контроверзни состојки, туку за безбедни.

Вакцините против ковид-19 беа предмет на испитување и ќе продолжат да бидат предмет на најинтензивно мониторирање на безбедноста. Доказите од стотици милиони вакцини против ковид-19 кои веќе се администрирани во САД и милијардите вакцини администрирани глобално, покажуваат дека тие се безбедни и ефективни, пишува на сајтот на ЦДЦ, главното американско тело за контрола и превенција на болести.

Во врска со безбедноста на вакцините против ковид, на сајтот на УНИЦЕФ пишува:

Да, тие се безбедни, тие мора да поминат низ ригорозни тестирања во клинички испитувања за да се докаже дека ги исполнуваат меѓународно договорените стандарди за безбедност и ефикасност. Само ако ги исполнува овие стандарди, вакцината може да добие потврда од СЗО.

Што се однесува до тврдењето во објaвата дека ковид вакцините предизвикале зголемена смртност, и тоа не е точно. Вакцините против ковид не се поврзани со смртни случаи, откри една обемна американска студија. Истражувачите ги разгледаа „несаканите настани“ од речиси 300 милиони дози вакцини дадени во САД меѓу декември 2020 година и јуни 2021 година.

Резултатите од студијата се објавени во медицинското списание Лансет:

Од податоците на ВАЕРС, ЦДЦ прими повеќе од 340.000 извештаи за несакани настани по вакцинацијата, при што 92 отсто се регистрирани како благи.

Најчести несакани ефекти биле главоболки, замор и треска.

Од повеќе од 22.000 настани евидентирани како сериозни, најчест е отежнато дишење.

ЦДЦ уште во октомври 2021 година информираше дека нема зголемена опасност за смртност по примена вакцина против коронавирусот:

Нема зголемен ризик за смртност кај примателите на вакцини против ковид-19. Ова откритие го зајакнува безбедносниот профил на моментално одобрените вакцини против ковид -19 во Соединетите држави. Сите лица на возраст од над 12 години треба да примат вакцина против ковид-19. 

Наспроти тврдењето во објавата, фактите говорат дека ризикот за смрт од коронавирусот е многу поголем кај невакцинираните во однос на вакцинираните.

Поврзаните податоци за вакцинација и смртност покажуваат дека и покрај промените во циркулирачките варијанти на SARS-CoV-2 со текот на времето, кај постарите возрасни лица на возраст над 65 години, невакцинираните лица продолжуваат да имаат многу поголем ризик да умрат од ковид-19 отколку лицата вакцинирани со најмалку примарна серија. Овој заштитен ефект на вакцинацијата против ковид-19 беше забележан кај сите возрасни групи. Дополнителните бустер дози обезбедуваат дополнителна заштита. Во август 2022 година, возрасните на возраст од ≥50 години со најмалку 2 засилувачки дози имале 3 пати помал ризик да умрат од ковид-19 отколку возрасните на иста возраст со една засилена доза, стои во официјалниот извештај на ЦДЦ.

ЦДЦ  на својата официјална веб-страница има објавено дека миокардитис и перикардитис (воспаление на надворешната обвивка на срцето), ретко се пријавени. Кога се пријавени, случаите биле особено кај адолесценти и млади возрасни мажи во рок од неколку дена по вакцинацијата со мРНК вакцината на Фајзер/Бионтек и Модерна.

ЦДЦ продолжува да препорачува сите на возраст од 6 месеци и постари да се вакцинираат за ковид-19. Познатите ризици од болеста ковид-19 и нејзините поврзани, можеби тешки компликации, како што се долгорочни здравствени проблеми, хоспитализација, па дури и смрт, многу ги надминуваат потенцијалните ризици од ретка несакана реакција на вакцинацијата, вклучително и можниот ризик од миокардитис или перикардитис, пишува ЦДЦ на својата веб-страница.

Вистиномер и претходно има разобличено и појаснето голем број дезинформации во врска со безбедноста на вакцините против ковид-19, особено околу миокардитисот и вакцините.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме  е невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција