Невистина: „Титаник“ е брутална политичка пресметка

Press24: Интервју Гордана Јанкулоска, Фото: Скриншот

 

Во интервју за Пресс24.мк, поранешната министерка за внатрешни работи и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска, зборувајќи за акцијата „Титаник“ рече:

Станува збор за една брутална политичка пресметка која има за цел да дискредитира на личен и професионален план  одредени личности кои опозицијата ги перципира како нивни политички противници.

[Извор: Пресс24.мк, (0.35-.050 од видеото) Датум: 04.03.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На 12.02.2016 година, специјалното обвинителство ја најави првата акција под името „Титаник“, за дела поврзани со изборите, каде осомничени се поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.

Обвинителката во СЈО, Фатиме Фетаи, најави дека СЈО отворило истражна постапка за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, поткуп при избори, уништување на изборни материјали и злоупотреба на средства за изборна кампања во 2012 година. Таа рече дека министрите за внатрешни работи, за транспорт и врски и секретарот на тогашната влада, заедно со други лица, го искористиле влијанието и на локално и државно ниво создале група за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите.

Фетаи изјави дека во овој предмет после огромен број на предистражни дејствија, врз основа на огромен број на индиции и се разбира докази, произлегле основано сомнение дека одредена група на луѓе, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето или во превод преку целокупното криминализирање на изборниот процес, освојување на власт.

Одеднаш системот на МВР почнал да работи во обратна насока, прво фотографирање за лични карти и со тоа влегување во системот на лични карти, па системот на информатика си ја завршил работата и со тоа имаме нови гласачи во избирачкиот список, а отпосле живеалиште за тие лица. После вметнувањето во системот на МВР за лични карти, а со тоа и во избирачкиот список, апсолутно е небитно што на дел потоа им изготвиле лични карти, на дел не, а некои си носеле на гласање и си гласале и со патни исправи, на кои живеалиштето им е на друго место, но бидејќи во избирачкиот список се запишани со новото живеалиште, изборните органи им дозволувале да гласаат. (Фатиме Фетаи)

Па, наспроти твредењто на Јанкулоска дека се работи за „брутална политичка пресметка“, видливо е  дека специјалната обвинителка изнела докази.

Исто така, од СЈО се пожалија и на континуирана опструкција од правосудните органи, било од страна на судовите, било од страна на јавните обвинителства, иако според Законот за СЈО, „сите тела за спроведување на закони, се обврзани да обезбедат помош по барање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите согласно Законот за кривична постапка“.

Со оглед на фактот што ваквата законска обврска воопшто не се почитува, иако на истата постојано укажуваме во нашите барања и со таквото постапување се попречува правдата и спроведувањето на истрагите, сметавме дека е неопходен посериозен механизам за санкционирање, поради што и се предлага измената на Кривичниот законик – се наведува во сооопштението на СЈО.

Во член 5 став 1 од Законот за Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите стои:

Јавниот Обвинител кој раководи со Јавното Обвинителство ќе биде овластен да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, како што е дефинирано во член 2, став (1) од овој закон.

Во член 3 пишува:

Јавниот Обвинител кој раководи со Јавното Обвинителство е овластен да презема дејствија и да застапува по предмети пред основните, апелационите судови и Врховниот Суд на Република Македонија.

Во член 6 став 2 се вели:

Јавниот обвинител има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Ниту еден јавен обвинител во Јавното Обвинителство на Република Македонија, вклучувајки го и Јавниот Обвинител на Република Македонија, неможе да влијае на неговата работа, или да бара извештаи поврзани со предмети од Јавниот Обвинител или јавните обвинители во рамките на Јавното Обвинителство.

Во член 46 од Законот за кривична постапка е наведено:

(1) Јавниот обвинител ги презема сите дејствија во текот на постапката за кои е овластен со овој или друг закон.

(2) Заради остварување на функцијата на кривично гонење, јавниот обвинител раководи со откривањето на кривини дела и ги има на располагање овластените полициски службеници во Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа во согласност со закон.

(3) Јавниот обвинител може сам да го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа.

И, конечно, судијата е тој кој дава оцена на обвинителниот акт. Тоа е предвидено со член 320 од Законот за кривична постапка:

Надлежност за оцена на обвинителниот акт

(1) Во случаите кога јавниот обвинител ќе утврди дека постојат доволно докази од кои може да очекува донесување осудителна пресуда за сторено кривично дело за кое е предвидена казна затвор до десет години, надлежен за вршење на оцена на обвинителниот акт е судијата за оцена на обвинителниот акт (судија поединец).

(2) Во случаите кога се исполнети условите од членот 319 став (1) на овој закон, а се работи за сторено кривично дело за кое е предвидена казна затвор од десет години или потешка казна, надлежен за вршење на оцена на обвинителниот акт е советот за оцена на обвинителниот акт

Од сето ова може да се заклучи дека изјавата на Јанкулоска во која вели дека станува збор за една брутална политичка пресметка е невистинита.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар