Невистина: Услови за избори има, САД и ЕУ грешат (ВМРО-ДПМНЕ)

Фото: Принтскрин

 

Владејачката партија непосредно по оценката на САД и на ЕУ дека не се исполнети условите за избори на 24 април годинава, излезе со невистинит став дека оценката е погрешна и дека се исполнети или има време за исполнување на сите неопходни услови за изборите. Ова соопштение беше пренесено од сите релевантни медиуми во државата, сепак, и тука поради прецизност го земаме дел од текстот од веб – сајтот на партија:

ВМРО-ДПМНЕ смета дека не е точно дека не постојат услови за фер и демократски избори. Точно е само дека не постои подготвеност на СДСМ да излезе на избори, затоа што е свесна дека ќе ги загуби бидејќи ја нема поддршката од народот…Претставниците на САД и ЕУ не презентираа ниту еден сериозен и кредибилен аргумент во прилог на тезата за неподготвеноста на Република Македонија за избори со што е јасно дека станува збор за проценка базирана на политичка одлука, а не факти. Во претходните денови, во интензивната комуникација со нив, на сите нивоа, како политичко, така и техничко, се уверивме дека нема валидни аргументи за одложување на изборите.

[Извор: ВМРО ДПМНЕ, Датум: 22.02.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ставот на ВМРО ДПМНЕ дека има услови за одржување на „фер и демократски избори“ не е ништо друго туку извртување на вистинитоста околу спроведувањето на сите договорени работи со политичкиот Договор од Пржино, вклучувајќи го и неговиот анекс, со преземените обврски по Извештајот на експертска група на Рајнхард Прибе, кој беше усвоен како официјален документ што го прифаќа Владата и Собранието, како и по сите оценки во последниот Извештај за напредокот на Македонија кон Европската унија, кој што, исто така, е прифатен од органите на власт во државата.

Но, да не одиме предалеку наназад и да ги наведуваме сите донцнења во роковите на спроведувањето на договореното, како што е наведено во мапата за спроведување на обврски од Пржино. Да се посетиме само на она што беше напишано во писмото упатено до претседателот на Владата Емил Димитриев на 28 јануари, а потпишано од американскиот и европскиот амбасадор во Македонија, чија копија е испратена и до лидерите на четирите партии. Во писмото се потсетува на три работи кои, како што може да се согледа од повеќе анализи, не се исполнети ниту до денес, а тука ги претставуваме парафразирано:

  • Целосна екипираност на Државната изборна комисија и целосно завршено вкрстено проверување на Избирачкиот список, како и измена на законската рамка за отстранување на оние избирачи од списокот за кои ќе се пронајде дека не треба таму да припаѓаат.
  • Согласност на политичките партии за медиумските реформи, согласно договорот од 2 јуни 2015 и однесување на телевизиите согласно членот 61 од постоечкиот Закон за аудио визуелни медиуми и медиумски услуги, според кој, тие се должни да обезбедат „објективна и непристрасна презентација на настаните, со подеднакво внимание на различните гледишта и мислења“ во општеството.
  • Да се преземат мерки со кои ќе се обезбеди доволна одвоеност на партијата од државата, таквите појави да се казнуваат, а вработените во државната управа да не страхуваат за нивните работни места доколку ги подржуваат или не ги подржуваат определните политики на партиите.

Дека ништо од ова не е исполнето може да се констатира од неколку анализи што во последните неколку дена ги соопштија ДИК, граѓанскиот сектор и научната јавност.

Во своето соопштение од понеделникот, 22.01.2016, ДИК потврдува дека вкрстено испитување на базите на податоците сè уште не е започнато.

…сите 10 бази на податоци добиени од соодветните институции се веќе вчитани во серверот на ДИК. Во моментов, во тек е процесот на стандардизирање, нормализирање и валидизација на податоците од базите. Овој процес го вршат консултанти за ИТ, ангажирани од ДИК, а предложени од четирите најголеми политички партии. Нивната работа ја координира меѓународен експерт за ИТ ангажиран од ИФЕС.
По комплетирањето на споменатиот процес, ќе следува изготвувањето и усвојувањето на тестови за вршење на вкрстените проверки, по што ќе отпочнат и вкрстените проверки.

Македонскиот центар за европско образование, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, НВО Инфоцентарот, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Метаморфозис и Институтот за човекови права, на 19.02.2016 претставија анализа за остварувањата на договорот од Пржино под наслов, „Долгиот пат до Пржино: Прво реформи потоа избори!“

Во заклучоците од Анализата, може да се прочита следново:

…недвосмислено може да се заклучи дека не постојат услови за одржување фер, слободни и демократски избори на 24 април 2016 година. Овој заклучок е уште покредибилен доколку ги имаме предвид сите други задоцнувања и опструкции при спроведувањето на Договорот од Пржино. Ова особено се однесува на опструкциите и притисоците од страна на владејачките партии врз работата на Специјалното јавно обвинителство. Исто така, не е помалку важен фактот дека сѐ уште не се воспоставени ниту функционалните механизми за собраниска и судска контрола врз УБК, што покажува дека е можно системот за нелегално масовно прислушување сѐ уште да функционира.

Конечно, во врска со обврските за реформи во медиумскиот сектор, кои тука посебно ги издвојуваме бидејќи тие се клучен и составен дел не само од предизборни процеси, туку од секојдневното функционално спроведување на демократските процеси во една земја, ќе го посочиме наодот од Анализата направена од Институтот за комуникациски студии при Високата школа за новинарство, која се базира на претходно неколку месечно мониторирање на највлијателните медиуми во  државата, што значи врз прецизни бројки кои укажуваат на реалното однесување на медиумите. Во анализата која „Вистиномер“ ја претстави се вели:

Најголемиот дел од медиумите на национално и регионално ниво во земјата (особено највлијателните телевизии) сè уште се под директно влијание од Владата и ВМРО-ДПМНЕ…Од септември 2015 година, веднаш откако политичките партии се согласија дека Македонија може да оди на предвремени избори доколку се исполнат одредени критериуми, се интензивираше пропагандистичкото известување на Јавниот радиодифузен сервис (МТВ1, МТВ2), како и на највлијателните приватни телевизии (Сител, Канал 5 и Алфа). Извештаите од МОДЕМ за медиумското покривање на политичките процеси и актери потврдуваат дека од ноември 2015 година про-ВМРО медиумите влегоа во агресивна пропаганда

Поради овие оценки кои ги сметаме за стручни и квалификувани, како и поради реалното доцнење во спроведувањето и со другите обврски од договорот од Пржино, а не само оние три наведени во писмото на амбсадорите од 28.01.2016, година, тврдењето во соопштението на ВМРО ДПМНЕ од 22.02.2016 го оценуваме како невистинито.

ИЗВОРИ:

Оценето од: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција