БРИКС не е воена алијанса на располагање на Русија
Објава на социјалните мрежи тврди дека борбата на Украина против Русија, санкциите против неа, нејзиното меѓународно изолирање се неуспешни и дека Русија е сега дури и посилна од порано. Но, Русија веќе нема контрола дури ни над својата територија (во Курската област), а од суперсила и членка на групата најразвиени земји на светот – Г8, Русија сега бара помош од Северна Кореја, како и соработка со авганистанските талебани
Објава на социјалните мрежи тврди дека борбата на Украина против Русија, санкциите против неа, нејзиното меѓународно изолирање се неуспешни и дека Русија е сега дури и посилна од порано. Но, Русија веќе нема контрола дури ни над својата територија (во Курската област), а од суперсила и членка на групата најразвиени земји на светот – Г8, Русија сега бара помош од Северна Кореја, како и соработка со авганистанските талебани
Објава во социјалната мрежа Фејсбук започнува со зборовите:
Кој би помислил дека Русија ќе биде во толку силна позиција по мај 2022 година како што е сега?
На крај, објавата заклучува:
И според мене Путин има се под контрола.
Во реалноста, Владимир Путин нема контрола дури ни над својата земја, поконкретно над дел од нејзината Курска област, кој во август го зазедоа украинските сили како одговор на руската агресија, па не е јасно за каква тоа силна позиција и контрола говори објавата.
Русија нема целосна контрола ни над украинските територии кои ги анектираше на 30.9.2022 г. Во нив спаѓа Херсонската Област, но Русија го загуби градот Херсон на 11.11.2022 г. Тоа е единствениот регионален центар, поконкретно главен град на регион, кого таа го зазеде во сеопфатната инвазија започната на 24.2.2022 г., но таа и натаму го смета за „град во Русија“.
Таа го анектираше и регионот Запорожје, иако нема целосна контрола над него и иако никогаш не го зазеде истоимениот главен град на овој регион. Таа анексија не само што е кршење на меѓународното право, туку е во голем дел само на хартија. Русија нема целосна контрола ни над Донбас (поголемите градови како Славјанск, Краматорск и други места), иако формално го анектираше во целост.
Понатаму, објавата вели:
Повеќекратно поразена украинска армија, вештачки одржувана во живот само со поддршка од Западот, но сега е само сенка на нејзиното поранешно јас.
Штом украинската војска е на руско тло, јасно е дека не е поразена.Руската војска, пак, не успеа да ги окупира ниту Киев, ниту Харков во февруари-мај 2022 г., во есенската контраофанзива во истата година итн., а Украина одамна гаѓа цели во Русија, особено Белгород, но дури и Москва, па пак доаѓаме до тоа дека таа не е таква сила како што е опишана во објавата.
И, иако Украина навистина доби помош, тоа не беше така од самиот почеток на војната и не беше без проблеми, противења, задршки, ограничувања и претпазливост од страна на Западот.
Така, гордоста на руската Црноморска флота, крстосувачот Москва, Украинците го потопија на 14.4.2022 г. со нивна ракета Нептун, а моќното оружје од САД стигна дури подоцна: ракетните системи ХИМАРС – во јуни 2022 г., НАСАМС – во ноември 2022 г., ним сличниот Патриот – во април 2023 г., тенковите Абрамс – во септември 2023 г., а авионите Ф-16 – во август 2024 г.
Всушност, руската војска е бледа сенка на она што некогаш била, па таа наводна суперсила сега бара помош од Северна Кореја, а кај украинските сили е обратно. Тие најпрвин беа слаби, па на Крим во 2014 г. не пружија отпор, но сега е поинаку – наместо да бидат демилитаризирани како што планираше Путин, тие сега се многу помилитаризирани.
Е, сега, Украина не е суперсила и нормално е да доживува порази на бојното поле, а Русија важи за суперсила, но, сепак, едвај победува во гратчиња и села во Донбас, кои светот не може да ги најде на мапа: Авдиивка, Маринка, Богдановка, Новомихајловка, Первомаjское и сл.
Понатаму, објавата вели:
Геополитички зајакната преку обединет фронт со Кина и државите од БРИКС. Воено надграден на ниво на готовност тестирана во битка, неспоредлива во светот.
За каква тоа зајакнатост може да стане збор кога среде членките на БРИКС, кандидатите за членство во него или неговите партнери има многу земји во развој, кои имаат многу проблеми: Етиопија, Бангладеш, Мјанмар, Шри Ланка, Сенегал, Нигерија, Уганда, Сирија, Куба и др. Желба за соработка со БРИКС изразија и талебаните од Авганистан, со кои Русија доста комуницира, па дали е тоа успех? За споредба, Русија порано беше во групата најразвиени земји на светот – Г8.
Што се однесува до руската соработка со Кина, таа не е идеална, а Кина има нерасчистени историски сметки со Русија, околу што веќе пишувавме, па да не се повторуваме.
Настрана фактот што БРИКС не е никаков „обединет фронт“, ниту, пак, може да се каже дека е „воено надграден“. Членките на оваа организација имаат најразлични интереси, а БРИКС не е воена алијанса, па да може да се говори на овој начин. Последично на тоа БРИКС сигурно нема „ниво на готовност тестирана во битка, неспоредлива во светот“. Армиите на Кина, Индија и Бразил, на пример, не војувале најмалку со децении, ниту, пак имаат заеднички редовни вежби за борбена готовност или интероперабилност во стратегиите, тактиките и кај воената опрема, како што тоа е случај со земјите членки на НАТО, на пример. Единствена економска помош која Русија ја добива од дел до членките на БРИКС е тоа што тие ја купуваат руската нафта, а на воен план тоа се прави многу малку и тоа повторно преку Кина, која на Русија ѝ продава опрема со двојна – мирнодопска и воена намена.
Истото важи и за ефективноста на санкциите, околу што објавата вели:
Санкциите кои немаа вистински ефект и сега полека исчезнуваат.
Да се тврди дека тие немаат ефект е неточно, што исто така веќе го имаме аргументирано.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар