Невистинита изјава му се атрибуира на Ротшилд за промоција на теорија на заговор
Не е точно наведеното во објавата дека изјавата „Дајте ми контрола врз парите на една нација и не ми е важно кој ги носи нејзините закони“ е на Мајер Амшел Ротшилд. Како што пишува Би-Би-Си, станува збор за антисемитска изјава којашто лажно му е атрибуирана нему иако Амел Ротшилд никогаш не кажал такво нешто.
Не е точно наведеното во објавата дека изјавата „Дајте ми контрола врз парите на една нација и не ми е важно кој ги носи нејзините закони“ е на Мајер Амшел Ротшилд. Како што пишува Би-Би-Си, станува збор за антисемитска изјава којашто лажно му е атрибуирана нему иако Амел Ротшилд никогаш не кажал такво нешто
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
„ДАЈТЕ МИ КОНТРОЛА ВРЗ ПАРИТЕ НА ЕДНА НАЦИЈА И НЕ МИ Е ВАЖНО КОЈ ГИ НОСИ НЕЈЗИНИТЕ ЗАКОНИ.“ МАЈЕР АМШЕЛ РОТШИЛД Ако ја погледнете веб-страницата на Светската банка, ќе видите дека речиси секоја нација на Земјата е во огромни долгови. Кон кого? Можеби ќе се запрашате. Одговорот е – кон приватните мегабанки. Долги децении, таканаречените банкарски и корпоративни елити имаа целосна контрола врз создавањето на парите и нивната распределба преку должничко-финансискиот систем. Поради тоа, по автоматизам, имаа можност да финансираат и сè повеќе да контролираат и манипулираат со широк спектар на светски индустрии, медиуми, влади, образование, идеолошко влијание и војни, според сопствениот дизајн, план и интереси. Познато е дека банкарот Мајер Амшел Ротшилд рекол: „Дајте ми контрола врз парите на една нација и не ми е важно кој ги носи нејзините закони.“
Не е точно наведеното во објавата дека изјавата „Дајте ми контрола врз парите на една нација и не ми е важно кој ги носи нејзините закони“ е на Мајер Амшел Ротшилд. Како што пишува Би-Би-Си, станува збор за антисемитска изјава којашто лажно му е атрибуирана нему иако Амел Ротшилд никогаш не кажал такво нешто.
Имено, поранешната премиерка на Обединетото Кралство Лиз Трас ја внела оваа невистинита изјава во нејзината мемоарска книга, но потоа издавачите на книгата се извиниле и се согласиле да ја отстранат невистинитата изјава поврзана со антисемитски теории на заговор од содржината.
Мемоариte на поранешната премиерка вклучуваaт цитат погрешно атрибуиран на основачот на банкарската династија Мајер Амшел Ротшилд, сугерирајќи дека тој сакал да „ги контролира“ парите на нацијата, пишува Би-Би-Си.
Нема докази дека Ротшилд го кажал такво нешто и ова беше првпат цитатот да се појави во печатено издание долго после неговата смрт. Уште од поодамна овој цитат се користи во антисемитски теории на заговор кои невистинито го обвинуваат семејството Ротшилд и други Евреи дека тајно се обидуваат да ги контролираат светските финансии. Управниот одбор на британската заедница на Евреите, најголемата организација на Евреите во Обединетото Кралство, ѝ пиша на Трас и се пожали до издавачот за овој цитат кој се појави во нејзините мемоари. Лица што работат за Трас одговориле дека таа верувала дека цитатот е вистинит и била згрозена кога дознала за вистинското потекло на цитатот.
Тврдењето дека „речиси секоја држава е во огромни долгови кон приватните мегабанки“ е неточно и ја поедноставува структурата на јавниот долг. Државите не позајмуваат исклучиво од приватни банки, туку од различни категории доверители: домашни и странски инвеститори кои купуваат државни обврзници, пензиски и инвестициски фондови, комерцијални банки, други држави, централни банки, како и меѓународни институции како Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка. Самата Светска банка во својата методологија прави јасна разлика меѓу официјални билатерални доверители, мултилатерални институции и приватни доверители, што покажува дека не постои единствен центар или група „мегабанки“ кон кои сите држави се задолжени.
Дополнително, тврдењето дека „ако ја погледнете веб-страницата на Светската банка ќе видите дека сите должат на приватни мегабанки“ не произлегува од податоците на Светската банка. Базите на податоци за меѓународниот долг ги прикажуваат доверителите по категории, а кај многу земји значителен дел од долгот е кон мултилатерални институции (Светска банка, ММФ, регионални развојни банки), други влади или домашни инвеститори. Светската банка дури нагласува дека една од целите на нејзините статистики е подобра транспарентност за тоа кому точно му должат државите, а не потврдување на тезата дека сите долгови се кон приватни банки.
Во делот дека „банкарските и корпоративните елити имаат целосна контрола врз создавањето на парите“, тврдењето исто така е погрешно. Во современите економии, монетарната политика ја водат централните банки, кои преку законски утврдени механизми влијаат врз понудата на пари, каматните стапки и финансиската стабилност. Комерцијалните банки навистина создаваат депозити преку кредитирање, но тоа се одвива во рамки на регулатива, надзор и монетарна политика поставени од централните банки. Тоа не значи дека приватните банки имаат „целосна контрола“ врз светскиот монетарен систем или дека самостојно управуваат со глобалната економија.
Нема докази што ја поткрепуваат и пошироката теза дека преку должничкиот систем некаква единствена банкарска елита ги контролира медиумите, владите, образованието, идеологијата и војните „според сопствен план. Економистите и меѓународните финансиски институции укажуваат дека јавниот долг е резултат на бројни фактори – буџетски дефицити, економски кризи, инфраструктурни инвестиции, војни, пандемии и фискални политики – а доверителите се разновидни и постојано се менуваат преку финансиските пазари.
Не постојат веродостојни докази дека банките, како единствен актер, „контролираат и манипулираат“ со медиумите, владите, образованието, идеологијата или војните според некаков заеднички план. Големите комерцијални банки, инвестициските фондови, централните банки и меѓународните финансиски институции имаат различни сопственици, интереси и законски обврски. Тие често се и конкуренти меѓу себе, а нивното работење е предмет на национална и меѓународна регулатива.
Тврдењето дека банките ги финансираат или контролираат војните како дел од однапред осмислен глобален план исто така не е поткрепено со кредибилни историски или академски докази. Причините за вооружените конфликти најчесто се комплексни и вклучуваат геополитички, економски, етнички, историски и безбедносни фактори. Сведувањето на сите војни на интересите на банките е поедноставување кое не е поддржано од научните истражувања.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар