Невистинита наградна игра ги мами граѓаните дека ќе добијат автомобил „Шкода“

Самата страница од којашто е споделен повикот е неавтентична, има само една објава – таа за наводната наградна игра во која се подарува автомобил. На официјалната страница на „Аутовелт“ е објавено дека се работи за невистинита наградна игра која не е поврзана со овој автосалон

Самата страница од којашто е споделен повикот е неавтентична, има само една објава – таа за наводната наградна игра во која се подарува автомобил. На официјалната страница на „Аутовелт“ е објавено дека се работи за невистинита наградна игра која не е поврзана со овој автосалон

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

За да го прославиме официјалното отворање, подаруваме еден од овие прекрасни Skoda Kamiq модели од 2026 година. Едноставно напишете @ и потоа кликнете на истакнато. Ако стане сино, ќе бидете вклучени во натпреварот. Победникот ќе биде извлечен на 3 февруари во 19:00 часот.

Во склоп на објавата има фотографии од автомобилот „Шкода Камик“ („Skoda Kamiq“) за кој се тврди дека ќе биде подарен. Но, станува збор за невистинита објава во којашто неосновано се ветува дека ќе биде подарен автомобил. Бројни знаци потврдуваат дека се работи за лажна објава. Најнапред, самата страница од којашто е споделен повикот е неавтентична, има само една објава -таа за наводната наградна игра во која се подарува автомобил. Конкретната страница не е официјалната страница на „Аутовелт“.

На официјалната страница на „Аутовелт“ е објавено дека се работи за невистинита наградна игра која не е поврзана со овој автосалон.

ВНИМАНИЕ!

Во последно време на Facebook кружат лажни страници кои се претставуваат како Autowelt и споделуваат ЛАЖНИ НАГРАДНИ ИГРИ во кои доделуваат АВТОМОБИЛ како награда! https://www.facebook.com/photo?fbid=1324785829684699&set=pb.100064598835603.-2207520000

Сакаме да Ве информираме: Autowelt нема никаква поврзаност со тие објави и во моментов немаме никаква активна наградна игра.

Ве советуваме:

Игнорирајте ги ваквите сомнителни објави, 

НИКОГАШ не кликнувајте на линкови кои се споделени во овие постови,

Не внесувајте лични податоци, 

Пријавете ја страницата која се претставува лажно, пишува на официјалната страница на Аутовелт.

Сите информации за работата, наградни игри и слично, Аутовелт ги објавува само на официјалните канали.

Невистинитите наградни игри со донирани автомобили сè почесто се појавуваат на Фејсбук, користејќи ја довербата на граѓаните и слабата медиумска писменост. Измамниците најчесто се претставуваат како  познати компании, неовластено злоупотребувајќи логоа и фотографии за да создадат привид на легитимност. Со пораки што ветуваат „бесплатен автомобил“ тие ги злоупотребуваат емоциите на корисниците и ја поттикнуваат брзата реакција без проверка на информациите.

Целта на ваквите кампањи ретко е самата награда – вистинската цел е прибирање лични податоци или финансиска корист преку злоупотреба на лични и банкарски податоци, поради што граѓаните не треба да споделуваат податоци од своите банкарски картички, ниту да испраќаат друг вид на свои лични и банкарски податоци.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција