Невистинита објава го злоупотребува брендот „Dove“ на Фејсбук

„Dove“ не доделува пакети подароци и оваа страница на Фејсбук не е поврзана со компанијата. Станува збор за маркетинг-измама. Не ги оставајте вашите податоци на оваа страница

„Dove“ не доделува пакети подароци и оваа страница на Фејсбук не е поврзана со компанијата. Станува збор за маркетинг-измама. Не ги оставајте вашите податоци на оваа страница

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од сет производи од брендот за нега „Dove“ и пишува:

Одговори на неколку прашања и добиј бесплатна подарочна кутија од Dove!
Оваа ексклузивна понуда важи низ целата МАКЕДОНИЈА!
Пополнете ја анкетата денес и добијте го вашиот сет за нега за само 3 дена.

Станува збор за невистинита објава која на ниеден начин не е поврзана со козметичкиот бренд „Dove“. Најнапред, таа е споделена од страница на Фејсбук којашто е создадена исклучиво со намена да се рашири невистинитата објава. На страницата нема други содржини, освен конкретната со фотографиите од производите на „Dove“. Страницата не е обележана со официјалното знакче за верификација (сино знакче до името на брендот) бидејќи не се работи за официјална страница, туку за страница којашто имитира бренд и невистинито се преставува во негово име. Таа има само 21 следбеник, што секако е знак дека станува збор за неверодостојна страница со оглед на тоа што компанија којашто постои од 1957 на Фејсбук има многу поголем број на следбеници од целиот свет. Конкретно, вистинската и официјална, верификувана страница на брендот има над 27 милиони следбеници на Фејсбук.

Дополнително, со споделување на невистинитите ветувања за сет подароци, на ваков начин може да се нанесе штета за брендот поради тоа што подароци нема да стигнат кај оној што мисли дека ќе ги добие.

Во праксата на интернет измамите, се забележува креирање на невистинити прокси Фејсбук страници на големи познати и реномирани компании од секакви дејности (во случајов козметика и лична нега), па во нивно име невистинито се ветуваат нереални награди, сетови, но за возврат на граѓаните им се бара да ги остават своите лични и банкарски податоци, да оставаат коментари, да ја прават објавата што повирална итн. Целите се финансиска измама, пренасочување кон надворешна страница којашто треба да добие поголем сообраќај, но и фишинг.

Во конкретниот случај, објавата што ја рецензираме е од оние што во делот за коментарите, има постирано неверодостојни лажни таканаречени „сведоштва“ или „искуства“ од граѓани коишто наводно веќе го добиле сетот производи од „Dove“. Профилите од кои се споделуваат овие таканаречени позитивни искуства, не им припаѓаат на вистински добитници на пакети, туку се намерно дизајнирани да бидат параван за невистинитите коментари за наводно позитивни искуства и добиени производи.

Принтскрин на дел од коментарите на Фб објавата

Тоа е уште една манипулативна практика којашто цели да создаде доверба кај наивните корисници на социјалните мрежи да продолжат со оставање на податоци, кликнување на линкот во склоп на самата објава итн. Овој линк води кон надворешна страница каде се рекламира производ и очигледно во конкрeтниот случај, невистинитата објава има за цел да одведе што поголем број на корисници на таа страница со претпоставка дека што поголем број луѓе пристапат до неа, поголеми се шансите некои од нив да ги остават своите лични податоци и податоците од банкарската сметка. Не се препорачува тоа затоа што се работи за невистинит маркетинг, злоупотреба на официјални фотографии, бренд, лого, име и репутација на долгогодишна реномирана компанија.

„Dove“ не доделува пакети подароци и оваа страница на Фејсбук не е поврзана со компанијата. Станува збор за маркетинг-измама. Не ги оставајте вашите податоци на оваа страница.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција