Невистинита објава манипулира со ЕУ и со спорот со Бугарија
Бугарија и прашањата поврзани со историјата, јазикот и идентитетот се дел од политичкиот спор што влијаеше врз евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Но, од тоа не произлегува дека Европската Унија има услов Македонците да станат Бугари или да се идентификуваат како Бугари.
Бугарија и прашањата поврзани со историјата, јазикот и идентитетот се дел од политичкиот спор што влијаеше врз евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Но, од тоа не произлегува дека Европската Унија има услов Македонците да станат Бугари или да се идентификуваат како Бугари
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од еврокомесарката Марта Кос и пишува:
За ЕУ, добар и исправен Македонец е оној што е Бугарин, односно Македонецот треба да личи на Бугарин за да биде прифатен како европски Македонец.
Објавата е невистинита. Во неа се меша реалниот политички спор кој постои меѓу Северна Македонија и Бугарија со невистинитиот заклучок дека ЕУ бара Македонците да се изјаснат или да „личат“ на Бугари за да бидат прифатени како Европејци.
Точно е дека Бугарија и прашањата поврзани со историјата, јазикот и идентитетот се дел од политичкиот спор што влијаеше врз евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Но, од тоа не произлегува дека Европската Унија има услов Македонците да станат Бугари или да се идентификуваат како Бугари.
Напротив, официјални претставници на ЕУ експлицитно го изјавуваат спротивното. Во јули 2022 година, тогашниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, во Скопје изјави дека компромисниот предлог јасно се однесува на македонскиот јазик без квалификација од страна на ЕУ, дека македонскиот јазик е „вашиот јазик“ и дека предложеното решение ги почитува грижите поврзани со националниот идентитет.
Во рамките на договорениот процес од 2022 година, Северна Македонија презеде обврска да го измени Уставот за во него да бидат внесени и граѓаните кои се Бугари. Европската комисија ова го наведува како една од обврските поврзани со продолжувањето на пристапниот процес.
Тоа е правно-политичко прашање за признавање на една малцинска заедница во уставниот поредок, а не услов сите Македонци да се прогласат за Бугари. Европскиот парламент во својата резолуција од 2026 година дури нагласува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментален дел од процесот на пристапување во ЕУ.
Дополнително, официјалната документација на Советот на ЕУ предвидува дека во рамките на пристапните преговори Северна Македонија ќе го користи македонскиот јазик, а по евентуалното членство тој треба да стане еден од официјалните јазици на ЕУ.
Официјалните документи на ЕУ покажуваат дека пристапувањето се заснова на Копенхашките критериуми, владеење на правото, демократија, човекови права, функционирање на институциите и заштита на малцинствата, а не на промена на националната припадност на мнозинското население.
Европскиот парламент во 2026 година повторно нагласи дека процесот треба да биде заснован на заслуги и дека билатералните спорови не треба да го заменат исполнувањето на објективните критериуми.
Тврдењето дека „за ЕУ добар и исправен Македонец е оној што е Бугарин“ не е поткрепено со официјалните позиции на ЕУ. Реален факт е дека Бугарија има значајна улога во актуелната блокада на пристапниот процес и дека Северна Македонија презела обврска за уставно внесување на бугарската заедница. Но, нема услов на ЕУ, според кој Македонците треба да се откажат од македонскиот национален идентитет, да се прогласат за Бугари или да „личат на Бугари“ за да бидат прифатени како Европејци. Напротив, официјални претставници на ЕУ јавно имаат изјавено дека македонскиот идентитет треба да биде зачуван.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар