Невистинити се тврдењата дека вакцината предизвикува генетски модификации
Продолжува да загрижува бројот на дезинформации на социјалните мрежи. Ширењето на невистинити или непроверени информации го нарушува точното информирање. Конкретен ваков пример е содржината што ја рецензираме.
Германските лекари алармираат: ,,Разбудете се, реагирајте! Не прифаќајте да се вакцинирате, еве што се крие..!” е насловот кој дезинформира. Содржината со бомбастичниот наслов првично беше објавена на порталот „Директно“, а потоа беше споделена на Фејсбук од страна наречена „Слушај Куран – Албански“. Доста вознемирува и нивото на интеракцијата што оваа објава ја има на социјалните мрежи, за само неколку дена објавата добила 1300 допаѓања, ја коментирале над 300 луѓе и на Фејсбук ја споделиле уште 670 други корисници.
И покрај сензационалистичкиот наслов со некои вознемирувачки тврдења, оваа содржина е многу сиромашна со информации и е многу тешко разбирлива поради правописните и граматичките грешки. Во првиот пасус, во содржината се тврди дека во светот има голем број на експерти на кои медиумите не им даваат простор, но на читателот не му е понудено ниту едно име на овие „многубројни експерти“ наводно игнорирани од медиумите.
Во вториот пасус се тврди дека вакцината ќе предизвика промени на ДНК. На нејасен начин се вели дека вакцината „нема да биде штетна само за 700 илјади случаи, туку многу пати повеќе од случаите што ги наброја Гејтс“!
Во продолжение авторот на содржината раскажува за двајца експерти кои не се двоумат отворено да зборуваат против вакцината, но се споменува само името на германскиот лекар Волфганг Водарг.
Д-р Волфганг Водарг е специјалист за бели дробови, долги години во Германија како раководител на Одделот за јавно здравје, пратеник во германскиот Бундестаг од 1994 до 2009 година, долги години претседател на Комисијата за здравство во германскиот Бундестаг, иницијатор на Комитетот за истражување на свинскиот грип. Како лекар и како политичар за здравствени прашања вели:
Оваа вакцина генетски го модифицира вакцинираниот. Загрижени сме за генетски модифицираните растенија, дури и за модифицираните животни. Сега, на ред сме ние луѓето, кои треба да бидеме генетски модифицирани од оваа вакцина.
Дали вакцините можат да предизвикаат генетска модификација?
Научниците велат дека тврдењето дека вакцината против ковид 19 предизвикува генетска модификација кај луѓето е невистинито. Овие вакцини се дизајнирани да ги стимулираат протеините за да создадат имунолошки одговор против ковид 19, користејќи ги притоа гените на вирусот. За Ројтерс светски експерти изјавиле дека теоријата за која станува збор е мит што се шири низ светот од антиваксерите кои имаат за цел да создадат конфузија кај јавноста:
Со генетската модификација би се вршело намерно вметнување на туѓа ДНК во јадрото на човечката клетка, а тоа не се прави со вакцините. Вакцините функционираат така што го тренираат имунолошкиот систем да препознае еден патоген кога се обидува да го зарази телото – ова главно се прави со инјектирање на вирусни антигени или слаби живи вируси кои стимулираат имунолошки одговор преку производството на антитела.
ДНК [во ДНК вакцините] не се интегрира во клеточното јадро, така што ова не е генетска модификација, изјавил Марк Линас од групата Алијанса за наука на Универзитетот Корнел.
Според Светската Здравствена Организација (СЗО), ДНК вакцината вклучува нејзино директно вметнување во соодветните ткива на еден плазмид што ја содржи секвенцата на ДНК, која го кодира антигенот (антигените) против кој е потребен имунолошки одговор. Со други зборови, ДНК вакцината вклучува инјектирање на мал дел од генетскиот код на вирусот (ДНК или РНК) за да се стимулира имунолошкиот одговор кај еден пациент без инфекција.
Оваа постапка не создава генетски модифициран организам, кој според Oрганизацијата за храна и земјоделство (ФАО) е „организам во чиј генетски материјал е вметнат еден или повеќе гени од еден друг организам со примена на рекомбинантна ДНК технологија“.
Вакцинацијата е еден од најефикасните начини за спречување на болеста. Вакцината му помага на имунолошкиот систем да ги препознае и да се бори против патогените (фактори кои предизвикуваат болести) како што се вирусите или бактериите. Не е прв пат луѓето ширум светот да се вакцинираат за да се заштитат од некоја болест. Знаеме дека луѓето со години се соочувале со различни пандемии од кои спас била вакцината.
Треба да се истакне дека имунизацијата е глобална успешна приказна за здравјето и развојот, која секоја година спасува милиони животи. Вакцините го намалуваат ризикот од добивање на болеста соработувајќи со природната одбрана на вашето тело во создавање на заштитата.
Кога примате вакцина, вашиот имунолошки систем реагира. Денес имаме вакцини за спречување на повеќе од 20 болести опасни по живот, кои им помагаат на луѓето од сите возрасти да живеат подолг и поздрав живот. Во моментов, имунизацијата спречува 2-3 милиони смртни случаи секоја година од болести како што се дифтерија, тетанус, пертусис, грип и сипаници, појаснуваат од СЗО.
Кој е германскиот лекар Волфганг Водарг?
Вистина е дека Волфганг Водарг е лекар и политичар кој медицинската пракса ја напуштил уште од 1994 година, и е личност која е доста присутна по медиумите. Тој стана посебно познат за време на јавната дебата за ковид 19 кога тврдеше дека Сарс КоВ 2 е само еден од многуте безопасни вируси кој предизвикува сезонски респираторни инфекции. Поголемо внимание во јавноста, Волфганг Водарг, со еден поранешен работник на компанијата Фајзер, предизвикаа во декември минатата година кога ја пласираа теоријата според која вакцините против ковид 19, предизвикуваат неплодност кај жените. Оваа теорија беше негирана од други научници, но овие коментари влијаеа кај голем број на луѓе кои потоа се плашеа да се вакцинираат. Сега по речиси една година, со реални факти оваа шпекулативна теорија е побиена, има голем број на жени кои забремениле и родиле откако биле вакцинирани.
Волфганг Водарг е познат и по други контроверзни коментари во врска со пандемијата со ковид 19, кои беа оштро критикувани од научната фела, политичарите и медиумите. Според критичарите, тврдењата на Водарг се косат со потврдените факти. Некои од неговите изјави беа неосновани и честопати фактите презентирани од Водарг немаа никаква поврзаност едни со други.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар