Невремето кое го погоди Скопје е природен феномен, нема никаква врска со ХААРП

Според УХМР, невремето кое го погоди Скопје на 21.07.2026 е природен феномен, и не е предизвикано намерно со некаков геоинженеринг или ХААРП, какко што тоа го тврди објавата која ја анализираме.

Оркан/ураган според класификацијата за јачина на ветер, претставува ветер чија брзина надминува 118 km/h. Тоа е екстремно силен ветер кој на оваа територија се случува многу ретко и предизвикува силни разорувања и значајни штети во пошироки размери, објасни УХМР и нагласи дека орканскиот ветер е редок и разорувачки метеоролошки настан

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Епа, почитувани граѓани, посебно куп од вас кои се смеете, потсмевате, кои ја гледате само белата боја, ова што се случува 2 години во Македонија, овие денови и денес во Скопје, ви е доволен доказ дека оваа катаклизма и апокалипса е класичен геоинженеринг и ХАРП, кога успеа во рок од 10 минути да го уништи цело Скопје. Поставувам видео од Дебар маало и градски парк точно 30 дрва стари стотици години и бели дробови на Скопје искорнати апокалиптично. Да не слушнам веќе збор дека е ова Божја работа. Бог може само да нѐ чува, а ова е резултат на болни умови. Толку имав да ви кажам

Во врска со силното невреме кое на 21 јули го погоди Скопје, УХМР објави дека на Автоматската метеоролошка станица во Штип, во 17:00 часот, бил регистриран оркан со максимален удар на ветер од 134 km/h со правец запад-северозапад (WNW).

Во Скопската Котлина, на Автоматската метеоролошка станица Скопје, во 16:10 часот бил регистриран оркан со максимален удар од 130 km/h со правец север-северозапад (NNW).

Ветер со истата јачина од 130 km/h бил регистриран и на Автоматската метеоролошка станица Ново Село во Струмица, во 17:50 часот, со правец северозапад (NW).

Оркан/ураган според класификацијата за јачина на ветер, претставува ветер чија брзина надминува 118 km/h. Тоа е екстремно силен ветер кој на оваа територија се случува многу ретко и предизвикува силни разорувања и значајни штети во пошироки размери, објасни УХМР и нагласи дека орканскиот ветер е редок и разорувачки метеоролошки настан.

Значи, според УХМР, станува збор за природен феномен, а не за невреме предизвикано намерно со некаков геоинженеринг или ХААРП, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме.

Во врска со тоа што го предизвикало невремето, Јулијана Фиданоска-Мишкоска, дежурен синоптичар во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за Слободен печат објасни:

Изминатиов период имавме подолго време на топол бран од југ, имавме доста загреана атмосфера од една страна, од друга страна влага од Медитеранот, од Јадранот, што доведува до вака изразени нестабилности, со вертикален развој на кумулонимбусни облаци кои во текот на вчерашниот ден достигнаа вертикална брзина и до 16 километри.

Не е точно дека ХААРП има влијание врз климата

ХААРП е високофреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина, кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците направија лабораторија во Гакони, Аљаска, и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радиобранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас.

Работата на истражувачкиот објект беше префрлена од Воздухопловните сили на САД на Универзитетот Фербенкс на Алјаска, на 11 август 2015 г., дозволувајќи му на ХААРП да продолжи со истражување на јоносферската феноменологија преку договор за соработка за истражување и развој за користење на земјиштето.

Поради вградени нови технологии, САД овие антени ги употребуваат и во комуникациите и во особено длабоките делови од морињата или земјата. Но, не е точно тврдењето дека овие антени можат да влијаат врз промените на климата, дека предизвикуваат земјотреси, итн.

Самите научници го демантираат тврдењето дека со ХААРП се контролира климата. На сајтот на ХААРП поради бројните дезинформации и теории на заговор, чија мета е програмата, објавени се одговори на често поставувани прашања меѓу кои и тоа дали ХААРП може да го манипулира времето. Одговорот е негативен.

Не. Радиобрановите во фреквенцискиот опсег во кој трансмитира ХААРП, не се апсорбирани ниту во тропосферата ниту во стратосферата кои се двете нивоа на атмосферата кои ги произведуваат временските прилики. Бидејќи нема интеракција, нема шанса ниту да се контролира времето со ХААРП. Тоа е голем радиотрансмитер. Радиобрановите имаат интеракција со електрични полнења и струи и немаат значителна интеракција со тропосферата. Исто така, ни јоносферските бури кои се предизвикани од сонцето не влијаат на временските услови на Земјата. Па така, не влијае ни ХААРП, пишува на сајтот.

Само САД има ХААРП и не го користат за манипулација со временските прилики.

Вистиномер веќе има пишувано за тоа дека климата навистина е променета и јаглерод диоксидот има удел во тоа. Проверувачите на факти на ААП, го прашале професорот Брус Вард, истражувач на јоносферата на Универзитетот во Аделаида, Австралија, дали има можност ХААРП да влијае врз времето?

Категорично не, изјавил професорот Вард.

Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција