Невремето во Скопје нема никаква врска ниту со ХААРП, ниту со некакви тајни НАТО операции
Штетите како откорнати дрвја, оштетени покриви и возила во Скопје можат да бидат последица на силно невреме проследено со оркански ветрови, што е нормална метеоролошка појава. За тврдењето дека се предизвикани со ХААРП, како што тоа го прави објавата што ја анализираме, би требало да постојат проверливи мерења и докази, а такви нема.
Штетите како откорнати дрвја, оштетени покриви и возила во Скопје можат да бидат последица на силно невреме проследено со оркански ветрови, што е нормална метеоролошка појава. За тврдењето дека се предизвикани со ХААРП, како што тоа го прави објавата што ја анализираме, би требало да постојат проверливи мерења и докази, а такви нема. Што се однесува до тврдењето во објавата дека „додека сите гледаа во штетите, на скопскиот аеродром слета најголемиот американски товарен воен авион“, не најдовме потврда дека во тој конкретен период на аеродромот во Скопје слетал „најголемиот американски товарен воен авион“ (на пример C-5 Galaxy или C-17 Globemaster III), ниту официјален податок за таков лет
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
За сите #ШУТРАЦИ што гласаа за влез во НАТО.
Пред два дена во Скопје дејствуваше ХАРП….
Причина??Фокусот…цело внимание насочено на откорнатите дрвја, покривите кои летаа, искршени коли…..Во исто време….На скопскиот аеродром слета #најголемиот #амерички #товарен #воен #авион!!!!Нити една вест во медиумите…зошто слета во Скопје, што носеше???
Се си мислам неговиот #товар ќе заврши на #Криволак….па од Криволак правец….#Иран.
Невремето што го погоди Скопје на 21 јули нема никаква врска со ХААРП, туку станува збор за природен феномен.
Во врска со тоа што го предизвикало невремето, Јулијана Фиданоска-Мишкоска, дежурен синоптичар во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за Слободен печат објасни:
Изминатиов период имавме подолго време на топол бран од југ, имавме доста загреана атмосфера од една страна, од друга страна влага од Медитеранот, од Јадранот, што доведува до вака изразени нестабилности, со вертикален развој на кумулонимбусни облаци кои во текот на вчерашниот ден достигнаа вертикална брзина и до 16 километри.
ХААРП (High-frequency Active Auroral Research Program) е истражувачки систем во Алјаска што испитува јоносфера. Нема научни докази дека може да предизвика локални временски непогоди, силни ветрови, невреме или „насочени“ бури над одреден град.
Самите научници го демантираат тврдењето дека со ХААРП се контролира климата. На сајтот на ХААРП поради бројните дезинформации и теории на заговор, чија мета е програмата, објавени се одговори на често поставувани прашања меѓу кои и тоа дали ХААРП може да го манипулира времето. Одговорот е негативен.
Не. Радиобрановите во фреквенцискиот опсег во кој трансмитира ХААРП, не се апсорбирани ниту во тропосферата ниту во стратосферата кои се двете нивоа на атмосферата кои ги произведуваат временските прилики. Бидејќи нема интеракција, нема шанса ниту да се контролира времето со ХААРП. Тоа е голем радиотрансмитер. Радиобрановите имаат интеракција со електрични полнења и струи и немаат значителна интеракција со тропосферата. Исто така, ни јоносферските бури кои се предизвикани од сонцето не влијаат на временските услови на Земјата. Па така, не влијае ни ХААРП, пишува на сајтот.
Само САД има ХААРП и не го користат за манипулација со временските прилики.
Штетите како откорнати дрвја, оштетени покриви и возила во Скопје можат да бидат последица на силно невреме проследено со оркански ветрови, што е нормална метеоролошка појава. За да се тврди дека е предизвикано со ХААРП, како што тоа го прави објавата што ја анализираме, би требале да постојат проверливи мерења и докази, а такви нема.
Што се однесува до тврдењето во објавата дека „додека сите гледаа во штетите, на скопскиот аеродром слета најголемиот американски товарен воен авион“, не најдовме потврда дека во тој конкретен период на аеродромот во Скопје слетал „најголемиот американски товарен воен авион“ (на пример C-5 Galaxy или C-17 Globemaster III), ниту официјален податок за таков лет.
Можно е воени авиони да користат аеродроми во регионот, особено поради НАТО активности, но тоа само по себе не значи дека станува збор за тајна операција.
Вистиномер на социјалните мрежи најде снимки од таков авион прикажан во објавата како слетал на скопскиот аеродром, но тие снимки се од пред неколку месеци. Во описот на видеата се наведува:
Обединето Кралство – Ербас А400М Атлас на Кралските воздухопловни сили се движи по слетната писта на Меѓународниот аеродром Скопје.
Но, нема јавен доказ дека носел оружје, муниција или товар поврзан со Иран. A400M редовно се користи за воени вежби, логистика, транспорт на персонал, опрема, хуманитарни мисии, НАТО активности…
Факт е дека полигонот „Криволак“ се користи за меѓународни воени вежби со НАТО партнери. На пример, вежбата „Trojan Footprint 26“ вклучувала американски, британски и други воени сили на Криволак.
Но, од тоа не произлегува дека има испорака на оружје за Иран, дека постои план за напад врз Иран или дека секој воен транспорт е поврзан со таква операција. Таков заклучок бара конкретни докази (документи, декларација на товар, официјални изјави), а не само временска совпадливост.
Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар