Никаде ги нема новите четири градинки што Муцунски им ги вети на аеродромци
Во програмата за последните градоначалнички избори (октомври 2021), Тимчо Муцунски вети дека во Општина Аеродром ќе изгради четири нови градинки. Од планираните градинки што требаше да никнат во населбите Острово, Мичурин, Лисиче и Долно Лисиче, започнати се градежните активности само за онаа во Мичурин – детската градинка „Изворче“. Но оваа градинка е далеку од готова. За другите нема ни трага ни глас. Дополнително, во населбата Лисиче на местото каде што се планираше градинката, сега има „спортско рекреативен комплекс“
Во програмата за последните градоначалнички избори (октомври 2021), Тимчо Муцунски вети дека во Општина Аеродром ќе изгради четири нови градинки. Од планираните градинки што требаше да никнат во населбите Острово, Мичурин, Лисиче и Долно Лисиче, започнати се градежните активности само за онаа во Мичурин – детската градинка „Изворче“. Но оваа градинка е далеку од готова. За другите нема ни трага ни глас. Дополнително, во населбата Лисиче на местото каде што се планираше градинката, сега има „спортско рекреативен комплекс“
Ветување: НОВИ ДЕТСКИ ГРАДИНКИ
Аеродром е најголема општина во град Скопје според бројот на жители. Потребата од нови капацитети за згрижување на децата од предучилишна возраст е огромна. Токму затоа ветуваме изградба на четири нови детски градинки со капацитет за 800 дечиња во следниве населени места: Острово, Лисиче, Мичурин и Долно Лисиче. Нашата визија е листата за чекање за влез во градинка да биде минато.
[…]
Ние се обврзуваме: До крајот на 2022 година најмалку една градинка ќе биде пуштена во употреба.
[Извор: Програма на Тимчи Муцунски „За Аеродром Гарантираме: Создади Нова Иднина! Стр.9; датум – октомври 2021 г.]
Образложение:
Доскорешниот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој по последните парламентарните избори (мај 2024) беше избран во новиот владин кабинет како министер за надворешни работи, за време на кампањата на локалните избори во октомври 2021 г. во својата програма вети дека ќе изгради четири нови градинки. Проверката на Вистиномер покажа дека ова изборно ветување досега (12.12.2024) е неисполнето.
Во промотивното видео објавено на фејсбук страницата на Муцунски за време на предизборната кампања (05.10.2021), може да се видат точните локациите каде што е планирано да никнат ветените градинки. Поточно, во населбите Острово – на тревникот помеѓу ул. Владимир Комаров и ул. Бојмија, на плацот наспроти ОУ „Браќа Миладиновци“; Мичурин – до основното училиште „Блаже Конески“; Лисиче – на тревникот на ул. Тодор Чангов и улица 25, позната како „Островска“; како и во Долно Лисиче – на просторот меѓу регионалниот пат 1106 и улица 5.
При теренската посета на четирите локации можевме да потврдиме дека е започната изградбата на само една од градинките – онаа кај ОУ „Блаже Конески“ во Мичурин, „Изворче“. Изградбата на оваа градинка започна на 13 август годинава, а на свечениот настан присуствуваа министерот Муцунски и премиерот Христијан Мицковски.
Од Општина Аеродром ни потврдија дека се гради само една од градинките. Прашани за тоа до каде се градежните активности во „Изворче“, но и за статусот на другите три градинки, од Општина Аеродром ни одговорија:
Ве информираме дека ја завршивме изградбата на детската градинка „Црвенкапа“ во Стар Аеродром, а отпочнавме и со изградба на нов објект на „Изворче“ со зголемен капацитет за 200 деца.
Исто така, работиме на проект за изградба на нова градинка во населбата Лисиче на местото на веќе постојниот објект „Пчелка 1“, кој ќе има двојно зголемен капацитет за прием на дечиња.
Во фаза сме и на утврдување погодна локација во Долно Лисиче во согласност со стандардите и нормативите за изградба на нова градинка, како и пристапност и можност за поврзување со инфраструктурата во овој дел од Аеродром.
…Би сакале да посочиме дека „Изворче“ е клон на детската градинка „Срничка“ и не е во склоп на ООУ „Блаже Конески“, туку се наоѓа во близина на ова основно училиште. Инаку, инвеститорот е воведен во работа, градежните активности се одвиваат согласно со планираната динамика, а рокот за завршување на изградбата според договорот е 12 месеци.
При увид на градежните активности може да се забележат две работи. Прво, градинката нема да се наоѓа на планираното плац како што прикажано во промотивното видео, туку на местото на игралиштето во училишниот двор што излегува на ул. Симеон Кавракиров. Иако во моментов оградата околу овој дел од дворот е обложена со високи метални табли, сепак од она што можеше да се види е дека иако има активност, градежна опрема и работници на терен, изградбата е далеку од готова.
Впрочем и во одговорот од Општината се посочува дека според договорот изградбата треба да заврши за 12 месеци. Па имајќи предвид дека градинката започна да се гради во август 2024, плановите се да биде готова до август 2025 година.
Од друга страна, на планираната локација во населба Острово, меѓу ул. Бомија и ул. Владимир Комаров, ги забележавме постојните (стари) надземни гаражи и редица паркирани возила на тротоарот во близина, а во средината на тревникот има некаква шупа. Со други зборови, градинка нема.
За оваа градинка не може да се најдат ниту какви било најави или вести во медиумите.
Слична е ситуацијата и со најавената градинка во населбата Долно Лисиче. Она што може да се види е дека на планираниот простор меѓу регионалниот пат 1106 и улица 5, исто така, нема ништо освен паркираните возила и кал. Во медиумите единствено што може да се најде е најава (јануари 2022 година) дека ќе се изгради градинката и дека е добиен нов ДУП (декември 2023 година) со кој ќе се овозможи да се стори истото.
Во населбата Лисиче, пак, на планираното место за новата градинка на ул.Тодор Чангов и улица 25 – позната како „Островска“, сега има. „спортско рекреативен комплекс“. Муцунски го најави овој проект на 10 април 2023 г., на крајот на летото објави дека градежните активности се во тек., а на 12 октомври 2023 година беше пуштен во употреба. Што значи доколку општината сака да го оствари ветувањето на Муцунски за изградба на нова градинка на оваа локација, ќе мора прво да го сруши овој спортско рекреативен комплекс или да најде друго соодветно место за градинка во населбата.
Градинката „Црвенкпа“ е изградена, но од кого?
Инаку, за време на мандатот на Муцунски се комплетираше и беше пуштена во употреба градинката „Црвенкапа“ во Стар Аеродром. Но, изградбата на оваа градинка ја започна претходниот градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, уште во јуни 2021 г.
Овој факт се потврдува со тоа што само десет дена откога Државната изборна комисија ги објави конечните резултати од локалните избори на 23.10.2021 и Муцунски ја презеде градоначалничката фотелја, тој направи увид на градежните активности (02.11.2021) и од фотографиите кои самиот ги објави на неговиот Фејсбук профил може да се види дека градинката „Црвенкапа“ е изѕидана..
.
Сето ова вреди да се потенцира, бидејќи објавите од официјалниот профил на Муцунски беа вешто скроени, така што во отсуство на информации дека овој проект е „постар“ од неговиот мандат се добива впечаток како тој небаре со светлосна брзина да ја испорачал изградбата на оваа градинка и да го остварува предизборното ветување. А, всушност, градежните активности продолжиле за време на неговиот мандат.
Уште веднаш започнуваме постапка за изградба на две нови градинки. Во нашата програма ветивме четири нови градинки кои ќе ги реализираме.
Денеска заедно со Претседателот на Советот Дејан Митески извршивме увид во градежните активности кај градинката „Црвенкапа“. Правиме сè во наша надлежност за подобар живот во Општина Аеродром,“ пишува во објавата од официјалниот профил на Муцунски.
Исто така, треба да се спомене дека за време на неговиот мандат беше реновирана внатрешноста на детската градинка „Калинка“, „Буба Мара“ доби нова сензорна соба и „Пчелка 2“ имаше целосна реконструкција.
Сепак, во Општина Аеродром досега (12.12. 2024) не се изградени четирите нови градинки како што вети Муцунски пред локалните избори во 2021 година кога ја бараше поддршката од жителите на Аеродром.
Затоа, според изнесените факти погоре, можеме да заклучиме дека предизборното ветување на доскорешниот градоначалник и сегашен министер, Муцунски за изградба на четири нови градинки во населбите Острово, Лисиче, Мичурин и Долно Лисиче, досега (12.12.2024).не е исполнето.
Извори:
- (10.2021) Предизборна програма: Тимчо Муцунски – [проверено на 12.12.2024]
- (05.10.2021) Промотивно видео за градинките: Официјален ФБ профил на Тимчо Муцунски – [проверено на 12.12.2024]
- (21.12.2022) Независен: Нова детска градинка во Аеродром – [проверено на 12.12.2024]
- (02.06.2021) Канал 5: Се гради нов објект на детската градинка „Црвенкапа“ – [проверено на 12.12.2024]
- (23.10.2021) Државна Изборна Комисија: Конечни резултати од локални избори 2021 – [проверено на 12.12.2024]
Оцени: Матеј Тројачанец
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар