Никако да стивнат дезинформациите за Зеленски – мегафоните на Кремљ на најјако

Фото: колаж од Photo by sq lim on Unsplash и President Of Ukraine from Україна, via Wikimedia Commons

Без никакви докази се тврди дека Американската агенција за меѓународен развој (USAID) платила 4 милиони долари за да го прогласи украинскиот претседател Володомир Зеленски за „Личност на годината“. Исто така, медиумскиот мегафон на Кремљ – Спутник, ја рашири дезинформацијата дека Врховната рада одбила да му го продолжи мандатот на Зеленски

Без никакви докази се тврди дека Американската агенција за меѓународен развој (USAID) платила 4 милиони долари за да го прогласи украинскиот претседател Володомир Зеленски за „Личност на годината“. Исто така, медиумскиот мегафон на Кремљ – Спутник, ја рашири дезинформацијата дека Врховната рада одбила да му го продолжи мандатот на Зеленски

 

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

По започнувањето на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, меѓу првите државници кои ја посетија Белата куќа беше и Володомир Зеленски. Иако пред оваа средба односите меѓу двајцата претседатели беа  коректни, сега се некако прилично затегнати. Оваа средба беше тензична и на висок тон, имаше вербална расправија, а во еден момент Трамп дури му се закани на Зеленски дека „се коцка со трета светска војна“.  Во еден друг настап, пак, Трамп го обвини Зеленски за војната со Русија, нагласувајќи дека тој „можел да постигне договор“ за мир. 

Сето ова дојде како „кец на десетка“ за руските пропаганди мрежи, кои веќе со години наназад имаат стратешка задача да го тргнат настрана украинскиот претседател. Вистиномер има рецензирано огромен број  дезинформации насочени кон Зеленски и неговото семејство, а заради целата оваа хаотична ситуација со Трамп, има наплив на уште еден куп нови дезинформации, но и повторување на старите наративи.

Дезинформациите за Зеленски следат неколку обрасци. Едни тврдења велат дека тој ја злоупотребува странската помош за луксузни набавки (вили, автомобили и јахти). Друг корпус на манипулирани содржини користат слики и видеа генерирани со вештачка интелигенција кои прикажуваат лажни дејства што Зеленски не ги направил (тука, тука, тука и тука). А, најлошиот образец за дезинформации го прикажуваат како фашист и диктатор кој ја предизвикал војната

Истовремено се шират и нови дезинформации, но овој пат со американски шмек. На Х (поранешен Твитер) почна да се шири лагата дека Американската агенција за меѓународен развој, колоквијално позната како USAID, платила на Тајм магазинот 4 милиони долари за да го прогласи Зеленски „Личност на годината“ и да го стави на нивната насловна страна:

Фото: насловна страница на Тајм магазинот од од 26.12.2022/ 09.01.2023

Оваа објава стана дотолку вирална што се прошири низ повеќе земји и ја рецензираа колегите проверувачи на факти од АФП и 20мин (Франција), Делфи и 15мин (Литванија), Инфо Веритас (Шпанија), Демагог (Полска), Раскринкавање (Црна Гора), и Еленика Хоуксес (Грција). Накратко, во објавата (која иако е избришана, е архивирана тука) се споделува видео, божем од американскиот Њујорк Поуст (New York Post), во кое наводно се потврдува овој „факт“. Но, колегите од АФП проверија во Њујорк Поуст, од каде што потврдија дека такво видео не постои. Наводите ги проверија и во Тајм магазинот од каде што велат:

Тајм не беше платен од УСАИД или кој било друг ентитет за да го избере Зеленски за личност на годината, [личност] која се избира исклучиво од уредниците на Тајм,  гласноговорникот на магазинот сподели со АФП.

Наводната четиримилионска сума не може да се најде ниту на владиниот сајт usaspending.gov каде може да се пребаруваат трошоците.

Украинскиот Центар за справување со дезинформации, исто така, потврди дека се работи за лажна информација:

Следната дезинформација која кружеше на социјалните мрежи е дека Зеленски ја има изгубено довербата не само кај својот народ, туку и кај пратениците од Врховната рада (украинското собрание). Медиумскиот мегафон на Кремљ – Спутник ја пренесе „веста“ дека пратениците од Врховната рада одбилe да му го продолжат мандатот и таа брзо беше преземена од Новости.рс и Вести365.рс.

Како што пишуваат колегите од Раскринкавање, но и како што Вистиномер веќе неколку пати пишуваше на оваа тема, иако петтгодишниот мандат на Зеленски требаше да заврши минатата година, уставот на Украина предвидува дека во исклучителни случаи како на пример во воена состојба, може да се продолжи мандатот на претседателот и Врховната рада. Тоа значи, како прво, дека мандатот се продолжува и по официјалното истекување, и трае додека воената состојба не заврши или додека повторно не може да се организираат безбедни избори во кои нема да има закана од руско бомбардирање. 

Како второ, Резолуцијата бр.13038 којашто ја разгледуваше украинскиот собрание на 24 февруари нема врска со правниот процес за продолжување на мандатот на Зеленски. Всушност, во „Резолуцијата на Врховната рада за поддршка на демократијата во Украина во контекст на агресијата на Руската Федерација“ се потврдува неможноста да се одржат слободни и фер избори во Украина додека земјата е во вонредна состојба и војната сè уште трае. И, исто така, таа ја потврдува посветеноста на Украина да закаже и одржи избори веднаш штом  ќе се воспостави прекин на огнот.

Точно е дека Резолуцијата не ги добила потребните 226 гласа за да биде изгласана во Собранието. Но еден ден подоцна, на 25 февруари истата резолуција ги добива потребните гласови и ги афирмира изборите по примирјето на огнот, кога и да се случи тоа.

Сите стари, но особено и новите дезинформации имаат една цел – да ги поткопаат угледот и поддршката што ја добива Зеленски од народот и меѓународните партнерите. А, со оглед на тоа што децинформациските напади на Украина и нејзиниот претседател траат со години, извесно е дека овие два најнови нема да бидат последни, несомнено дека таквите наративи ќе се шират сѐ додека Зеленски е симбол на украинскиот отпор.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција